Новиот Toyota Yaris Cross пристигна во Македонија

Сосема новиот Yaris Cross пристигна во салонот на Toyota во Скопје – воедно ова е и најмалиот SUV модел во понудата на брендот, позициониран помеѓу C-HR и големиот RAV4.

Yaris Cross е вториот модел на брендот кој ја користи најмалата верзија на Toyota New Global Architecture (TNGA) платформата. Името на новиот модел сугерира дека е член на семејството Yaris, инспириран од поголемите SUV модели на Toyota, но со сосема различен и свеж дизајн.

Предната решетка и фаровите се комплетно различни од другите модели на Toyota, додека страничните делови се остри и со динамични линии. Задниот дел е робустен и изгледа доста интересно, особено дизајнот на задните LED светла.

Ентериерот на Yaris Cross во споредба со стандардниот Yaris е сличен, но добива некои нови дизајнерски елементи. Нов е воланот, нова е и дигиталната инструмент табла, како и големиот централен инфо-забавен дисплеј. Променет е и долниот дел од централната конзола кој сега нуди малку повеќе простор за складирање на работи. Иако автомобилот е 200мм пократок од C-HR, Toyota тврди дека седењето на задните седишта во Yaris Cross е поудобно и попросторно.

Додека дизајнот е комплетно различен, погонот што го користи Yaris Cross е ист како тој во стандардниот Yaris. Станува збор за хибриден систем кој користи 1.5-литарски трицилиндричен бензински мотор кој исто така ја полни и батеријата што го напојува електричниот мотор на автомобилот. Овој мотор е спарен со нова литиум-јонска батерија, која е полесна од старите батерии кои се користени во претходната генерација на Yaris Hybrid. Силата се пренесува преку CVT менувач, а вкупната системска моќност е 115 коњски сили. Освен хибридниот погон, Yaris Cross е достапен и со конвенционален 1.5-литарски бензинец со 125 коњски сили и 6-степен мануелен менувач. Најважната работа за автомобилот е тоа што како опција е достапен и со AWD-i погон на сите четири тркала, а тоа го прави еден од многу ретките модели во оваа класа на возила што ја нудат оваа опција.

Toyota ветува ниска економичност на гориво и ниски СО2 емисии за новиот хибриден погон. Според WLTP, верзиите со погон на предните тркала треба да имаат CO2 емисии кои ќе бидат под 120г/км , додека за верзиите опремени со AWD-i системот се очекува CO2 емисиите да бидат под 135г/км. Исто така, кај верзиите опремени со погон на сите четири тркала практичноста не е воопшто намалена и багажниот простор останува ист, а исто така добиваат и пософистицирана суспензија на задниот дел.

Цената на новиот Toyota Yaris Cross започнува од 19.990 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota!