Citroën претстави целосно нов мотор за C5 Aircross кој ја носи ознаката Hybrid 136. Врз основа на компактната и лесна Hybrid 48V технологија, тој е составен од батерија од 48V која се полни за време на возење и PureTech бензинец со 136 коњски сили дизајниран специјално за да се прилагоди на овој нов хибриден систем и споен е со целосно нов ë-DCS6 менувач со електричен мотор од 21 kW.
Едноставна во неговата употреба, оваа хибридна технологија е совршено прилагодена за разновидниот C5 Aircross. Со само 129 g CO2/km емисија според комбинираниот WLTP циклус, верзијата C5 Aircross Hybrid 136 испушта 15% помалку CO2 од еквивалентната неелектрична бензинска верзија. Исто така, ги носи сите придобивки од електричната мобилност, од зголемено уживање во возењето до можност за возење во зони со ниска емисија на штетни гасови. Затоа, новиот Hybrid 136 погон е особено привлечен за C5 Aircross, SUV кој се издвојува од другите возила во својот сегмент благодарение на неговиот уникатен дизајн и став, како и неговата удобност.
Hybrid 136 верзијата го комплетира електрифицираниот опсег на C5 Aircross, кој ги вклучува plug-in Hybrid 180 и plug-in Hybrid 225. Тие веќе сочинуваат 40% од вкупната продажба на C5 Aircross. Со новиот погон, исто така, брендот ја подобрува и забрзува стратегијата за електрификација.
Благодарение на оваа 48V хибридна технологија, времето на возење во комбиниран циклус или во 100% електричен циклус без издувни гасови е доста оптимизирано, што значи поголема удобност при возење, намалена потрошувачка и помали емисии на CO2. Оваа лесна и компактна хибридна технологија се базира на – 1.2-литарски PureTech бензинец специјално развиен за хибридизација (40% од деловите се нови), кој испорачува 136 коњски сили при 5500 вртежи во минута и вртежен момент од 230 Nm при 1750 вртежи во минута. Изборот на турбополнач со променлива геометрија придонесува за подобрени перформанси и робусност.
Дополнително, тука е и синхрон електричен мотор со постојан магнет, способен да развие максимална моќност од 21 kW (28 КС) и вртежен момент од 55 Nm. Ова овозможува C5 Aircross да се вози 100% на струја при помали брзини, при маневрирање или забавување и му помага на бензинскиот мотор при палење. За време на забавувањето, тој делува како генератор за полнење на батеријата, што истовремено го намалува абењето на сопирачките. Стартерот со ремен, напојуван од 48V овозможува брзо и одговорно палење на бензинскиот мотор.
Кај овој погон дебитира и нов електрифициран менувач со двојна спојка – ë-DCS6. Новиот 6-степен менувач е без прекин на вртежниот момент, исто така специјално дизајниран за хибридни системи. Промените на брзините се пократки, а возењето е поудобно. Електричниот мотор, инверторот и ECU се сите интегрирани, оптимизирајќи го просторот под хаубата на моторот.
Литиум-јонската батерија од 48 V со достапен капацитет од 432 Wh е инсталирана под левото предно седиште, така што нема влијание врз багажникот или внатрешниот простор.
Покрај тоа, благодарение на конверторот на напон, дел од електричната енергија што ја произведува електромоторот од 48 V се трансформира во 12 V со цел да се напојува опремата на автомобилот. На овој начин, две посебни електрични мрежи можат да постојат една до друга.
Бидејќи батеријата се полни автоматски кога автомобилот забавува, овој нов погон ја прави секојдневната употреба поудобна и ќе им се допадне на клиентите кои сакаат да искусат електрични погони без потреба од полнење.









