RAV4 е еден од најважните модели во понудата на Toyota, а за тоа говорат и продадените примероци од овој автомобил. Од претставувањето на првата генерација во 1994 година до сега се продадени повеќе од шест милиони примероци шурим светот – што е доста сериозна бројка. Денес веројатно малкумина знаат дека кратенката RAV значи Recreational Active Vehicle, а исто така дека првата генерација е со должина од само 3,74 метри и има само три врати, додека тековната петта генерација на RAV4 е со должина од 4.6 метри.
RAV4 Hybrid не ми е непознат автомобил, пред нешто повеќе од 2 години го имав на тест во врвно опременета Exclusive верзија со AWD погон. Зошто сега пак го имам на тест? – неодамна, Toyota суптилно го освежи RAV4, а со освежувањето претстави и целосно нова верзија која го носи името „Adventure“. Па денес ќе зборуваме токму за оваа нова верзија која ќе им се допадне на оние кои бараат возило што одговара на нивниот авантуристички начин на живот.
Ќе започнам од надворешноста, дизајнерите на Toyota пред неколку години добија задача драстично да го променат изгледот на своите модели за да не бидат здодевни. Факт е дека брендот во своето портфолио ги има најпродаваните модели во светот, а на тоа припаѓа и одредена доза на „досаден дизајн“, или всушност способност да задоволи широка маса на луѓе. Односно, автомобилите не беа премногу иритирачки и не отстапуваа премногу во една насока. Кај новиот RAV4 напорот за поголема оригиналност се одрази во многу работи, петтата генерација е далеку поатрактивна, поробустна и едноставно поинтересна за купувачите.
Новата Adventure верзија има неколку визуелни промени што ја прават да се издвојува од другите достапни верзии (Active, Dynamic, Exclusive Bi-tonе и Exclusive Premium). Изгледот од типот на Allroad/Cross Country од голем хит стана заборавен во последниве десетина години, а со оваа Adventure верзија, Toyota го враќа токму тој изглед. Главните промени се направени на предницата, каде RAV4 Adventure јасно ги покажува своите намери со функционалната изведба на предниот дел. Новодизајнираната целосно црна решетка на ладилникот е визуелно повпечатлива. Логото на Toyota е поместено од предниот раб на хаубата на средниот дел, каде што е поставено на хоризонталните ленти што ја пресекуваат маската. Интеграцијата на новите Full LED фарови, светлата за магла во новите црни рамки, како и новиот додаток на браникот со сјајна сребрена боја придонесуваат за извонредниот став и изглед на автомобилот. Овој „off-road“ стил продолжува и од страните, каде што Adventure верзијата добива пошироки и поголеми црни пластики околу тркалата, исто така оваа верзија стандардно е опремена со ексклузивни 19-инчни алуминиумски бандажи во мат сива боја. Задниот дел нема некои драстични измени во споредба со другите верзии, а соодветно на предниот дел и тука може да се најде специјално дизајниран браник со сребрен заштитен панел во долниот дел. Генерално, измените на надворешноста не се во голем број, но се доволни да го покажат авантуристичкиот дух на автомобилот. Инаку, Adventure верзијата се нуди во уникатна двобојна комбинација од Urban Khaki зелена боја на каросеријата со покрив, предни столбови и заден спојлер во Dynamic сива боја – оддавајќи му почит на иконскиот Toyota FJ40 Land Cruiser.
Внатрешноста кај оваа Adventure верзија е идентична како и во секој друг RAV4, единствените промени што ќе ги забележите се кожните седишта кои имаат специјален дизајн и контрастните шевови во портокалова боја кои се протегаат по целата контролна табла, потпирачот за раце, менувачот и седиштата. Инаку, и понатаму кабината на RAV4 си останува доста просторна, практична и со одлична ергономија. Пофалба заслужуваат поставените материјали низ целата кабина кои се меки на допир со висок квалитет. Ми се допаѓа и тоа што клима уредот се контролира преку физички контроли кои содржат големи тркалца за подесување на температурата. Исто така, во целата кабина има голем број на класични физички копчиња кои можеби ја прават внатрешноста да изгледа малку „застарено“, но верувајте овој начин на ракување со функциите на автомобилот е далеку полесен и поедноставен отколку се ова да се контролира преку екрани на допир.
Она што не ми се допаѓа е централниот екран од 8-инчи за инфозабавниот систем, функционира добро, но графиката и целиот систем се веќе застарени. Во оваа верзија стандардно се добива и вграден навигациски систем, како и (конечно) безжично поврзување преку Apple CarPlay и жично поврзување преку Android Auto. Не ми е јасно зошто со освежувањето на моделот не го поставиле новиот инфозабавен систем и екран кои го има на пример во новиот Yaris Cross и новиот Aygo X. Пред возачот се наоѓа истата инструмент табла која е комбинација од аналогни инструменти од страните и централно поставен дигитален екран, нуди одлична читливост и едноставност, но во денешно време би сакал тука да има целосно дигитална инструмент табла како што имаат 90% од конкурентните модели. Друга интересна работа што оваа верзија на RAV4 ја добива е внатрешниот ретровизор кој функционира како нормален ретровизор, но со притискање на копче се претвора во екран кој проектира слика од камерата што е поставена под задниот спојлер.
Што се однесува до опремата, оваа Adventure верзија изобилува со стандардна опрема и содржи буквално се што ви е потребно (дури и повеќе од тоа). Ќе ги издвојам кожните седишта со електрично прилагодување, огромниот панорамски сончев покрив, фантастичниот JBL аудио систем, греење на предни седишта, ново дискретно LED осветлување во кабината, USB-C портови за полнење на мобилни телефони и многу друго.
RAV4 може да се пофали и со голема просторност на задните седишта, седењето тука е удобно и има доволно простор како за нозете, така и за главата, дури и за оние кои се со надпросечна висина. По потреба, може комотно да се сместат и тројца патници, а притоа удобноста да не биде премногу нарушена. Исто така, патниците на задните седишта добиваат свои отвори за климатизација и две USB портови.
Стандардно се добива и електрично отворање и затворање на вратата од багажникот, а тука во стандардна конфигурација на располагање има 580 литри багажен капацитет. Просторот е во правилна коцкаста форма и подот е комплетно рамен со браникот, а тоа овозможува лесно ставање и вадење на поголеми и потешки работи. Со спуштање на задните седишта се добива импресивен капацитет од 1.690 литри.
RAV4 Adventure е достапен само со еден погон, односно со врвниот само-полнечки хибриден систем на Toyota и AWD-i погон на сите четири тркала. Овој систем работи во комбинација со 2.5-литарски атмосферски четирицилиндричен бензински мотор кој испорачува 177 коњски сили и два електромотори, по еден на секоја оска. Предниот електромотор испорачува 120 коњски сили, додека задниот електромотор кој е задолжен за придвидување само на задните тркала испорачува 54 коњски сили. Вкупната системска моќност изнесува 222 коњски сили и 221 Nm вртежен момент, што пак се доволни за забрзување од 0 до 100 км/ч за 8.1 секунди и максимална електронски лимитирана брзина од 180 км/ч. Силата до сите четири тркала се пренесува преку e-CVT бесстепен автоматски менувач. Кога го тестирав предходниот RAV4 Hybrid имав замерка за работењето на менувачот и бучавата која е типична за автомобилите со CVT менувач. Сега, на оваа верзија веднаш се приметува дека Toyota работеле и направиле „дотерувања“ на менувачот. Целото работење на менувачот сега е порафинирано и помазно, а намалена е и бучавата. Што се однесува до перформансите на хибридниот систем, со оглед на намената на автомобилот тие се и повеќе од доволни. Во било какви ситуации, RAV4 е секогаш спремен да понуди одлични перформанси и забрзувања. Покрај тоа, RAV4 знае да биде и исклучително економичен. Во градски услови на возење, каде што хибридниот систем доаѓа највеќе до израз, измерив просечна потрошувачка која се движеше од 6 до 6.5 литри. На отворен пат, приказната е малку различна бидејќи конвенционалниот мотор е константно во употреба и во вакви услови потрошувачката се движи од 8 до 9 литри.
Зад воланот, оваа Adventure верзија е идентична како и другите верзии со хибриден погон. Би рекол дека во оваа класа на возила, RAV4 нуди скоро идеални возни карактеристики. Главниот фокус е секако ставен на комфорот, суспензијата одлично ги филтрира сите дупки и нерамнини на патот, а во кабината не се чувствуваат удари кои би го нарушиле комфорот. Токму поради тоа, не треба и да се очекува некаква возбуда при подинамично возење со RAV4, навалувањето е добро контролирано и стабилноста е одлична, но едноставно ова не е автомобил за такво возење. RAV4 ќе ве награди со рафинираност и удобност со релаксирано и опуштено возење, и во градски услови и на автопат. И покрај тоа што станува збор за релативно голем автомобил, RAV4 исклучително лесно се снаоѓа во градскиот метеж. Тоа се должи на добрата прегледност поради големите стаклени површини, како и лесниот и прецизен управувач. Паркирањето во тесни места исто така, нема да претставува проблем поради тоа што стандардно е опремен со предни и задни паркинг сензори, како и камери кои прикажуваат поглед од 360 степени. На автопат, со брзини од 130-140 км/ч во кабината е релаксирано и удобно со минимална бучава која доаѓа од тркалата од ретровизорите.
Достапни се и неколку различни режими на работа – Normal, Eco, Sport и Trail. Во зависност од режимот кој ќе го одберете, различна е контролата на управување, респонзивноста на педалата за гас и распределбата на моќноста која може да се пренесе на предната и задната оска во сооднос од 100:0 до 20:80 проценти. Дополнително, во Trail режимот, кој се активира со засебно копче на централната конзола, го прилагодува дејството на самоблокирачкиот диференцијал за најдобра можна тракција при возење надвор од асфалтиран пат.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната промотивна* цена за верзијата Toyota RAV4 Dynamic AWD 2.0 175 CVT со чист бензински мотор изнесува 32.190 евра.
Промотивната* цена на тестираниот модел Toyota RAV4 Adventure AWD 2.5 HYBRID 222 E-CVT изнесува 49.619 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota.






















