Alfa Romeo денес конечно го претстави новиот компактен теренец Tonale. Како прв ваков модел за италијанската марка, тој ќе биде достапен со plug-in хибриден погон кога ќе биде пуштен во продажба во април.
Во Европа, Tonale ќе биде достапен и со поприфатлива хибридна технологија, додека марката стави голем фокус на подобрување на квалитетот, инфозабавниот систем и поврзувањето, како и перформансите на plug-in хибридниот модел – сите области за подобрување се идентификувани од шефот на Alfa Romeo, Jean-Philippe Imparato откако му се приклучи на брендот во март 2021 година.
Најважната работа за Tonale – и надежите за успех на Alfa Romeo – е новиот plug-in хибриден погон на автомобилот. Се состои од 1,3-литарски четирицилиндричен турбо бензински мотор кој е заеднички со сестринската марка Jeep, а му се придружува и шестстепен автоматски менувач. Електрифицираниот елемент е составен од батерија од 15,5 kWh со електро-мотор поставен позади за вкупна моќност од 275 коњски сили.
Овој систем ја става вкупната тежина на Tonale Plug-in Hybrid Q4 со погон на четири тркала на околу 1.900 килограми и ова е всушност најбрзата верзија на Tonale, со забрзување од 0 до 100 км/ч за 6.2 секунди. На батеријата и се потребни два и пол часа за да се наполни со домашен wallbox полнач од 7,4 kW, а со полна батерија може да помине до 80 километри.
На PHEV верзијата ќе и се придружат и 1.5-литарски турбо бензински хибридни единици со погон на предните тркала кои користат 48 волтен електрифициран систем. Првата верзија располага со 130 коњски сили, додека помоќната верзија добива технологија за променлива геометрија на турбината за својот компресор, зголемувајќи ја моќноста на 160 коњски сили.
Двата мотори се споени со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка (нема мануелна опција) и имаат електричен мотор со 20 коњски сили и 55 Nm вртежен момент што може да го придвижи автомобилот при мали брзини. На пример, „e-Creeping“ му овозможува на Tonale да се движи бавно во EV режим, додека функцијата „e-Queueing“ може да го задржи автомобилот да се движи во „stop and go“ ситуации во сообраќајот.
Достапен ќе биде и нов 1.6-литарски дизел мотор со 130 коњски сили и 320 Nm вртежен момент кој силата ја пренесува на предните тркала преку шестстепен автоматски менувач.
Под впечатливата кожа, и покрај тоа што сега е дел од Stellantis Group, Tonale се заснова на силно еволуираната платформа на Fiat-Chrysler, која исто така се користи и кај некои модели на брендот Jeep. Tonale располага со MacPherson потпирање, со селективни амортизери за фреквенција (FSDs) како стандард, додека адаптивните амортизери ќе бидат достапни како опција. FSD амортизерите ги менуваат карактеристиките на амортизацијата во зависност од влезовите од системот за суспензија и се тврди дека обезбедуваат удобно возење кога тоа е потребно, додека го контролираат навалувањето на каросеријата за да го засилат управувањето во свиоци.
Традиционалниот DNA избирач за режим на возење на Alfa, исто така, менува одредени параметри, при што режимот „Advanced Efficiency“ дава приоритет за EV возење – кај PHEV верзијата. „Natural“ е балансиран режим, додека „Dynamic“ ги подготвува системите на автомобилот за поспортско возење. Инженерите велат дека управувањето на Tonale е најдиректно во сегментот, додека регенеративниот систем за сопирање се одликува со технологија „brake-by-wire“ и четириклипни предни Brembo сопирачки.
Новата внатрешна технологија на Tonale е исто така важен елемент, што означува чекор напред за инфозабавните системи на Alfa Romeo. Новиот модел има конфигурабилна дигитална инструмент табла со 12.3 инчен екран со графика дизајнирана да ги реплицира историските инструменти на Alfa. На ова се придружува централен екран на допир од 10.25-инчи кој користи Amazon Alexa, безжична Android Auto и Apple CarPlay конекција. Интеграцијата на Alexa, исто така, нуди интуитивен гласовен асистент, како и „безбедна услуга за испорака“ која им овозможува на сопствениците да го изберат својот Tonale како локација каде што доставувачите ќе можат да го остават нарачаниот пакет.
Има и други многу важни поврзани услуги, италијанската марка исто така разви NFT технологија, што го прави Tonale првиот автомобил што интегрира blockchain technology. Ова ќе стане дигитален запис за главните животни настани на автомобилот, вклучувајќи го сервисирањето и сите ажурирања на софтверот „преку воздух“. Alfa тврди дека ќе помогне да се зачуваат преостанатите вредности.
Одржувајќи чекор со сегментот, Tonale располага со ниво 2 на автономна помош за возачот. Адаптивниот темпомат ќе го задржи автомобилот во лента на автопат, плус има и автономно сопирање со детекција на пешаци и велосипедисти, детекција на поспаност на возачот, следење на сообраќајот на мртва точка, како и камера од 360 степени.













