Alfa Romeo ги претстави освежените Giulia и Stelvio Quadrifoglio 

Alfa Romeo оддава почит за Quadrifoglio со 100 ексклузивни примероци и ги одбележува на местото каде што започна приказната за возилото: Сицилија, на местото Targa Florio. Воедно, ова се и освежените Quadrifoglio верзии на Giulia и Stelvio.

На 15 април 2023 година, ќе поминат 100 години откако неизбришливиот симбол на Alfa Romeo, Quadrifoglio, го имаше своето деби на тркачката верзија на RL за време на XIV издание на Targa Florio. На оваа посебна годишнина, Alfa Romeo ги претставува новите Giulia и Stelvio Quadrifoglio со ексклузивното комеморативно издание „Quadrifoglio 100th Anniversario“. Ограничено на само 100 единици и за Giulia и за Stelvio. 

Крајот на овие модели не е премногу далеку. Италијанците се погласно зборуваат за наследници, односно нови целосно електрични модели. Сепак, пред да ги запознаеме овие автомобили, сепак можеме да уживаме во моделите со мотор со внатрешно согорување кои имаат прекрасен V6 под хаубата.

Со освежувањето не се направени многу промени – освен визуелните подобрувања, има и некои помали иновации во погонскиот систем. Италијанскиот бренд се фокусираше на клучните прашања, испуштајќи ги оние што ги сметаше за помалку значајни. Сите визуелни модификации се исти како во стандардните верзии на Giulia и Stelvio. 

А тоа значи нови светла напред и назад – и тоа е тоа. Браниците останаа непроменети, како и дизајните на тркалата. Кога станува збор за бои, изборот е строго ограничен. Остануваат само три бои за каросеријата: Rosso Etna, Verde Montreal и Nero Vulcano.

Во кабината нема да најдете премногу новитети, бидејќи единственото нешто што е ново е целосно дигиталната инструмент табла. Верзиите Quadrifoglio добија и специјална графика за Race режимот, кој изгледа прилично специфичен и нема да им се допадне на сите. Слични промени беа направени и кај двата модели. И ова значи дека Stelvio има идентичен пакет на новости.

Двата автомобили сега се помоќни. Инженерите на Alfa Romeo решија малку да го дотераат твин-турбо 2.9 V6 моторот. Па така, сега генерира 10 коњски сили повеќе, односно вкупно 520 коњски сили.

Сепак, тука има финта. Поголема моќност ќе биде достапна само во верзијата 100° Anniversario, а на пазарот ќе бидат лансирани точно 100 такви автомобили – Прв дојден прв услужен.

Alfa Romeo Giulia Quadrifoglio сè уште користи само погон на задните тркала. Силата се испраќа до тркалата преку 8-степен автоматски ZF менувач. Мануелниот менувач одамна е исфрлен од понудата. Бонус во овој автомобил е новиот диференцијал, кој е развиен врз основа на дизајнот од моделот GTA. Италијанците овде обезбедуваат подобар трансфер на силата на асфалтот и побрза реакција кога тркалата се „прицврстени“.

Stelvio има идентичен мотор, но го спојува со погонот на сите четири тркала. Парадоксално, и покрај поголемата тежина забрзувањето е скоро идентично кај двата модели. Сепак, Alfa Romeo не се пофали со перформансите на фејслифт верзиите.