Volvo направи една промена која никој не ја очекуваше – XC40 и C40 добија нови електрични варзии и сега се поекономични и исклучително поинтересни. Изненадувачка одлука е да се замени погонот на предните тркала со погон на задните тркала.
Дали сте слушнале за друг нов автомобил кој преминал од погон на предните тркала на погон на задните тркала? Не станува збор за спортски автомобили со високи перформанси, туку за обичен модел кој се нуди во автосалоните. Volvo XC40 и C40 во новите електрични верзии сега се со погон на задните тркала – и нудат многу поголем опсег. Ова е првиот автомобил на брендот кој после 25 години се нуди со погон на задните тркала.
Што има ново во Volvo XC40 и C40 Recharge? Како прво, моторите се помоќни и поефикасни. Верзијата со еден електромотор генерира 235 коњски сили и доаѓа со батерија од 69 kWh. Досегот се зголеми на 460 километри кај XC40 и 470 километри кај C40. Претходно, тоа беше 425, односно 438 километри. Во овие варијанти, максималната моќност на полнење е 150 kW, а батеријата има подобрено ладење.
За попребирливите, ќе има варијанта со поголема батерија. Овде ќе добиеме мотор од 250 коњски сили, поврзан со батерија со капацитет од 82 kWh. Досегот е навистина импресивен – 520 километри кај XC40 и 530 километри кај C40. Максималната моќност на полнење е 200 kW.
Понудата ја комплетира Twin Motor AWD верзијата, а и тука има многу промени – помоќниот мотор се наоѓа на задната оска кој генерира 245 коњски сили. Предниот мотор генерира 156 коњски сили, а вкупната моќност надминува 410 коњски сили. Единствената достапна батерија е со капацитет од 82 kWh, а досегот исто така надминува 500 километри.
Вреди да се напомене дека верзиите со еден мотор се навистина динамични. Спринтот до стотка кај двата модели трае 7,4 секунди, а максималната брзина е 160 км/ч. Со повеќе од 400 коњски сили, Twin Motor AWD моделот забрзува до 100 км/ч за само 4,7 секунди и може да достигне максимална брзина од 180 км/ч.








