Од почетокот на својата работа во Македонија, Geely нудеше два модели – големиот Atlas Pro и компактниот Coolray. Потоа како замена за Atlas Pro пристигна Starray, а сега Geely ја зајакнува својата понуда на нашиот пазар со новиот Cityray и електричниот EX5. Моделот Cityray доаѓа како природен додаток на гамата, адресирајќи се на клиентите кои бараат модерен урбан теренец кој комбинира футуристички дизајн со најсовремена технологија и практичност.
Иако неговото име на прв поглед може да сугерира мал модел, посветен исклучиво на урбаната средина, Cityray всушност е дел од B-SUV сегментот, исклучително популарен сегмент во Европа и е директен конкурент на модели како што се Nissan Qashqai, Skoda Karoq, Kia Sportage, Hyundai Tucson и така натаму.
Спецификациите за димензии го ставаат Cityray во очекуваната средна позиција. Должината од 4510 мм го става 130 мм над Coolray (4380 мм), но 160 мм под Starray (4670 мм). Ширината од 1865 мм ја следи истата прогресивна логика, во споредба со 1810 мм за Coolray и 1900 мм за Starray. Висината од 1650 мм спаѓа помеѓу 1615 мм на Coolray и 1705 мм на Starray. Меѓуоскиното растојание од 2701 мм го надминува Coolray (2600 мм), но останува под Starray (2777 мм). Клиренсот од 200 мм ја обезбедува потребната способност за градска употреба и повремено возење надвор од патот, а воедно ја одржува маневрираноста типична за компактно возило.
Cityray изгледа како минијатурен Starray, но развива посебна личност преку покомпактни пропорции и подинамични елементи на дизајнот. Визуелниот јазик комбинира контролирана агресија со функционална елеганција типична за брендот Geely. Првото нешто што се издвојува на предниот дел е светлосниот потпис во облик на буквата „Т“ и LED што се протега по целиот преден дел. Сето ова му дава една доза на уникатност на автомобилот.
Страничната силуета е малку навалена кон задниот дел, а пластичните елементи на дното од вратите го засилуваат изгледот на SUV. Стандардните тркала на основната GK верзија се 18 инчи, но кај повисоките верзии, GF (како тест примерокот) и GF+ Sport, ќе добиете 19-инчни тркала во двобојна боја или црна боја.
Истиот мотив се наоѓа и на задниот дел, каде што целосна светлосна лента ги поврзува светлата во облик на бумеранг, а под нив се наоѓаат два лажни отвори за воздух. Вистинските, сепак, се четирите издувни цевки, кои се опкружени со спортски дифузер. Над задната врата се наоѓа спојлер со централно поставено стоп-светло, слично на она кај болидите од Формула 1.
Во целосна хармонија со најновите трендови во автомобилскиот дизајн, ентериерот е исклучително чист, со минимален број копчиња. Централното место на контролната табла го зазема вертикално поставен екран од 13,2 инчи, кој изненадува со својата висока резолуција и добар квалитет на сликата. До него, пред возачот се наоѓа инструмент табла од 10,25 инчи, која дава информации за сите податоци што му се потребни на возачот, нешто што го гледаме сè почесто кај многу други модели.
Како што споменав претходно, физичките копчиња се сведени на минимум. Имаме неколку на воланот, едно за четири трепкачи, копче за старт-стоп, рачната сопирачка и прозорците на секоја врата. Тоа е тоа. Сите други функции се пристапуваат исклучиво од централниот екран на допир, без разлика дали зборуваме за контрола на климата или за избор на режими на возење. Дури и отворањето и затворањето на панорамскиот сончев покрив е преку екранот – и тоа во под мени. Иако овој тип на распоред веројатно има свои обожаватели, јас повеќе би сакал да има присуство на копчиња, барем за некои функции. Тука е и малку незгодното прилагодување на ретровизорите преку централниот екран и копчињата на воланот (во стилот на Tesla), како и опцијата за отворање на панорамскиот покрив, користејќи го само екранот.
Оперативниот систем поддржува Apple CarPlay, но не и Android Auto, а наместо тоа постои апликацијата AutoDo, која може да го проектира екранот на паметниот телефон на централниот екран. Сепак, верувам дека ќе има ажурирање на софтверот што ќе овозможи и користење на Android Auto. Процесорот Qualcomm Snapdragon 8155 обезбедува непречено работење на системот, користејќи 16GB RAM и 128GB внатрешна меморија. Аудио системот варира во зависност од опремата: четири звучници во основната верзија или осум звучници во повисоките верзии, при што втората нуди супериорен квалитет на звук за својот сегмент.
Панорамскиот систем на камери од 540 степени комбинира слики од четири камери со висока дефиниција, обезбедувајќи целосен поглед на околината, вклучувајќи поглед на долната страна. Квалитетот на сликата е добар, делумно компензирајќи го отсуството на предни сензори за паркирање (ни во највисокото ниво ги нема) – изненадувачки пропуст на ова ниво на опрема. Поврзувањето вклучува Bluetooth поддршка, USB-C и USB-A порти, плус вграден Wi-Fi со 4G поврзување. Безжичниот полнач од 15W овозможува брзо полнење без кабли, а врвната верзија има корист од два такви полначи.
И покрај веќе споменатите недостатоци, ентериерот на Cityray ме импресионираше со квалитетот на материјалите. За разлика од повеќето конкуренти и секако во спротивност со општото мислење за кинеските автомобили, новиот модел на Geely има материјали пријатни на допир, со еко-кожа на седиштата, воланот и панелите на вратите. Пластиките се исклучително меки на допир, особено на местата што често се допираат.
Електрично прилагодливите предни седишта со функција за меморија се удобни и нудат добра странична поддршка. И покрај високата централна конзола, просторот за колената е дарежлив, а просторот за главата е повеќе од доволен за човек висок 1,80 метри. Позицијата за возење е можеби малку превисока за мој вкус, но идеална за максимизирање на видливоста во урбани средини.
Како што и може да се очекува, Кинезите успеваат да направат магија кога станува збор за просторот на задниот дел. Двајца патници сосема удобно може да се возат на долги релации бидејќи простор за нозете е исклучително импресивен. По потреба може да се сместат и тројца патници, но така удобноста е малку нарушена – особено за патникот во средина.
Багажникот има волумен од 571 литар или 1271 литар со преклопени задни седишта, а изненадувањето на денот е присуството на резервно тркало, нешто што повеќето европски производители го занемаруваа со години. Подот е прилагдлив во две нивоа, а од страните има и дополнители отвори за некои помали работи.
Исто како и другите модели на брендот, така и Cityray е достапен само со еден погон. Погонскиот склоп развиен преку соработка на шведски и кинески инженери во рамките на Geely нуди успешна рамнотежа помеѓу перформансите и ефикасноста за секојдневна употреба. 1,5-литарскиот четирицилиндричен турбо мотор испорачува 174 коњски сили при 5.500 вртежи во минута и 290 Nm вртежен момент помеѓу 2.000-3.500 вртежи во минута. Овој погонски склоп има корист од уникатниот кинеско-шведски комбиниран инженеринг на Geely, демонстрирајќи извонредна техничка зрелост за сегментот.
Седумстепениот менувач со двојна спојка (7DCT) ја насочува моќноста исклучиво кон предните тркала. Овој „wet“ менувач се покажува ефикасен и во пренатрупани урбани средини и на отворени патишта. Спринтот од 0 до 100 км/ч се постигнува за 7,9 секунди, конкурентна бројка за неговата класа. Сепак, агресивниот дизајн не треба да биде заведувачки – Cityray претпочита удобност пред чисто спортските перформанси. Максималната брзина од 190 км/ч е повеќе од доволна за редовна употреба, при што возилото одржува стабилно однесување при брзини на крстарење на автопат. Во однос на потрошувачката, во строго градски средини таа се движи околу 9 литри, додека на автопат оваа бројка се намалува на околу 6.5-7 литри.
Од техничка перспектива, Cityray има повеќе сличности со Coolray отколку со Starray. Конструкцијата е базирана на платформата BMA 2.0 (B-сегмент модуларна архитектура), резултат на соработка помеѓу шведските и кинеските инженери од Geely. Оваа платформа фундаментално се разликува од архитектурата CMA (компактна модуларна архитектура) што се користи за Starray. Платформата BMA се издвојува по својата лесна и цврста конструкција, оптимизирајќи го балансот помеѓу ефикасноста на горивото и динамичките перформанси. Cityray има корист од мултилинк независно задно потпирање, подобрување во однос на полунезависното потпирање со торзиона оска на Coolray. Оваа техничка конфигурација носи мерливи придобивки во однесувањето на патот, подобрувајќи ја удобноста и стабилноста при поголеми брзини, без да се загрози урбаната агилност.
Каков е Cityray зад воланот? – Изненадувачки добро. Друга предност на кинеските автомобили е удобноста при возење, а Cityray ја чувствува во целост. Суспензијата успева да ги апсорбира и долгите и кратките и високите нерамнини со брилијантност. Иако на прв поглед би рекле дека моторот од 1,5 литри е премал за SUV од 1,5 тони, реалноста е поинаква. Не е спортски модел, но не изгледа бавно или со премалку моќност и перформансите се повеќе од доволни за мирно возење и брзо престигнување кога е потребно.
Достапни се четири режими на возење – Intelligent, Comfort, Sport и Eco, кои, искрено, не прават голема разлика, освен малку покрутото управување и повисоките промени на брзините. Седумстепениот менувач со двојна спојка има моменти кога „размислува“ малку повеќе, особено при цврсто притискање на педалата за гас. Управувањето е прецизно и обезбедува добра повратна информација, а страничното навалување на кривулести патишта е типично за сегментот. Независното мултилинк задно потпирање претставува техничка предност во однос на поедноставните решенија во сегментот. Конфигурацијата нуди поволен компромис за удобност без жртвување на стабилноста. Однесувањето на патот е предвидливо и лесно за совладување, без претерани спортски претензии, но со доволно агилност за секојдневните потреби. Клиренсот од 200 мм овозможува сигурно пристапување на малку груб терен.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната (промотивна) цена на Geely Cityray GK 1.5 7DCT изнесува 28.990 евра.
Цената на тестираниот модел Geely Cityray GF 1.5 7DCT изнесува 30.990 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Geely.

























