Huawei го претстави својот прв автомобил – Seres SF5

Huawei SERES SF5 е нов SUV што е развиен од Huawei – кинескиот производител на паметни телефони, заедно со SERES – производител на електрични автомобили и компоненти. Двете компании го најавија партнерството на саемот во Шангај, и исто така изјавија дека SF5 SUV ќе се продава преку водечките продавници на Huawei низ Кина.

Што се однесува до дизајнот, SF5 има уреден и добро пропорционален изглед на кросовер. Однапред, располага со уникатни Full LED фарови, решетка која е уредно интегрирана во браникот и карактеристични LED дневни светла. Од страните може да се видат уредни линии на каросеријата, рамни рачки на вратите и заострена линија на покривот. Во задниот дел доминираат тенките LED задни светла кои се поврзани со светлосна лента која се протега по целиот заден дел. SF5 е долг 4.700 мм, широк 1.930 мм, висок 1.625 мм и има меѓуоскино растојание од 2.875 мм.

Во внатрешноста, контролната табла има минималистички дизајн со масивен инфо-забавен екран осетлив на допир кој е во „Portret Style“ (а ова потсетува на екраните во автомобилите на Tesla). Кабината на SF5 содржи и дрвени елементи, метални акценти и кожни тапацири за да се добие еден врвен изглед.

Други карактеристики на SF5 вклучуваат и дигитална инструмент табла, панорамски подвижен покрив, амбиентално осветлување, загреани и вентилирани седишта, масажер за седишта и аудио систем со 11 звучници се дел од опремата на овој автомобил. Huawei и SERES исто така го опремија SF5 со Level 2 + автоматско потпомогнато возење, со карактеристики како adaptive cruise control, low-speed traffic assist, forward collision warning, automatic emergency braking, lane keeping assist и многу друго.

Huawei SERES SF5 користи 1,5-литарски четири цилиндричен бензински мотор кој служи како генератор за батеријата. Батеријата за возврат ги напојува двата електрични мотори во топ-спецификацискиот модел, а вкупната комбинирана моќност изнесува 551 коњски сили и 820Nm вртежен момент. Спринтот од 0 до 100 километри на час SF5 го постигнува за импресивни 4.7 секунди.

SF5 само на електрична енергија може да помине до 180 километри, а заедно со бензинскиот мотор во употреба може да помине и над 1000 километри – според новиот европски циклус на возење.