Toyota ја претстави новата „жешка“ GR Corolla

После долгото најавување од Toyota дека ќе биде претставен уште еден модел со GR значка, конечно ја имаме новата GR Corolla!

Моќниот 1,6-литарски трицилиндарски турбо-бензински мотор од Toyota GR Yaris и иновативниот систем за погон на сите тркала е задолжен за придвижување на целосно новата Toyota GR Corolla. Овој мотор со ознака „G16E-GTS“ кај GR Corolla испорачува 300 коњски сили и 370 Nm вртежен момент. Бројки за перформансите за жал сеуште не се објавени. Друга неочекувана и многу интересна карактеристика е шестстепениот мануелен менувач со „rev-matching“ функција.

Овој менувач го напојува GR-Four системот за погон на сите тркала кој работи без централен диференцијал. Наместо тоа, користи спојка помеѓу оската и задниот диференцијал. Circuit Edition верзијата стандардно добива Torsen limited-slip диференцијали и напред и назад. Како дел од Performance пакетот, се добива и Forged карбон покрив, вентилирана хауба, различен заден спојлер, седишта обложени во алкантара и менувач потпишан од „Morizo“ – односно од извршниот директор на Toyota, Akio Toyoda.

Исто како што тоа го прави во GR Yaris, системот GR-Four во GR Corolla е во состојба голем дел од моќноста да ја испорачува кон задните тркала, со поделба на вртежниот момент од 30/70 во спортски режим. Нормалниот режим е 70/30, а Circuit е 50/50.

Каросеријата се одликува со проширени крила околу предните и задните тркала, со 18-инчни бандажи обвиткани во Michelin Pilot Sport 4 пневматици со ширина од 235 mm. Исто така, има многу поголем отвор на решетка напред од она што се гледа на стандардна Corolla, опкружена со големи канали. Најнеобичната карактеристика е на задниот дел – троен издув со централен излез во различна форма. Овој дизајн, наменет за намалување на задниот притисок, е клучен за зголемувањето на моќноста на моторот G16E-GTS, велат од Toyota.

Заедно со пошироките пневматици, GR Corolla добива поригидни пружини, амортизери и anti-roll барови. Што се однесува до сопирачките, напред се поставени четири клипни сопирачки со 355 мм дискови, додека назад се поставени два клипни сопирачки со 300 мм дискови.

Внатре, ќе најдете нова 12,3-инчна дигитална инструмент табла специфична за GR што прикажува работи како режимот на возење, притисокот на турбото и положбата на менувачот. Добива и „short-shift“ менувач, како и „старомодна“ механичка рачна сопирачка. На централната конзола се наоѓа 8-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој поддржува Apple CarPlay и Android Auto поврзување.

И за крај, има едно големо разочарување…GR Corolla нема да биде достапна на Европскиот пазар. Причината за ова, според Toyota e „Power of Three“ политиката на Gazoo Racing дивизијата, која што вклучува само три GR модели да се продаваат на еден пазар во исто време. Во Европа веќе имаме три вакви модели – GR Yaris, GR Supra и новиот GR86. Во Северна Америка, недостатокот на GR Yaris обезбедува „простор“ за новата GR Corolla. Останува да се надеваме дека Toyota ќе ја промени оваа политика и ќе ни ја понуди GR Corolla и на нашиот пазар.