Ова е новата спортска Monte Carlo верзија за новата Skoda Fabia

Skoda ја претстави најспортската верзија досега за новата Fabia која добива подинамичен изглед надвор и внатре, како и поголема моќност.

Фановите на Skoda ќе бидат запознаени со дизајнерските измени на Fabia Monte Carlo бидејќи тие се речиси идентични со секој друг модел на брендот кој има Monte Carlo верзија. Промените вклучуваат нови ексклузивни 17-инчни алуминиумски бандажи, поспортски преден браник, пошироки странични прагови и поагресивен заден дел со дифузер. Решетката на ладилникот и ретровизорите се исто така заменети и тука се во сјајно црна боја. Исто така, оваа верзија располага и со повеќе стандардна опрема од обичната Fabia – LED фарови, предни светла за магла и затемнети стакла. Како опција достапни се и контрастен црн покрив, надградени LED фарови и 18-инчни алуминиумски бандажи.

Внатрешноста добива спортско преуредување, при што купувачите имаат корист од спортски седишта, рачна сопирачка обложена во кожа, алуминиумски педали, црвени шевови и нов спортски волан со значка „Monte Carlo“. Може да се најдат и црвени детали на контролната табла и вратите, а некои делови во кабината се во карбон. Кога станува збор за технологијата, Skoda се погрижи Fabia Monte Carlo да има многу повеќе опрема. Наместо 6.5-инчниот инфозабавен систем кој се наоѓа во основниот модел, купувачите стандардно добиваат екран од 8-инчи. Поголемиот екран од 9.2 инчи кој содржи и контрола со гестови може да се добие како дополнителна опција, вклучувајќи и дигитална инструмент табла од 10.25-инчи.

Под хаубата, Fabia Monte Carlo ќе биде достапна со избор од два мотори. Првиот е 1.0-литарски трицилиндричен бензинец кој испорачува 110 коњски сили и 200 Nm вртежен момент, стандардно спарен со шест-степен мануелен менувач или седум-степен автоматски со двојна спојка достапен како опција.

Вториот е 1.5-литарски четирицилиндричен бензинец кој испорачува 150 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Овој 1.5 TSI Evo мотор е достапен само за Monte Carlo изведбата и воедно ова е најмоќната верзија на Fabia бидејќи брендот нема да понуди хот-хеч RS изведба од оваа генерација на Fabia…Инаку, овој мотор стандардно доаѓа со седум-степен автоматски менувач со двојна спојка што овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за рамно 8 секунди.