Ferrari го претстави новиот кабрио 296 GTS

Ferrari ја претстави новата кабрио верзија на хибридниот модел 296, наречена 296 GTS. Исто како и 812 GTS, SF90 Spider и F8 Tributo Spider, новиот 296 GTS располага со тврд покрив што се повлекува и се сместува пред V6 plug-in хибридниот погон на автомобилот. Ferrari вели дека на покривот му се потребни 14 секунди за да се спушти или да се крене и тоа може да се направи со брзина до 45 километри на час.

Што се однесува до останатиот дел од автомобилот, GTS – „two-seater berlinetta spider“, како што го нарекува Ferrari, изгледа идентично како купето GTB. Дизајнот инспириран од 250 LM сè уште е задржан во страничните доводи, вертикалното задно стакло и задниот дел од каросеријата. Напред, тенките фарови и ниската широка решетка ја нагласуваат ширината на автомобилот, а задниот дел на GTS го има истиот централен издувен систем и огромниот дифузер.

Новиот 296 GTS е првиот вистински V6 кабриолет на Ferrari што излезе од Маранело. Моторот е 3.0-литарски V6 твин-турбо бензинец кој работи заедно со plug-in хибриден систем, а тоа значи дека GTS нуди 830 коњски сили при 8.000 вртежи во минута и 740 Nm вртежен момент.

Силата се испраќа преку осумстепен автоматски менувач со двојна спојка само на задните тркала – за разлика од другиот хибриден суперавтомобил на Ferrari – SF90 со погон на четири тркала. И покрај ова, времето од 0 до 100 км/ч останува непроменето во однос на купето и изнесува 2.9 секунди. Максималната брзина е исто така иста и изнесува 330 км/ч.

Исто како и GTB, 296 GTS добива eManettino прекинувач заедно со традиционалната контрола Manettino поставена на воланот, со четири позиции што може да се изберат. Режимот eDrive го задржува моторот со внатрешното согорување надвор од равенката, обезбедувајќи чист електричен погон само на задните тркала, додека Ferrari тврди дека 296 GTS може да вози до 25 км/ч во неговиот EV режим, благодарение на батериите од 7,45 kWh.

Стандардниот режим на палење е Hybrid, кој е поставен за максимална ефикасност помеѓу V6 моторот и хибридниот систем. Префрлувањето во Performance режим значи дека V6 моторот е при рака да одржува рамнотежа на високи перформанси и управување со батеријата, за континуирана хибридна помош и полнење на батеријата. Qualify е најекстремниот режим во кој може да се вози 296 GTS и обезбедува максимални перформанси, иако ова доаѓа со помало полнење на батеријата.

Ferrari исто така го нуди GTS со познатиот Assetto Fiorano пакет, кој вклучува „lightweight“ карактеристики и аеро модификации, како што е редизајниран спојлер на предниот дел, способен да произведе 10 килограми надолна сила. Севкупно, со овој дополнителен пакет, 296 GTS произведува 360 килограми надолна сила при 250 км/ч.

GTS верзијата поради механизмот за покривот тежи 1.540 килограми, додека купето има тежина од 1.470 килограми.