Toyota конечно влегува во сегментот на мали SUV модели. Yaris Cross привлекува внимание поради тоа што е уникатен во својата класа благодарение на необичната комбинација на хибриден погон и AWD – погон на сите четири тркала. Автомобилот што го имав на тест е во врвното и ексклузивно Premiere Edition ниво на опременост кое што е достапно само одреден период и ја содржи сета опрема која е достапна кај моделот.
Популарноста на овие мали SUV модели е огромна и постојано расте, купувачите се повеќе се одлучуваат за ваков тип на автомобил отколку некој класичен хечбек или седан. Сегментот на таканаречените B-SUV возила се прошири толку многу во последниве години што речиси секој мејнстрим бренд во Европа веќе има модел во овој сегмент, а некои брендови пак, имаат дури и два различни модели наменети за различни клиенти, додека други ја нудат веќе и втората генерација на таков автомобил. Сепак, одамна постои еден клучен бренд што недостасува во овој толку важен сегмент. Станува збор за Toyota, која оваа година конечно ја пополни оваа празнина во понудата, со моделот Yaris Cross.
Морам да нагласам дека ова име може да биде малку збунувачки за одредени луѓе. Иако Yaris Cross ја користи истата техничка основа во форма на TNGA платформата, односно верзијата GA-B која е наменета за мали автомобили како хечбекот Yaris, двата автомобили се фундаментално различни. Па затоа, Yaris Cross е многу далеку од „само подигнат“ Yaris, ова е еден навистина препознатлив модел, кој исто така го започна трендот на таквите означени модели на Toyota. Оваа година во Европа ќе пристигне и новата Corolla Cross, кросовер базиран на компактната Corolla.
Ќе ги забележите фундаменталните разлики помеѓу Yaris и Yaris Cross уште на прв поглед и двата автомобили користат сосема различен стил, а тоа заслужува пофалба. Додека малиот хечбек е со карактеристичен и агресивен изглед, кросоверот е повеќе инспириран од моделот Mirai и содржи висока маска и речиси рамна хауба. Остро исечената форма на Ц-столбовите наликува на еден друг добро познат теренец на Toyota, односно RAV4, додека задниот дел на автомобилот може да се каже дека се соединува со Yaris. И тука го забележуваме мотивот на меѓусебно поврзани задни светла, кои кај Yaris Cross се со малку поостри резови. Целиот автомобил има и многу елементи како што се црните пластики околу крилата, заштитните панели на предниот браник и страничните прагови кои нагласуваат дека станува збор за SUV модел. Toyota си стои на својот збор од пред неколку години, дека брендот нема повеќе да има досадни автомобили и навистина е така!
Инаку, меѓуоскиното растојание од 2.560 мм се поклопува со тоа на Yaris, што значи дека Yaris Cross со должина од 4.180 мм е еден од помалите членови во сегментот. Многу модели од овој сегмент ја надминаа должината од 4.2 метри, додека Toyota Yaris Cross останува навистина „мал“ SUV. Слично на тоа, Yaris останува мал хечбек со должина од 3.940 мм, додека повеќето конкуренти ја надминале границата од четири метри. Накратко, Toyota го турка трендот на типичен автомобил кој е наменет за градот, што практично го олеснува паркирањето на градските улици благодарение на компактните димензии, но истовремено значи и просечен внатрешен простор.
Одиме внатре, а тука веднаш се приметува дека ентериерот на Yaris Cross е идентичен со оној во Yaris – но, со неколку новости. Дизајнот можеби и не е најзабавниот во класата, но е доста практичен и функционален, а тоа е една од добрите страни на моделите на Toyota, бидејќи не е претерано со целосна дигитализација. Благодарение на широките прилагодувања на седиштата и управувачот, секој ќе може лесно да ја најде својата оптимална положба. Инаку, седиштата се супер комфорни и нудат релативно добра странична поддршка. Тест моделот ги има кожните седишта со контрастни шевови кои и изгледаат доста интересно. Пред возачот се наоѓа инструмент таблата со аналогни елементи и централен TFT дисплеј на кој се прикажуваат сите важни информации околу возењето, навигацијата и медијата, а се супер јасни и разбирливи, како и контролата во целиот автомобил. На горниот дел од централната конзола е поставен комплетно новиот Toyota Smart Connect инфозабавен систем со дисплеј од 9-инчи. Новиот систем нуди далеку подобра графика, подобар и појасен интерфејс, како и побрзо работење. Исто така, вклучува и wireless поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, како и вграден навигациски систем кој е еден од најдобрите кои што сум ги видел во последно време. Кога ќе ја отворите навигацијата, во долниот дел може да одберете што точно барате, пример; ресторан, кафе бар или паркинг. Интересното е тоа што кога ќе одберете да пребарувате паркинг, ги прикажува сите градски паркинзи кои се достапни и ги означува како гаража или отворен паркинг, но тоа не е се – на 90% од паркинзите ја прикажува и точната цена (во денари) за еден час паркирање. Исто, ги има буквално сите ресторани и кафе барови во Македонија, дури и оние маалски „кафичи“. Секако, ова работи и за сите други држави во Европа. Иако 9-инчниот дисплеј има само три физички копчиња од едната страна и сите други функции се контролираат преку допир, Toyoto одлучиле да го остават засебниот панел за контролирање на клима уредот, кој е толку лесен за користење што не ни мора да го спуштите погледот надолу за да ја подесите јачината или температурата.
Овој инфозабавен систем се добива во повисоките нивоа на опременост, додека другите нивоа го добиваат постариот Toyota Touch 2 инфозабавен систем со помал 8-инчен дисплеј кој ги задржува физичките копчиња од двете страни на дисплејот, но исто така нуди и веќе застарен интерфејс и графика. Инаку, немам никакви резервации за завршната обработка. Избраната пластика е можеби малку потврда, но изгледа цврсто и квалитетно. Го ценам и поголемиот простор за складирање во кабината, џебовите на предните врати се доволно големи, а ми се допаѓа и практичната полица под инфозабавниот дисплеј која на пример е одлична за оставање на мобилен телефон. Додека во долниот дел, пред менувачот се наоѓа безжичниот полнач за мобилни телефони. Уште една работа која тестираниот модел ја имаше и вреди да се спомне е прекрасниот JBL аудио систем.
Каков е Yaris Cross на задните седишта? – е тука доаѓаат до израз компактните димензии. На задните седишта просторот е доста лимитиран за оние кои се со висина од 180 cm па нагоре, просторот за главата е доволен, но колената го допираат предното седиште. Трет патник воопшто не би препорачал да се смести на задните седишта…Голем дел од конкурентните модели се едноставно попросторни во овој дел. Багажниот простор нуди капацитет од 397 литри, што е солидно за класата, но оваа вредност важи само за верзиите со преден погон. Бидејќи тестираниот модел е со погон на сите четири тркала, на располагање имав намален капацитет од 320 литри. Од друга страна пак, правилните форми ја подобруваат неговата употребливост, па затоа не можам да се пожалам на големината. Дополнително, неколку мали нешта сè уште ќе може да се складираат под подот бидејќи и таму има простор.
Палетата на мотори кај Yaris Cross се потпира исклучиво на 1.5-литарски трицилиндрични атмосферски бензински мотори, што е малку необично решение во денешно време. Достапен е 1.5-литарски Dynamic Force со 125 коњски сили кој може да се земе со мануелен или CVT автоматски менувач, како и хибридна верзија која исто така го користи тој мотор, но во комбинација со електромотор – а таков е моделот што го имав на тест. Што се однесува до самиот хибриден систем, ова е добро познато решение од Yaris. Затоа, 1.5-литарскиот атмосферски мотор е изведен од 2.0-литарскиот четирицилиндричен мотор што се вградува во Corolla и C-HR и има висок сооднос на компресија од 14:1. Ова, во комбинација со Аткинсонов циклус, обезбедува висока термичка ефикасност.
Самиот трицилиндарец има моќност од 92 коњски сили, но е надополнет со електричен мотор од 580V со моќност од 80 коњски сили кој црпи енергија од литиум-јонските батерии од 177,6V. Заедно, овој систем обезбедува комбинирана моќност од 116 коњски сили. Ова исто така важи и за тестираниот AWD-i модел, кој се потпира на дополнителен електричен мотор за да ја движи задната оска. Тој е независен од предниот дел, така што ви овозможува прецизно испраќање на силата на задните тркала кога тоа е потребно. Според Toyota, ова е и компактно решение што може да се користи во автомобил од Б-сегментот. И да, Yaris Cross е еден од ретките автомобили во класата што воопшто нуди опција за погон на сите четири тркала. Силата кај оваа верзија се пренесува преку e-CVT автоматски менувач што овозможува забрзување од 0 до 100 км/ч за 11.8 секунди и максимална брзина од 170 км/ч. Перформансите на овој хибриден систем не се драматични, но сосема доволни за намената на автомобилот. Немам никакви замерки за усогласувањето на електромоторот и бензинскиот мотор. Toyota уште еднаш докажува дека има големо искуство во оваа област, па префрлањето помеѓу погоните е апсолутно непречено. Каква е потрошувачката? – Ако Toyota вели дека хибридот е најдоброто решение за намалување на потрошувачката, тоа е апсолутно така. Благодарение на возењето на струја и во исто време полнење на батериите додека возите, во град потрошувачката започнува со бројката 4. На автопат потрошувачката достигнува до 6.5-7 литри на 100 изминати километри.
Целокупното подесување на Yaris Cross е прилично поцврсто, но од друга страна, нема многу бучни удари од тркалата и во повеќето случаи шасијата е доволно флексибилна. На овој начин, автомобилот успева добро да се справува со сите дупки и нерамнини на патот, плус нема пренагласено тресење во кабината. Погонот на сите тркала, кој се потпира на задната и подобра мулти-линк суспензија наместо на торзионен бар, значително помага во возните карактеристики. Yaris Cross е доста агилен во свиоци и е задоволство да се вози. Сепак, не очекувајте кој знае какви спортски способности…На лизгави површини пак до израз доаѓа погонот на сите тркала, чија работа (или распределба на силата помеѓу оските) може да се види и на екранот од борд компјутерот. Ова обезбедува доволна сигурност без електрониката да се меша на кој било начин со контролата. Достапни се и неколку различни модови за возење – Normal, Eco, Power и Snow и Trail кој се наменете за да го прилагодат погонот на сите тркала според условите под возилото. Мала замерка имам за звучната изолација. За време на тестирањето автомобилот беше со зимски BFGoodrich G-Force пневматици кои мислам дека се виновни за понагласената бучава во кабината, особено на автопат. Исто така, забележлива е и аеродинамична бучава на брзини од 130-140 километри на час. Yaris Cross е опремен и со сите најнови безбедносни системи, како и системи за помош при возење, кои мислам дека се малку пречувствителни. Адаптивниот темпомат сопираше непотребно далеку од возилото напред, а следењето на мртвата точка честопати знаеше да предупреди малку порано од потребното. Сепак, одржувањето на возилото во лента функционира добро и чувствително, а може и лесно да се исклучи – со притискање на копче кое е поставено на десната страна на воланот.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Toyota Yaris Cross 1.5 125КС MT Fancy изнесува 19.590 евра.
Цената на тестираниот модел Toyota Yaris Cross 1.5 Hybrid AWD-i Premiere Edition изнесува 36.290 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota Авто-Центар.























