Аутомакедонија ги презентираше електричните автомобили на Tesla и електричниот автобус на Isuzu

На покана на Аутомакедонија имав можност накратко да пробам некои од моделите на Tesla. Достапни беа вкупно три автомобили, од кои два Model 3 и еден Model Y. Двата Model 3 автомобили се Long Range AWD верзии кој користат батерија од 80.5 kWh и испорачуваат 441 коњски сили и 493 Nm вртежен момент. Сето ова овозможува забрзување до 100 км/ч за 4.4 секунди. Автономијата со полна батерија кај оваа верзија изнесува 614 километри (според WLTP).

Верзијата на Model Y е Maximum Range AWD која користи батерија од 80.5 kWh и тука испорачува 514 коњски сили кои се доволни за забрзување до 100 км/ч за рамно 5 секунди. Автономијата со полна батерија кај овој модел е 533 километри (според WLTP). Автомобилите на Tesla нудат еден комплетно различен концепт од сите други електрични автомобили кои сум ги возел до сега. А како и кај секој друг автомобил „на струја“, она што импресионира највеќе е забрзувањето. Воопшто не е важно со која брзина се движите, со секое притискање на педалата за гас едноставно се забивате во седиштето и забрзување е константно линеарно. Уште една пофалба за рафинираноста и звучната изолација на автомобилите, при повисоки брзини на автопат во кабината е тивко и релаксирано.

Освен разгледувањето и краткото возење на автомобилите на Tesla, имавме можност и да се повозиме во новиот целосно електричен автобус на Isuzu, моделот NOVOciti Volt.

Како дел од меѓународната промотивна тура “DEMO TOUR 2022” компанијата Аутомакедонија во текот на изминатите две недели го претстави целосно електричниот автобус – Isuzu NovoCITI Volt и во Македонија. NovoCITI VOLT се возеше на улиците на Струмица, Прилеп, Битола, Тетово, Куманово и Штип, а завршниот настан се случува во главниот град, со презентација на NovoCITI VOLT пред локалните оператори и претставниците на бизнис секторот. Возејќи се во овие 7 града и 23 населби од нивната непосредна околина, повеќе од 2000 граѓани имаа можност “од прва рака” да се уверат во можностите кои овој еколошки автобус ги нуди во организирањето на урбаниот транспорт.

Со својот електричен мотор и импресивниот дизајн, NovoCITI VOLT претставува најкомпетентно решение на пазарот кога станува збор за 0% емисии, ниска бучава и модерен концепт, кои се највисоко рангирани меѓу општинските приоритети во градскиот јавен превоз.

Локалните власти и операторите можат да ги искористат предностите на богатата палета на достапни опции на NovoCITI VOLT во зависност од нивните оперативни барања. Високо маневрирачки со должина од 8 метри, NovoCITI VOLT е лесен за оперативна примена дури и во најурбаните градски средини. Голема предност која го издвојува NovoCITI VOLT се ниските оперативни трошоци и максималната ефикасност. Покрај бенефитите за операторите и локалните власти, NovoCITI VOLT им обезбедува пријатно возење на патниците со својата пространа и удобна внатрешност и комплетната бесшумност. Опсегот на Volt достигнува до 350 km благодарение на своите батерии со високи перформанси со капацитет од 268 kW, што го прави сериозен конкурент и во меѓуградскиот транспорт на патници.