Skoda го претстави новиот Enyaq Coupe iV

Ова е новиот Enyaq Coupe iV, поелегантната верзија на стандардниот Enyaq SUV која може да се пофали со поспортски изглед. Заснован е на истата MEB платформа како и стандардниот модел, Enyaq Coupe iV е достапен со три различни мотори и благодарение на неговата аеродинамична форма, нуди уште поголем опсег од обичниот SUV модел.

Според Skoda, за да внесат некои емоции во дизајнот на автомобилот, дизајнерите создадоа нежно заострена линија на покривот одзади, при што Enyaq Coupe стандардно се одликува со панорамски стаклен покрив. Поспортскиот изглед – дури и кај стандардните модели – му дава на Enyaq Coupe свој карактер во споредба со обичниот Enyaq, а доаѓа со избор на големини на тркала кои се движат од 19 до 21 инчи.

Моделот 80x SportLine се одликува со различен стил на каросеријата во однос на остатокот од понудата, вклучувајќи поголеми отвори за воздух и ознака на предните крила. Овој модел е за 15 мм понизок напред и 10 мм понизок назад во споредба со стандардната верзија. Сите верзии на Enyaq Coupe се достапни со осветлената „Crystal Face“ предна решетка.

Skoda тврди дека и покрај заострената линија на покривот кај Enyaq Coupe, нивото на простор за глава во задниот дел има слично ниво како во Octavia Estate, додека просторот во багажникот нуди 570 литри капацитет. Електрично отворање за вратата од багажникот ќе биде достапно како дополнителна опција.

Во внатрешноста, Enyaq Coupe е идентичен како и обичниот модел. Пред возачот се наоѓа 5.3 инчни дигитална инструмент табла, а на централната конзола е поставен големиот 13-инчен екран за инфозабавниот систем. Стандардно е опремен со вградена навигација, wireless поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, како и надградба на софтверот „over-the-air“ и посебна мобилна апликација за планирање на полнењето. Head-up дисплеј е достапен како дополнителна опција.

Enyaq Coupe е достапен и со Design Selection пакети, вклучувајќи ги опциите Lodge и ecoSuite кои имаат одржливи материјали, како што се седишта направени од 40%природна волна и 60% рециклирана PET пластика. Lounge пакетот содржи тапацир од микрофибер со контрастни шевови, додека Suite има придобивки од црна кожа.

Исто така, автомобилот е опремен и со Travel Assist 2.5 полуавтономна технологија за помош на возачот, која се состои од адаптивна темпомат, адаптивна помош за одржување на возилото во лента и итно сопирање, како и детекција на пешаци и велосипедисти, плус cross traffic alert и blind spot detection, а како опција достапни се и адаптивни Matrix LED фарови за зголемена безбедност.

Coupe верзијата на Enyaq е достапна само со поголема батерија од 82 kWh (77 kWh употребливи), која во најефикасната верзија има опсег од 545 километри со полна батерија.

Основната верзија е придвижувана од електричен мотор поставен назад кој произведува 204 коњски сили и 310 Nm вртежен момент, додека Enyaq Coupe 80x додава дополнителен електричен мотор на предната оска за погон на сите четири тркала и вкупно 265 коњски сили и 425 Nm вртежен момент. Бројките за забрзување на овие две верзии сè уште не се потврдени, но двата модели ќе достигнат максимална брзина од 164 километри на час.

Импресивната ефикасност на купето е благодарение на уште помалиот коефициент на отпор од 0,234 Cd во споредба со стандардниот Enyaq, додавајќи дополнителни 16 километри досег во однос на Enyaq SUV верзијата со најдолг домет.

Автомобилот поддржува и брзо полнење од 135 kW со што полнењето на Enyaq Coupe од 10 до 80 проценти трае само 29 минути, додека полнењето во домашни услови трае помеѓу шест и девет часа во зависност од полначот.