Во салонот на Citroën во Скопје пристигнаа новите ë-C4 и C5 Aircross Hybrid – и со ова Citroen ја започнува електрификацијата на македонскиот пазар.
Новата генерација на C4 уште од самиот почеток е достапна со конвенционални бензински и дизел мотори, како и целосно електрична верзија. Дизајнот на автомобилот е динамичен и флуиден, а благодарение на новата форма и уникатниот стил на Citroën, ова е навистина атрактивен автомобил. Ми се допаѓа тоа што нема скоро никаква разлика во надворешниот и внатрешниот изглед помеѓу верзиите со мотор со внатрешно согорување и целосно електричниот модел.
Новиот ë -C4 има електромотор кој располага со 136 коњски сили и 260 Nm вртежен момент достапен од „нула“. Силата се пренесува на предните тркала преку автоматски менувач, што пак овозможува забрзување од 0 до 100 километри на час за 9.7 секунди и максимална брзина електронски ограничена на 150 километри на час. Батеријата во e-C4 е со големина од 50kWh и овозможува опсег од 350 километри со едно полнење (според WLTP).
Електричната верзија на C4 ги добива сите оние нови технологии кои се достапни и кај конвенционалниот C4 – Advanced Comfort седиштата кои се едни од најудобните седишта, прогресивните перничиња во амортизерите кои прават возењето да биде екстремно комфорно, како и сите најнови безбедносни системи.
Новиот C5 Aircross Hybrid е првиот plug-in хибриден модел на брендот, а започнувајќи од сега, секој нов модел на Citroen ќе има своја plug-in хибридна верзија. Погонот на овој автомобил е економичен и доста моќен – комбинира 1.6-литарски PureTech четирицилиндарски бензинец со 180 коњски сили и електромотор од 80kW. Вкупната системска моќност изнесува 225 коњски сили и 320 Nm вртежен момент. Благодарение на батеријата од 13.2kWh, само на струја може да помине околу 50 километри (според WLTP).
Како и конвенционалниот 2.0-литарски бензински модел, моторот и електричниот мотор на C5 Aircross Hybrid се стандардно поврзани со осумстепен автоматски менувач. Теренецот може да достигне брзина од 135 километри на час само на електрична енергија. На домашен 7.4kW полнач, батеријата во C5 Aircross Hybrid до 100% ќе се наполни за околу два часа.
Citroen, исто така направи неколку промени на шасијата на C5 Aircross Hybrid во однос на моделите со мотор со внатрешно согорување. Поставена е нова мулти-линк задна оска, амортизерите ги добиваат прогресивните перничиња, како и неколку други промени кои допринесуваат за поудобно и порафинирано возење.
Што се однесува до цените – електричниот ë-C4 започнува од 37.900 евра, додека C5 Aircross Hybrid има почетна цена од 41.990 евра.
Повеќе информации може да најдете на следните линкови:
ë-C4 – https://www.citroen.com.mk/vozila/noviot-citroen-e-c4-100-electric/
C5 Aircross Hybrid – https://www.citroen.com.mk/vozila/citroen-c5-aircross-suv-hybrid/






























