Сегашната генерација на Mercedes-AMG E 63 се приближува кон крајот на своето производство, па затоа Mercedes одлучи да ја претстави оваа нова лимитирана верзија наречена E 63 S Final Edition. Вкупно ќе бидат произведени само 999 примероци, што дава до знаење дека станува збор за многу лимитиран автомобил.
Механички, оваа лимитирана верзија е идентична како и „обичниот“ E 63 S, односно под хаубата се наоѓа 4.0-литарски V8 твин турбо бензински мотор кој испорачува 612 коњски сили и 850 Nm вртежен момент. Силата се пренесува на сите четири тркала (варијабилен 4Matic систем) преку 9-степен автоматски менувач, а исто така достапен е и Drift Mode кој целата сила ја пренесува само на задните тркала. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 3.2 секунди, додека максималната брзина изнесува 300 км/ч.
E 63 S Final Edition е достапен исклучиво во мат графитна сива боја. Тука се и 20-инчните AMG Forged бандажи во дизајн со вкрстени краци и аеродинамички оптимизирани. Амблемот AMG на Ц-столбот и фолијата на страните го нагласуваат специјалниот статус на автомобилот. Стандардно се добива и AMG Night Package кој вклучува бројни надворешни елементи во високо-сјајна црна боја – предниот AMG сплитер, инсертите на страничните панели на праговите, деталите на предните крила, лајсните околу прозорците, куќиштата на надворешните ретровизори и лентата на задниот дел. Исто така во пакетот е вклучено и дополнително затемнети задни стакла на задниот дел. Во задниот дифузер се наоѓаат завршетоци на издувниот систем во две трапезоидни форми, во хромирано црна боја кои допринесуваат за агресивен и спортски изглед. Carbon пакетите може да се нарачаат како дополнителна опција.
one-off карактерот продолжува и во внатрешноста. Стандардно се добиваат AMG Performance седиштата кои нудат одлична странична поддршка при динамично возење. Вграденото греење на седиштата обезбедува удобно возење дури и при ладни температури. AMG nappa кожниот тапацир на седиштата во комбинација со жолтите контрастни шевови го нагласува спортскиот карактер на автомобилот. Контролната табла која е обложена во висококвалитетна nappa кожа му дава на ентериерот уште поголема ексклузивност. Тука е и спортскиот AMG Performance волан кој е во комбинација на црна nappa кожа и DINAMICA алкантара – нуди совршен грип за прецизно управување, додека жолтите шевови одговараат на бојата на тапацирот. Ергономски поставените контролни панели на допир даваат интуитивен комфор при работењето и промовираат фокусирано возење. Стандардните AMG копчиња на воланот овозможуваат брзо и непогрешливо ракување со одредени функции на возењето, како што се различните модови на возење.
Централната конзола е во карбон трим што придонесува за дополнување на спортското чувство во кабината. Исто така, тука е поставена и специјална „AMG FINAL EDITION“ значка со означен број од „1 од 999“. Елегантните црни патосници со AMG ознаки и жолти контрастни шевови хармонично се вклопуваат со дизајнот на ентериерот и ефикасно го штитат просторот за нозете од нечистотија.









