Како и првата генерација така и оваа втора генерација на Ford Kuga е доста успешен модел за Ford уште од своето претставување.Во големина Кuga е над моделот Ecosport, a под моделот Edge. Должината на возилото изнесува 4.524мм, ширината е 2.086мм и висината е 1.701мм.

При крајот на 2016 година Kuga го доби својот фејслифт за да има малку помодерен изглед-променети се предниот и задниот браник, нови предни и задни светла, нови дизајни за бандажите и уште некои ситници. Дизајнот е интересен и изгледа убаво, но некои од конкурентните модели имаат малку постилски дизајн и изгледаат попривлечно.
Достапни се пет нивоа на опременост: Trend, Business, Titanium, ST-Line и луксузното Vignale.
Тестираниот модел беше во Trend нивото со уште нешто плус дополнителна опрема.Нивото кое што би ви го препорачал и кое е најисплатливо е Business бидејќи доаѓа со доста богата стандардна опрема.
Ентериерот во Kuga е од тој тип што или Ви се допаѓа многу или не Ви се допаѓа ич. Целиот дизајн изгледа малку застарено во споредба со некои од конкурентните модели. Повеќето материјали се меки на допир и од добар квалитет, но како одите надолу кај централната конзола и вратите материјалите стануваат потврди, што е океј бидејќи кај сите модели од оваа класа е така. Сепак во повисоките нивоа на опременост добивате малку подобри материјали и различни видови на трим со што не е се така црно и ентериерот изгледа за нијанса полуксузно. Она што мене лично не ми се допаѓа е тоа што имате премногу копчиња и контроли пред Вас, а кога прв пат ќе седнете внатре е малку збунувачки и ќе Ви треба време да се снајдете кое копче за што е. Конкретно во овој модел тие копчиња на централната конзола ги има повеќе бидејќи го има стандардниот 4.2 инчен дисплеј, а пола од нив ќе ги снема ако го земете поголемиот 8 инчен дисплеј. Стандардниот систем е добар и добивате Bluetooth, USB приклучоци и Voice control, но дефинитивно би Ви препорачал да го земете 8 инчниот дисплеј зошто го добивате со најновиот SYNC 3 систем, поддршка за поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto, полесен е за користење и изгледа многу поубаво.
Просторот на предните седишта е сосема доволен и за повисоки луѓе, а идеална возачка позиција ќе може многу лесно да најдете бидејќи воланот се мести по висина и длабочина и исто така има доста подесувања за седиштата. На задните седишта удобно ќе може да се сместат луѓе до 195cm со што ќе имаат доволно простор за нозете и главата и патувањето ќе Ви биде уживанција, плус задните седишта се навалуваат за неколку степени и ќе може комотно да се сместите. По потреба може да се сместат и тројца патници, но не за некои предолги патувања бидејќи сите ќе се чувствуваат малку стиснато. Добро е тоа што подот е рамен и сите ќе имаат доволно место за нозете. Во багажникот на располагање имате 456 литри што во споредба со некои конкурентни модели е многу помалку. Сепак има сосема доволно простор за сите потребни работи на едно семејство, а ставањето и вадењето работи од него е многу лесно бидејќи подот е комплетно рамен и отворањето е широко. Делливи задни седишта(60:40) се стандард и доколку ги спуштите багажниот простор прераснува на 1.603 литри.
Може да одберете помеѓу три бензински и четири дизел мотори:
Бензински:
1.5 EcoBoost со 120 коњски сили
1.5 EcoBoost со 150 коњски сили
1.5 EcoBoost со 182 коњски сили
Дизел:
1.5 TDCi со 120 коњски сили
2.0 TDCi со 120 коњски сили
2.0 TDCi со 150 коњски сили
2.0 TDCi со 180 коњски сили
Повеќето од овие мотори може да ги земете и со автоматски менувач, а исто така како опција достапен е и 4WD системот.
Тестираниот модел беше со 2.0 TDCi дизел мотор со 150 коњски сили и 370Nm вртежен момент.100 км/ч достигнува за 12 секунди, а максималната брзина изнесува 180 км/ч-што се сосема доволни бројки. Според мене токму овој мотор е најдобриот избор за Kuga бидејќи перформансите се повеќе од доволни и идеални за возилото, а особено би Ви го препорачал овој мотор ако поминувате многу километри на отворен пат. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 8.5 до 9 литри на 100 изминати километри. Кога станува збор за 4WD системот, ако не планирате често да одите на некое екстремно off-road возење, искрено нема да ви е воопшто потребно и тие екстра пари подобро дадете ги за некоја друга дополнителна опрема што би ја користеле повеќе.
Во TREND нивото добивате стандардна опрема како што се: Помош при нагло сопирање, систем за намалување на ризик од странично превртување, систем за контрола на приколка, помош при тргнување на нагорнина, keyless entry, патен компјутер, темпомат, 4.2 инчен дисплеј за радиото со 6 звучника(USB, Bluetooth, voice control), спортски предни седишта, лумбална поддршка на возачко седиште, мануелен клима уред, 4.2 инчен дисплеј на инструмент таблата, 17 инчни алуминиумски бандажи и уште многу друго…
Kuga е дефинитивно меѓу најдинамичните модели во својата класа!
Навистина ме изненади тоа што за SUV модел е доста стабилен и нема премногу навалување во кривини-едноставно ќе уживате во возењето. Суспензијата одлично се справува со сите нерамнини на патот, а добро е и тоа што го нема она “тресење” на некој нерамен пат како кај некои други SUV модели од оваа класа. Воланот е прецизен и ја има перфектната тежина при маневрирање, а мануелниот менувач на Ford е еден од подобрите. Поради тоа што позицијата на седење е повисока прегледноста од сите страни е одлична, а тоа го прави возењето низ град доста лесно. На отворен пат возењето е удобно и релаксирано, а поради добрата изолација која ја има исто така е и доста тивко. Доколку ова возило со стандардната суспензија не Ви е доволно стабилно, ST-Line моделот има за неколку милиметри пониска суспензија и малку потврда, да со таа суспензија возилото ќе биде доста постабилно и подинамично, но треба да имате во предвид дека возењето низ град и на пат кој има нерамнини нема да биде удобно како моделите со стандардна суспензија.
Цената на тестираниот модел изнесува 24.900€.
Повеќе информации за возилото може да најдете на http://ford.mk/ford-kuga или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс!













