Електричниот Ford Mustang Mach-E пристигна во Македонија

Во салонот на Ми-Да Гранд Моторс пристигна новиот целосно електричен Mustang Mach-E. Како што е веќе добро познато, за многу кратко време производителите на автомобили во својата понуда ќе нудат само електрични модели, а Ford се одлучи да го искористи името од легендарниот модел Mustang за еден нов целосно електричен модел – да, во името е додадено и Mach-E за да се разликува од „нормалниот“ Mustang.

Надворешниот дизајн е мускулест и динамичен, а веднаш се гледа дека целиот дизајн и сите детали на автомобилот влечат инспирација од легендарниот Mustang. Предниот дел е „полн“ и бидејќи станува збор за електричен автомобил, не е потребна отворена решетка. Тука се и Full LED фаровите кои имаат доста интересна графика. Профилот е релативно чист и динамичен, додека задниот дел е со класичните светла познати од сите претходни генерации на спортскиот Mustang.

Во внатрешноста не пречекува сосема различен дизајн од она што сме навикнати да го гледаме во тековните модели на Ford. Вниманието веднаш оди кон огромниот 15.5-инчен екран за инфозабавен систем кој е во портрет стил. Пред возачот е поставен и уште еден екран од 10.2-инчи. Целата кабина е со квалитетни материјали, а има и многу интересни и различни текстури. Исто така, низ целата кабина се протегаат и шевови во црвена боја кој придонесуваат за еден поспортски впечаток. Дополнително, изложениот модел е опремен и со огромен фиксен панорамски сончев кров.

Mustang Mach-E е достапен во вкупно пет различни верзии – со преден погон или пак со погон на сите четири тркала. Основната Standard Range верзија користи батерија со капацитет од 75.7 kWh и испорачува 269 коњски сили – може да одберете преден погон или погон на сите четири тркала, а опсегот на оваа верзија е 440 километри или 400 километри, соодветно.

Extended Range верзијата користи батерија со капацитет од 98.7 kWh, исто и тука може да одберете преден погон или погон на сите четири тркала. Верзијата со преден погон испорачува 294 коњски сили и со полна батерија може да помине 610 километри. Другата верзија со погон на сите четири тркала испорачува 351 коњски сили и со полна батерија може да помине 540 километри – изложениот модел е оваа верзија.

И на врвот на понудата се наоѓа GT верзијата која користи иста батерија од 98.7 kWh, но тука испорачува 487 коњски сили и 830 Nm вртежен момент. Силата секако се испорачува на сите четири тркала, што пак овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 4.4 секунди и максимална брзина од рамно 200 км/ч.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс каде ќе може и одблиску да се запознаете со електричниот Mustang Mach-E.