Kia со три новитети за македонскиот пазар – новиот Seltos, Sportage MY2027 и фејслифт XCeed

Kia продолжува со обновување на својата понуда на македонскиот пазар, три модели кои носат важни новини во гамата на корејскиот производител. Главната ѕвезда на настанот беше целосно новиот Seltos, кој официјално почнува со продажба во Македонија. Покрај него, беа претставени и новостите за Sportage, кој за новата моделска година добива освежена понуда и четири нивоа на опременост, а тука е и новиот фејслифт XCeed. Трите модели се прилично различни по карактер и позиционирање, но заедничко им е тоа што Kia продолжува да ја проширува понудата со повеќе технологија, модерни системи за асистенција и богата опрема уште од пониските нивоа.

Најголемо внимание на настанот секако привлече Seltos – модел кој досега не беше дел од официјалната понуда на Kia во Македонија, а сега пристигнува како целосно нова опција во SUV гамата. Дизајнерски, Seltos остава впечаток на модерен и прилично самоуверен SUV, со пропорции кои го позиционираат помеѓу Sportage и XCeed. Тоа е автомобил кој очигледно е развиен со идеја да понуди практичност и повисока позиција на седење, но истовремено да не изгледа како класичен компактен SUV. 

Она што е особено интересно за македонскиот пазар е изборот на погонската единица. Seltos кај нас пристигнува со 1.6-литарски T-GDi турбо бензински мотор со четири цилиндри, кој развива 180 КС и 265 Nm, достапен со шестстепен мануелен или седумстепен DCT автоматски менувач. Во комбинација со DCT7, купувачите можат да изберат и AWD погон на сите четири тркала.

Во бројки, Seltos со преден погон и DCT7 забрзува од 0 до 100 км/ч за 8,8 секунди, додека максималната брзина изнесува 208 км/ч. Верзијата со AWD до 100 км/ч стигнува за 9,0 секунди, а максималната брзина е 205 км/ч. Но, Seltos не се потпира само на моторот. Kia кај моделот за македонскиот пазар нуди четири нивоа на опременост – Light, Experience, Reference и GT Line.

Уште од почетното ниво се добива 12,3-инчен мултимедијален дисплеј со навигација, Apple CarPlay, Android Auto и Kia Connect, а во листата на безбедносна опрема се наоѓаат системи како FCA, LKA, LFA, BCA, HBA, следење на слепа точка и повеќе други асистенти. Со повисоките нивоа, Seltos станува уште поинтересен. Reference и GT Line носат кожен ентериер, греење на предните и задните седишта, вентилација на предните седишта, електрично подесување со меморија, а кај највисокото ниво добиваме и 10-инчен Head-Up дисплеј, премиум возачко седиште со функција за релаксација, панорамски кров и 19-инчни тркала. Со други зборови, Seltos пристигнува во Македонија како компактен SUV кој не сака да биде само практична опција, туку да понуди и сериозно ниво на технологија и опрема. Почетната цена за Kia Seltos изнесува 26.900 евра.

Вториот важен дел од презентацијата беше посветен на Sportage, модел кој веќе е добро познат на македонскиот пазар, но за моделската 2027 година пристигнува со промени во понудата. Една од поважните новини е тоа што Sportage сега е достапен во четири нивоа на опременост – Light, Experience, Reference и GT Line.

Во поглед на моторизацијата, понудата останува базирана на 1.6 T-GDi бензинскиот мотор, но со две нивоа на моќност – 150 КС и 250 Nm, односно 180 КС и 265 Nm. Во зависност од конфигурацијата, достапни се шестстепен мануелен или седумстепен DCT менувач, како и FWD или AWD погон. 

Она што особено привлече внимание е промената во понудата на опрема. Веќе од Experience нивото, Sportage добива 12,3-инчен дигитален инструмент кластер, додека повисоките нивоа носат Harman/Kardon аудио систем, безжичен полнач, амбиентално осветлување, кожни седишта, греење на предните и задните седишта и вентилација на предните седишта. На врвот на понудата е GT Line, кој дополнително носи 19-инчни тркала, панорамски кров, 10-инчен Head-Up дисплеј и најнапредните системи за асистенција во гамата, вклучувајќи HDA 2 и SVM камера со приказ од 360 степени.

И покрај тоа што Sportage не е нов модел, промените во MY2027 понудата го прават уште пофлексибилен за различни типови купувачи – од оние кои сакаат добро опремен SUV со разумна конфигурација, па сè до оние кои сакаат повисоко ниво на луксуз и технологија. Цената за Kia Sportage во Light ниво изнесува 28.800 евра.

Третиот модел кој беше претставен на настанот беше новиот фејслифт XCeed, кој сега добива освежување и на надворешноста и во внатрешноста – и продолжува да биде една од поинтересните алтернативи во гамата на Kia. XCeed отсекогаш бил малку поинаков од класичниот SUV концепт. Има повисока позиција и робусен изглед, но задржува покомпактни димензии и пониска силуета. Токму поради тоа делува како интересна комбинација помеѓу класичен хечбек и кросовер.

Новиот XCeed се нуди со две бензински опции. Основата ја претставува 1.0 T-GDi со три цилиндри, 115 КС и 200 Nm, комбиниран со шестстепен мануелен менувач. За оние кои бараат повеќе перформанси, тука е 1.6 T-GDi со четири цилиндри, 150 КС и 250 Nm, кој се испорачува со седумстепен DCT автоматски менувач и преден погон.

И XCeed добива три нивоа на опременост – Light, Experience и Reference. Уште од основното ниво се добиваат LED светла, 12,3-инчен мултимедијален систем со навигација, Apple CarPlay, Android Auto и Kia Connect, додека повисоките нивоа носат 12,3-инчна дигитална инструмент табла, безжичен полнач, адаптивен темпомат и дополнителни системи за асистенција. Највисокото Reference ниво оди чекор понатаму со JBL аудио систем, кожен ентериер, вентилација на предните седишта и електрично подесување на возачкото седиште со меморија. Цените за XCeed започнуваат од 23.950 евра.

Она што го покажа овој настан е дека Kia во Македонија влегува во новата моделска година со прилично освежена понуда. Со Seltos, брендот добива нов модел во SUV сегментот, со модерен дизајн. Sportage продолжува да биде еден од клучните модели во гамата, но со MY2027 добива појасно дефинирана понуда со четири нивоа на опременост. XCeed, пак, останува поинаква опција – автомобил за оние кои сакаат изглед и практичност на кросовер, но во покомпактно и пониско пакување.

Она што е можеби најинтересно е што кај сите три модели технологијата и безбедносните системи имаат значајно место, а повисоките нивоа на опрема носат карактеристики кои до неодамна ги очекувавме главно кај повисоките класи автомобили.

Повеќе информации за сите автомобили може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia.