Новата трета генерација на популарниот Nissan Qashqai пристигна и на македонскиот пазар. Новиот модел е навистина нов – добива нова платформа, нов дизајн, подобра практичност, нови технологии, како и поефикасни мотори вклучително и целосно нов хибриден погон.
Надворешниот дизајн на новиот Qashqai го еволуира стилот на неговиот претходник со изглед што е поробустен и визуелно го прави автомобилот поголем и покрај тоа што е зголемен само 35 мм во должина и 32 мм во ширина. Исто така, зголемено е меѓуоскиното растојание за да се создадат дополнителни 28 мм простор за нозе во задниот дел. Предниот дел добива нова интерпретација на V-Motion маската на Nissan, а опкружен е со тенки LED фарови кои пресекуваат црта во форма на буквата C. На освежениот изглед му помага и ефектот на лебдечки покрив, што е овозможено со одбирање на контрастна боја за покривот. Достапни се вкупно 11 бои за каросеријата, од кои пет може да се изберат со контрастен покрив, тоа значи дека се достапни вкупно 16 различни комбинации. Големините на бандажите се движат од 17 до 20 инчи – тој максимум е еден инч поголем од она што беше понудено на втората генерација на Qashqai.
Внатре, кабината на новиот Qashqai е одличен чекор напред и во дизајнот и во завршната обработка. Хоризонталната архитектура на контролната табла овозможува екранот за инфо-забавниот систем да биде поставен на горниот дел, со што отворите за климатизацијата и физичките копчиња се поместени подолу. Инфозабавниот систем сега користи 9-инчен екран осетлив на допир со многу поостра резолуција од порано. Исто така, достапно е и wireless поврзување преку Android Auto и Apple CarPlay. Традиционалните аналогни инструменти од претходната генерација, сега се заменети со целосно нова дигитална инструмент табла. Прилагодливиот екран од 12.3 инчи му овозможува на возачот да даде приоритет на податоците за возење, навигацијата или информации за возилото, сето тоа преку контролите на новиот волан. Како опција новиот Qashqai е достапен и со 10.8 -инчен head-up дисплеј – најголем од овој тип во својот сегмент.
Друга огромна промена за Qashqai доаѓа под хаубата. Јапонската марка ги исфрли дизел моторите од понудата, така што најголемиот дел од гамата е исполнет со еволуција на 1.3-литарскиот DIG-T турбо бензинец, кој сега е со блага хибридна технологија. Моторот е достапен со 138 коњски сили или 156 коњски сили и вртежен момент до 270 Nm. Погонот на предните тркала е стандарден кај основните модели, додека погонот на сите четири тркала е достапен како опција за најмоќниот mild-hybrid мотор. Основната верзија доаѓа со 6-степен мануелен менувач, додека помоќната верзија е опремена со Xtronic CVT автоматски менувач.
Сепак, најголемата промена доаѓа во форма на целосно нова хибридна единица, наречена „e-Power“. Користи 1.5-литарски турбо бензинец со променлив сооднос на компресија и електричен мотор за вкупна системска моќност од 184 коњски сили и 330Nm вртежен момент. Новиот систем е достапен само со погон на предните тркала. Овој систем се разликува од хибридните системи што се користат во многу други автомобили, бидејќи моторот со внатрешно согорување никогаш не ги вози тркалата директно. Наместо тоа, тој дејствува како генератор, обезбедувајќи полнење на мала батерија, која потоа испраќа енергија до електричниот мотор. Според Nissan, ова дава карактеристики што ги очекуваме од целосно електричните возила, како што се брза испорака на вртежен момент и беспрекорно забрзување.
Новиот Qashqai има голем број нови и ажурирани системи за помош на возачот. ProPilot – полуавтономниот адаптивен темпомат на Nissan е подобрен за најновиот Qashqai и може да се прилагоди на условите на патот, како што се податоци за ограничување на брзината обезбедени преку навигацијата. Системот за предупредување на слепи точки сега може да интервенира со воланот за да не се престроите во соседната лента доколку има сообраќај.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Nissan.


















