Ceed во својата трета генерација доби смели и современи подобрувања, вклучително и динамични и атлетски акценти на дизајнот. Моделот добива целосно редизајниран преден дел, со повеќе спортски елементи и освежени бои на каросеријата, а како одговор на трендовите во индустријата, гамата е достапна и со нови погонски единици и менувачи.
Новиот освежен модел е веќе достапен во салонот на Kia Македонија, а изложени се три различни изведби, односно – Ceed во основно ниво на опрема (црвениот), Ceed во GT-Line ниво (сивиот) и врвниот спортски Ceed GT (белиот). Па ајде да ги разгледаме!
Однадвор, новиот изглед создава современ и динамичен став. Во комплетно редизајнираниот преден дел се појавува новото лого на Kia, со што се рефлектира новото мото „Движење што инспирира“. Иконската маска на „тигров нос“, што го прави Ceed препознатлив, е надградена и отсега доаѓа во сјајна црна боја со хромирана лајсна. Кај моделите со plug-in технологија, истата е затворена и има впечатлива завршница во контрастни бои. На страните, до израз доаѓаат новите отвори за воздух кои сега продолжуваат до крајот на браникот, со што му даваат поспортски изглед на автомобилот. На задната страна, за да се потенцира едноставноста на новото лого, површината помеѓу LED светлата е измазнета за да го прими новиот елегантен амблем. Со мали промени е и дифузерот во долниот дел од браникот кој исто така има сатенски хромиран завршеток кој се протега околу целиот автомобилот.
Освежениот Ceed отсега има и нови целосни LED светлосни групи со цел да се зголеми безбедноста на патот. Во предните светла се вметнати три модули во форма на стрели кои служат за дневни светла, а истите, дејствуваат и како трепкачи. Голема новина се задните светла кај GT-Line и GT изведбите. Тие добиваат нов дизајн кој комбинира LED диоди поставени во форма на саќе и се опкружени со црвена рамка – во живо изгледаат феноменално добро!
За дополнително унапредување на надворешните ажурирања, достапна е низа од 13 бои на каросеријата за да одговараат на сите вкусови на клиентите. Четири од овие бои се нови за палетата, а тоа се Machined Bronze, Lemon Splash, Yucca Steel Gray и Experience Green.
Промените во внатрешноста вклучуваат нови седишта, кои кај GT моделот сега се уште поспортки, нов 10.25-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, нова целосно дигитална инструмент табла, на воланот е поставено новото лого и уште неколку ситни детали кои допринесуваат за помодерна и повеќе хај-тек кабина.
Што се однесува до моторите, Ceed е достапен со 1,0-литарски турбо бензинец кој испорачува 120 коњски сили и 1,5-литарски турбо бензинец со 160 коњски сили. Како и 6-степен мануелен менувач или 7-степен DCT автоматски менувач. Доколку сакате дизел, достапен е 1,6-литарски CRDi со 136 коњски сили. Исто така, достапна е и plug-in хибридна (PHEV) верзија.
Врвната GT изведба користи 1,6-литарски T-GDi турбо бензинец кој испорачува 204 коњски сили. Силата ја пренесува на предните тркала преку 7-степен DCT автоматски менувач.
Повеќе информации може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Kia Македонија каде што ќе може и одблиску да се запознаете со новиот Ceed.












































