Новата втора генерација на популарната Toyota C-HR повторно пристигна на тест во „мојата гаража“. Првиот пат возев топ опремен C-HR во GR Sport ниво на опременост со 2.0-литарски хибиреден погон и AWD погон, а овој пат ќе зборуваме за верзија која е наменета за „големата маса“ на купувачи и токму онаа која треба да биде и најпопуларна на нашиот пазар. Поточно, станува збор за C-HR во второто Cult ниво на опременост со основниот 1.8-литарски хибриден погон.
Веќе поминаа речиси осум години од лансирањето на првата генерација на Toyota C-HR во 2016 година. Првпат го видовме како концепт автомобил наречен „Coupé High Rider“ на Paris Mondial de l’Automobile во 2014 година. Втората генерација претставува длабинска и ветувачка нова верзија на автомобилот.
Стилот на Toyota C-HR е доста успешен и поради уникатноста на многу луѓе им се допаѓа. Врз основа на успехот што го донесе на Стариот континент (повеќе од 700 илјади автомобили за седум години), Toyota C-HR го таргетира европскиот пазар повеќе од кога било. Затоа, тој е дизајниран и развиен специјално за европските потрошувачи и поради оваа причина изгледа уште похрабро. Бидејќи горенаведениот успех се должи пред сè на уникатниот дизајн.
Платформата GA-C останува иста од претходната генерација, но дополнително оптимизирана. Иако автомобилот го прифаќа општиот изглед на неговиот претходник, оваа втора генерација доаѓа уште повеќе да ги „меша“ острите рабови со заоблените линии. А предниот дел е изразен на дизајнерскиот јазик познат од новиот Prius и Aygo X. Додека задниот дел од друга страна е составен од повеќе геометриски форми и построги линии. Да, GR Sport верзијата што ја имав на тест претходно изгледа поинтересно благодарение на поспортските браници, големите 19-инчни тркала и двобојната каросерија, но и овој „основен“ C-HR успева да примами погледи на минувачите.
Новата Toyota C-HR се базира на петтата генерација на хибридната технологија на јапонскиот производител. Кој во својата основна верзија (како тестираниот примерок) е составен од 1.8-литарски четирилиндричен атмосферски мотор кој работи во Аткинсонов циклусот и испорачува 98 коњски сили и 142 Nm вртежен момент. Ова е дополнително спарено со електричен мотор од 94 коњски сили и 185 Nm вртежен момент, а вкупната системска моќност изнесува 140 коњски сили и 142 Nm вртежен момент. Силата оди кон предните тркала преку e-CVT менувач.
Така, овој хибриден сет, најмалку моќен во опсегот, е далеку од занемарлив во однос на перформансите. Забрзувањето од до 100 километри на час трае 9,9 секунди, додека максималната брзина е електронски лимитирана на 170 километри на час. Автомобилот се издвојува по незабележливата транзиција од бензински во електричен режим и генерално уживањето во возењето. Но, недостатоците поврзани со CVT менувачот сè уште постојат.
Првите неколку метри се возат во 100% електричен режим и ве исполнуваат со оптимизам дека, до степен до кој зависи од вас и возењето на C-HR, ќе ја спасите планетата. Се разбира, овој илузорен впечаток брзо се менува, бидејќи бензинскиот мотор стартува кога ќе надминете 20 км/ч. Се разбира, освен ако не сте го притиснале копчето „EV“ па во тој случај доколку е доволно полна батеријата ќе може малку подолго да возите само на струја.
И покрај тоа, нема да поминете повеќе од два километри поради малиот капацитет на батеријата (0,85 kWh). Сепак, батеријата брзо се полни, давајќи кратки, 100% електрични фази, кои во својот збир се доволни за одржување на потрошувачката, која во градски услови на возење е околу 5 литри. Значи, во градот новиот C-HR е повеќе од убедлив. И ако го игнорирате звучниот ефект на „миксер“ при зголемување на вртежите, поради CVT менувачот, C-HR останува пријатен во сите погледи.
Во ситуации надвор од градот, се открива дека воланот во споредба со претходниот модел добил повеќе прецизност, но не и повратни информации. Исто така новата генерација е малку поцврста, суспензијата не дозволува автомобилот досадно да се навалува при нагли промени во свиоци. Во исто време, тој е изненадувачки добар и на автопатски брзини, одржувајќи смирувачка динамична рамнотежа. Со 17-инчните тркала кои се стандардни во ова ниво на опременост, автомобилот е исклучително удобен и во кабината не се пренесуваат скоро никакви удари и вибрации.
Дополнително, подобрената звучна изолација многу подобро го филтрира брмчењето на моторот за време на забрзувањето. И како што се навикнувате на работата на менувачот, станувате повешт со педалата за гасот, елиминирајќи ги наглите забрзувања. Се разбира, кога C-HR е натоварен и се движи по планински патишта, овој феномен е неизбежен, со притискање на гасот, епицикличниот менувач ги ублажува вртежите, намалувајќи ги истовремено и фазите со високи вртежи.
И покрај „бучните“ испади, забрзувањата на C-HR опремен со 1.8-литарскиот хибриден погон се добри. Перформансите се и повеќе од задоволителни за урбана употреба. Освен многу добрата естетика и динамичноста, клучната силна страна на новата Toyota C-HR е потрошувачката. Toyota исто така потпиша дека хибридизацијата и автономијата одат рака под рака. Втората генерација на хибридниот кросовер не само што ја одржува ефикасноста на својот претходник, туку е и уште подобра.
Сепак, мора да се нагласи дека освен програмите за возење, ништо не ви дозволува да се мешате во електричниот одговор на C-HR – освен B режимот. Што, сепак, не е проблем бидејќи батеријата се полни кога ќе ја тргнете ногата од гасот. На удолнини и благодарение на бензинскиот мотор кој исто така придонесува за обновување на енергијата. Веќе спомнав дека потрошувачката во строго градски услови се движи околу 5 литри, но не е проблем да „се спушти“ и под тоа. На автопат, со возење според сообраќајните знаци потрошувачката изнесува околу 7 литри на 100 изминати километри.
Toyota C-HR ви посакува добредојде во познат ентериер. Напред, контролната табла се протега кон панелите на вратите, прегрнувајќи ги возачот и совозачот. Целата кабина има комплексни форми и елементи што допринесуваат за поинтересно чувство. Да, споредено со GR Sport верзијата, во ова ниво се добиваат стандардни седишта, нема амбиентално осветлување, централниот екран е помал, но реално има се што е навистина потребно.
Зад воланот имате корист од позицијата ориентирана кон возачот. Доволно за да се олесни читливоста на таблата со инструменти и пристапот до инфозабавниот систем. Инаку, дигиталната инструмент табла сега е стандард, па дури и во првото ниво на опременост нема да видите класични „стрелки“. Што се однесува до централниот екран наменет за инфозабавниот систем, во оваа верзија се добива помал екран кој е со големина од 8-инчи. Безжичното поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto се секако стандардна опрема заедно со системот Smart Connect на Toyota.
Овде имаме работа со поодговорен екран и побрз систем од порано, при што интерфејсот останува едноставен. Нема мени во боја или ѕид на апликации, со што се поедноставува ракувањето. Од друга страна, Toyota C-HR задржува (пре)многу класични физички копчиња, на воланот и на панелот под екранот кој се наменети за климатизација.
Самата позиција на возење ве тера да седите малку повисоко на седиштето направено од рециклирани материјали, држејќи го „веганскиот“ волан. Новиот C-HR користи двојно повеќе рециклирана пластика од неговиот претходник.
Распоредот во задниот дел не се менува на подобро во оваа втора генерација на C-HR – меѓуоскиното растојание е непроменето. Патниците со малку надпросечна висина ќе имаат мал проблем со просторот за колената, додека просторот за главата е малку подобрен, бидејќи седиштата се поставени пониско. Она што исто така останува тешко е пристапот до задните седишта, поради малиот опсег на отворање на вратите и закосениот покрив.
Што се однесува до багажникот, нема импресивни бројки, туку е во склад со конкурентите. Во оваа верзија со 1.8 хибриден погон, капацитетот на багажникот изнесува 388 литри, а просторот е во правилна форма и лесно може да направите убав распоред за куферите.
Оваа верзија на Toyota C-HR е наменета за луѓе кои не се премногу пребирливи во однос на максимална опрема и повпечатлив изглед, туку едноставно сакаат економичен автомобил кој ги содржи оние технологии и работи кои се навистина неопходни.
Стандардната опрема во ова Cult ниво на опременост содржи: 17-инчни бандажи, LED предни и задни светла, автоматски долги светла, двозонски автоматски клима уред, 8-инчен инфозабавен екран со wireless поврзување преку Apple CarPlay и Android Auto, текстилни седишта од рециклирани материјали, кожен мултифункционален волан, а тука се и сите системи за безбедност, како систем за избегнување фронтален судар, интелигентен адаптивен темпомат, задна паркинг камера, следење на мртва точка, систем за препознавање на сообраќајни знаци, систем за следење на коловозна лента, систем за итно сопирање и така натаму.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Toyota C-HR 1.8 HEV City изнесува 32.590 евра.
Цената на тестираниот модел Toyota C-HR 1.8 HEV Cult изнесува 33.990 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.



















