Toyota Yaris Cross добива спортска GR Sport верзија

Toyota ја проширува својата гама на Yaris Cross со воведување на нова GR Sport верзија инспирирана од достигнувањата на TOYOTA GAZOO Racing во повеќе светски шампионати. Со ексклузивни надворешни и внатрешни карактеристики и реконструирана суспензија за поостро и подобро управување, Yaris Cross GR Sport ја проширува привлечноста на моделот до поширок опсег на клиенти.

Од надвор, новиот Yaris GR Sport се одликува со нови 18-инчни алуминиумски тркала со 10 краци со светлo обработена завршница. Спортските детали вклучуваат и нов заден дифузер и предна решетка со ексклузивен дизајн во сјајно црна боја и дискретна GR ознака. Новата Dynamic Grey боја е препознатливата боја на GR Sport, дополнително достапна како bi-tone опција со контрастен црн покрив и столбови.

Во кабината, предните спортски седишта имаат нов сив тапацир со црвени шевови, а слични светли шевови се прикажани на воланот и рачката на менувачот. Премиум GR Sport црни перфорирани Ultrasuede седишта со црвени шевови се исто така достапни како опција. Логото GR е истакнато на предните потпирачи за глава, копчето за стартување, инструмент таблата и воланот.

Yaris Cross има докажана основа благодарение на GA-B платформата – истата платформа од стандардниот Yaris. Ова овозможува низок центар на гравитација, високо цврсто тело и избалансирана шасија. Во GR Sport верзијата, перформансите се заострени со повторно рекалибрирање на суспензијата, давајќи му на возачот подобро чувство на управување.

Yaris Cross GR Sport е придвижуван од високоефикасниот трицилиндричен 1.5-литарски Hybrid Dynamic Force мотор на Toyota. Високиот сооднос на компресија 14:1 и контролите на температурата и притисокот му помагаат на моторот да постигне висока термичка ефикасност од 40%. Овој мотор испорачува 116 коњски сили и 120 Nm вртежен момент, силата се пренесува преку e-CVT автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 11.2 секунди и максималната брзина е електронски ограничена на 170 км/ч.

Како модел од висока класа, позициониран заедно со Yaris Cross Elegant и Adventure, Yaris Cross GR Sport има богата стандардна опрема, вклучувајќи двозонска контрола на климата, греење на предните седишта и задни затемнети стакла. GR Sport е опремен и со пакетот Toyota T-Mate со напредни функции за активна безбедност и помош на возачот.