Заедно со Arona, SEAT лансираше и фејслифт верзија на популарната Ibiza. Ревидираниот супермини има голем број на подобрувања во технологијата и некои ситни освежувања на надворешноста и внатрешноста.
Промените на надворешноста се навистина минимални, купувачите сега можат да изберат помеѓу две нови бои – Sapphire Blue и Asphalt Blue, додека новото лого на SEAT е поставено на решетката од ладилникот. На задниот дел, во средина на вратата од багажникот е испишано името Ibiza со новиот ракописен стил, како кај најновата генерација на Leon. Како дел од освежувањето воведени се и нови дизајни за алуминиумските бандажи – достапни се две нови опции за 17-инчни бандажи и едни 18-инчни бандажи кои се ексклузивно за FR моделите. Секоја верзија на Ibiza сега е стандардно опремена со LED фарови – почетните нивоа на опременост добиваат Eco LED фарови, додека во повисоките нивоа се добиваат нови Full LED фарови.
Во внатрешноста ревизиите се далеку позабележителни. Инфо-забавниот систем е целосно нов и сега е поставен во „лебдечки стил“ на горниот дел од централната конзола. Стандардно се добива 8,25-инчен дисплеј, додека во повисоките нивоа се добива 9,2-инчен дисплеј. Контролната табла сега добива и нови помеки материјали, а поставени се и нови отвори за климата. Секој модел добива нов мултифункционален управувач, додека моделите со повисоко ниво на опременост добиваат и нова 10,25-инчна целосно дигитална инструмент табла.
Новиот инфо-забавен систем донесе и голем број на ажурирања, вклучувајќи и wireless поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, како и нов систем за гласовни команди кој се активира со помош на гласовната команда „Hola Hola“ и му овозможува на возачот да внесува упатства за навигацијата или да бара музика без да треба да го тргне погледот од патот. Новиот модел добива и ново LED амбиентално осветлување, отворите за климата сега светат во одредена боја во зависност од нивото на опременост – почетното ниво свети во жолто-портокалова боја, додека FR и Xcellence моделите добиваат светло во црвена или виолетова боја.
Купувачите добиваат и дополнителна опрема за безбедност, како што се lane assist, traffic sign recognition, high-beam assist и side assist што го предупредува возачот кога возилото се наоѓа на 70 метри од слепите точки на автомобилот. SEAT исто така го вгради полуавтономниот систем за возење на Volkswagen – Travel Assist, кој може да ја преземе контролата над управувачот, сопирачките и гаста под надзор на возачот.
Понудата на мотори останува скоро и непроменета, па купувачите можат да изберат помеѓу три бензински мотори – понудата започнува со 1.0-литарски атмосферски мотор кој располага со 80 коњски сили, следен е 1.0-литарски TSI кој располага со 95 коњски сили и 5-степен мануелен менувач, а исто така достапен е и 1.0-литарски TSI, но со 110 коњски сили кој е достапен со 6-степен мануелен или 7-степен DSG автоматски менувач. На врвот на понудата останува 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили кој е достапен само со 7-степен DSG автоматски менувач.













