Во понудата на Ferrari отсекогаш имало многу атрактивни кабрио модели. Најновиот член во понудата е Roma Spider – Италијанците не забораваат на атрактивниот кабриолет, но овојпат на концептот на ваков автомобил му пристапија на сосема поинаков начин.
Италијанците знаат дека огромна група на нивни клиенти сакаат вакви автомобили. Пред точно 15 години, Ferrari California се појави на пазарот, односно „основниот“ модел кој ги комбинираше карактеристиките на купе и кабриолет. Сега е одлучено да се смени рецептот – Ferrari Roma Spider е „отворена“ верзија на добро познатото и популарно купе, опремено со спектакуларен мек покрив.
Моделите California, California T и Portofino беа успешни автомобили, но беа критикувани за масивните линии на задниот дел од каросеријата. Тука беше скриен преклопениот метален покрив, а овие автомобили ги комбинираа карактеристиките на купе и кабриолет.
Сега таква комбинација не е потребна, бидејќи Италијанците се одлучија за две посебни верзии. Тоа беше одличен потег, бидејќи Ferrari Roma Coupe не само што брзо се здоби со признание, туку стана одлично дополнување на понудата на марката.
Spider верзијата ги комбинира своите најдобри карактеристики со нов мек покрив кој може да се сокрие зад патниците за 13.5 секунди. Може да се преклопи во возење со брзина до 60 км/ч, што е голем плус.
Ferrari може да се пофали со тоа што може да создаде своја совршена спецификација. Roma Spider може да ја има речиси секоја боја на покривот – границите се парите и можностите на одделот Tailor Made.
Вреди да се плати „малку повеќе“ за можноста да уживате во возењето под отворено небо, додека го слушате саундтракот што го сервира 3.9-литарскиот V8 мотор. 612 коњски сили достапни помеѓу 5.750-7.500 вртежи во минута и 760 Nm вртежен момент обезбедуваат одлични перформанси.
Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае само 3.4 секунди, а максималната брзина е 320 км/ч. Исто така, не треба да се грижите за возните карактеристики, бидејќи приспособливите амортизери од купе верзијата и многу други делови отидоа и кај Spider верзијата.











