Porsche го претстави новиот Cayenne Platinum Edition

Ова е новиот Porsche Cayenne Platinum Edition – станува збор за специјална верзија на најголемиот теренец на германската марка која има побогата стандардна опрема и како што сугерира името, некои козметички дотерувања во Platinum боја.

Стилските промени на Porsche Cayenne Platinum Edition вклучуваат уникатен сет од 21-инчни алуминиумски бандажи, нови значки и редизајнирани делови на предниот браник, од кои сите се обработени со Platinum боја. Добива и нови спортски издувни цевки, како и црни опкружувања на прозорците.

Внатре, се одликува со текстурирана алуминиумска облога на контролната табла, сребрена завршница на вратите и алуминиумски значки со изгравирана ознака „Platinum Edition“. Стандардно добива понапреден инфозабавен систем и 12,3-инчна дигитална инструмент табла. Оваа верзија на Cayenne вклучува и амбиентално осветлување, аналоген часовник поставен на контролната табла, Bose аудио систем и нови предни и задни потпирачи за глава кои се извезени со логото на Porsche.

За да се надополнат козметичките промени, Porsche додаде дополнителна опрема во Cayenne Platinum Edition. Купувачите добиваат надградени LED фарови, панорамски покрив, затемнети стакла и електрично прилагодливи кожни спортски седишта во осум насоки.

Cayenne Platinum Edition е достапен во три верзии – основната верзија користи 3.0-литарски V6 турбо-бензински мотор со 340 коњски сили кои се доволни за забрзување до 100 км/ч за 6.2 секунди. Следната верзија е Cayenne E-Hybrid (PHEV) која го користи истиот 3.0-литарски мотор, но тука испорачува 462 коњски сили и забрзувањето до 100 км/ч е скратено на рамно 5 секунди. Последната верзија е Cayenne S кој користи 2.9-литарски V6 мотор кој испорачува 440 коњски сили и забрзува до 100 км/ч за 5.2 секунди.

Освен стандардниот Cayenne, Platinum Edition верзијата е достапна и за Coupe изведбата на Cayenne.