ТЕСТ: Volvo XC60 B4 Core

Тековната генерација на Volvo XC60 е на пазарот веќе неколку години, а за тоа време немаше некои драстични промени. Минатата година, Volvo претстави фејслифт верзија на својот бестселер модел, односно XC60. Сепак, главните промени се однесуваа на електрификација на сите достапни погони, како и воведување на новиот инфозабавен систем кој е во соработка со Google. Па затоа, денес ќе зборуваме за освежениот XC60 опремен со бензински mild-hybrid мотор и дали ваков мотор има смисла во овој SUV автомобил.

Речиси е тешко да се поверува дека актуелната генерација на Volvo XC60 е на пазарот веќе пет години. Дизајнот се уште изгледа свежо и со најновите подобрувања XC60 е исто толку релевантен како и кога беше лансиран во 2017 година. Промените на надворешноста се суптилни и само добрите познавачи на овој автомобил ќе можат на прв поглед да ги приметат разликите во дизајнот. На предниот дел, вниманието оди кон големата решетка каде е поставен и знакот на Volvo, браникот е редизајниран и на долните делови добива нови хромирани детали. Пофалба заслужуваат и одличните Full LED адаптивни фарови кои возењето навечер го прават исклучително лесно и незаморно. Профилот на автомобилот не е променет, а сега се достапни нови дизајни на алуминиумските бандажи кои се движат со големина од 18 па се до 21-инчи. Тестираниот модел има 19-инчни бандажи кои нудат одличен баланс помеѓу комфор и визуелно добар изглед. На задниот дел, промените се исто така минимални и највоочливата промена е новиот редизајниран браник кој сега е целосно во боја на каросеријата и друга работа што ми се допаѓа е тоа што нема никакви лажни отвори за издувот – браво Volvo.

За разлика од конкурентните модели, дизајнот на XC60 е едноставен и елегантен, а исто така го нема оној ефект „погледни ме, погледни ме“ што голем дел од другите модели во оваа класа упорно се борат за таков дизајн. Па токму тоа го прави XC60 некако да се издвојува во таа „гужва“. Стилот на XC60 е безвременски и не излегува од мода толку брзо, а Швеѓаните се многу склони кон продолжување на животниот век на нивните автомобили над просекот во индустријата, така што новата генерација на овој модел нема да ја видиме за брзо. Воедно, со освежувањето претставени се и нови нивоа на опременост – Core, Plus и Ultimate. Дополнително достапни се и две различни „теми“ за надворешноста – Bright и Dark. Со првата тема се добива детали и елементи во хромирана боја, додека со втората тема се добиваат различни поспортски браници и сите детали се во сјајно црна боја.

Ајде да одиме внатре – тука не пречекува одлично распоредена кабина, форматот на целата внатрешност е речиси и не променет со освежувањето, но добива неколку значајни новости. Квалитетот на материјалите и изработката се со врвен квалитет, големо внимание е посветено на сите детали во внатрешноста. Премиум кожата и меките површини даваат пријатно чувство на квалитет, дури и во основното ниво на опременост. Ако сте седнале барем еднаш во некои од тековните модели на Volvo и тука во фејслифт верзијата на XC60 ќе ви бидат веднаш јасни сите контроли. Стилот на кабината е минималистички и технолошки, а ми се допаѓа и тоа што се е распоредено на правото место. Пред возачот сега се наоѓа целосно нова дигитална инструмент табла која е со едноставен дизајн, но не е достапно никакво прилагодување на приказот. Добрата работа е тоа што во средина на екранот многу убаво се прикажува мапата од навигацијата и не мора да го тргате погледот накај централниот екран за да видите каде треба да свртите или слично.

Да се префрлиме на најважната новост во кабината, а тоа е новиот инфозабавен систем. Како и претходно, на централната конзола се наоѓа 9-инчен екран во портрет стил, но Volvo потпиша договор со Google и компанијата станува главен партнер и е одговорна за оперативниот систем на инфозабавниот систем. Android Automotive е одговорен за создавање чист и јасен интерфејс за менито, но и за поврзување на паметните телефони. Е сега имам една забелешка, целиот систем е направен од Android, а поврзување преку Android Auto не е достапно…барем сега за сега, набрзо треба да има ажурирање на софтверот и веројатно тогаш ќе биде вклучена и таа опција. Корисниците на Apple можат да го поврзат својот телефон преку Apple CarPlay, но само преку кабел, wireless поврзувањето се уште не е достапно, со истото ажурирање би требало да биде ставена и таа опција. Поврзувањето со паметните телфони е малку комплицирано, но работата на самиот систем е фантастична. Во некои од конкурентните модели, инфозабавниот систем има широк и претеран приказ на менија, подменија, режими и слично кои всушност прават заблуда при користење. Во XC60 системот има многу малку елементи и не треба да пребарувате до толку низ менито за да најдете некоја функција, плус во возење голем дел од функциите се блокирани, секако заради безбедност.

Новиот инфозабавен систем им овозможува на корисниците пристап до интегрираните апликации и услуги на Google – како што се Google Maps, Google Assistant и Google Play Store од каде што може да превземете голем дел од апликациите што се достапни. Инаку, Volvo е првата автомобилска компанија која ги здружи силите со Google за да создаде интегриран инфозабавен систем базиран на Android, каде што услугите и апликациите од Google се интегрирани во самиот автомобил.

Практичноста и просторноста во XC60 се исто така импресивни, предните седишта се просторни и многу удобни, а лесно се наоѓа и идеална возачка позиција. Задните седишта нудат импресивна просторност, како и за нозете така и за главата, а доколку се смести и трет патник во средина не е толку тесно, но седиштето во средина не е најудобно за седење на некои подолги релации. Што се однесува до багажникот, во стандардна конфигурација на располагање се достапни 483 литри багажен капацитет, а доколку се спуштат задните седишта се добива капацитет од 1410 литри. Отворањето е широко и подот е комплетно рамен со браникот. Од страните има закачалки и дополнителен простор за ставање на некои помали работи, плус под подот исто така може да се складираат неколку работи.

Со освежувањето, Volvo ја електрифицираше целата гама на мотори, па сега и бензинските и дизел моторите доаѓаат со 48V mild-hybrid систем. Тестираниот модел е опремен со основниот бензинец со ознака B4, односно 2.0-литарски турбо-бензински мотор кој испорачува 197 коњски сили од 4800 до 5400 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент достапен од 1500 вртежи во минута. Дополнително, mild-hybrid системот помага со уште плус 14 коњски сили и 40 Nm вртежен момент. Овој мотор е достапен само со преден погон и е впарен со 8-степен Geartronic автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае сосема задоволителни 8.1 секунди и максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч (кај сите нови модели на Volvo). На нашиот пазар, бензинските мотори во оваа класа на автомобили не се многу популарен избор, па каков е XC60 токму во таква конфигурација? Она што веднаш ќе го приметите е рафинираноста на моторот и во место и во возење, тој е исклучително тивок, а благодарение на одличната звучна изолација понекогаш може и да помислите дека моторот воопшто не работи.

Интересни се и перформансите, всушност еластичноста и испорачувањето на силата е навистина многу добра и во ни еден момент не чувствувате дека ви фали уште моќност. Секако, во тоа свој удел си има mild-hybrid системот кој му помага на моторот со внатрешно согорување, обично тоа е при тргнување и кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај. Овој систем не овозможува возење на само на струја, тој е тука само за дополнителна помош и да придонесе за намалена потрошувачка на гориво. Автоматскиот менувач добро си ја врши својата работа, но понекогаш знае да биде малку мрзелив. И сега знам сите сакате да ја слушнете потрошувачката, ако мислевте дека ќе биде енормно голема морам да ви кажам дека сте грешка. Во градски услови на возење, со константно уклучен клима уред, борд компјутерот покажуваше просечна потрошувачка која се движеше од 9.5 до 10 литри. Со малку поагресивно возење знае да се качи и до 12-13 литри, но реално колку проценти од времето ќе го возите така овој автомобил? Веројатно, многу ретко…На автопат, доколку возите по пропишаната брзина потрошувачката изнесува помеѓу 7 и 7.5 литри. Кога го вратив автомобилот, просечната потрошувачка од неколку дневното возење што ја пишување на борд компјутерот изнесуваше 9.8 литри. Кога ќе се земе во предвид големината на автомобилот и тежината од 1794 килограми, ова е сосема солидна потрошувачка.

Сите мотори кои се достапни кај XC60 се 2.0-литарски, па така кај бензинците освен овој со 197, достапни се верзии и со 250 и со 300 коњски сили. Кај нив како опција е достапен е и AWD погон на сите тркала. Доколку сакате дизел, достапни се две верзии – со 197 и со 235 коњски сили. И двата се достапни со AWD погон. Во понудата има и две Recharge Plug-in Hybrid верзии, односно со 253 и со 310 коњски сили. Двете верзии само на струја може да поминат до 78 километри (според WLTP).

Автомобилите на Volvo имаат нешто посебно во нив што ве тера често да патувате и да истражувате нови места. Работите што навистина ги ценам во возењето на Volvo е чувството да се биде безбеден, удобен и заштитен во кабината. Сите знаеме дека безбедноста е ставена на прво место кај овој автомобилски бренд, додека на второ место е комфорноста при возење. Па затоа, долгите патувања со овој автомобил се вистинско уживање, во кабината е тивко и рафинирано, а седиштата нудат беспрекорна удобност. Во градски услови на возење, XC60 е исто толку добар како и на автопат. И покрај тоа што суспензијата не е премека, одлично успева да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини на нашите патишта. Воланот е лесен за маневрирање, но нема да добиете премногу повратни информации од тркалата. Кај овој автомобил зборот „спорт“ и спортските амбиции треба тотално да ги заборавите, таквиот начин на возење воопштo не му прилега на XC60, а и вие како возач едноставно нема да се чувствувате убаво во такви ситуации. Шасијата е добро контролирана во свиоци и тракцијата која ја нуди е солидна, но поради тоа што суспензијата е сетирана за максимален комфор навалувањето тука е понагласено. И ова е уште една работа што ми се допаѓа за XC60, инженерите во Volvo воопшто не пробале да направат од автомобилот нешто што не треба да биде. Овој автомобил го купувате за да може безбедно и удобно да патувате со својата фамилија. Со освежувањето, XC60 го доби и најновиот Volvo ADAS систем (Advanced Driver Assistance Systems), кој се состои од голем број радарски единици, камери и ултразвучни сензори за да му помогаат на возачот.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за Volvo XC60 B4 Core изнесува 51.800 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Volvo.

ЗАКЛУЧОК
Volvo XC60 е особено добро дизајниран и атрактивен SUV модел кој добива екстра поени за удобноста при возењето и за новиот многу добро функционален инфозабавен систем базиран на Google.
Безвременски дизајн
Рафиниран бензински мотор
Врвна безбедност
Комфор при возење
Просечен багажен простор
Поврзување со Android Auto не е достапно (моментално)
4.5