SEAT го освежи својот компактен кросовер – моделот Arona

Arona е најмалиот кросовер во гамата на SEAT, а сега доби и детално освежување.


Новата SEAT Arona добива нова предна маска, изменет преден браник со поголеми отвори за воздух во долниот дел и нови светла за магла кои сега се поставени од двете страни на регистарската табличка. Исто така, дел од црните елементи на браникот сега се заменети со елементи во сребрена боја. Отсега, секој модел на Arona стандардно доаѓа со LED фарови, првите нивоа на опременост ги добиваат Eco LED фаровите, додека FR и Xperience се опремени со понапредни Full LED фарови. На задниот дел, вграден е нов дифузер, горниот спојлер е со малку различна форма од претходно и поставен е новиот знак на SEAT. Значката за моделот исто така е заменета за нова, која ја користи истата ракописна скрипта како и најновиот Leon. Во понудата додадени се и неколку нови бои, како и нови дизајни за алуминиумските бандажи.

Внатре, Arona добива целосно нов дизајн на кокпитот. Централниот инфо-забавен систем е заменет со поголем дисплеј поставен на горниот дел од контролната табла. Стандардниот дисплеј сега е со 8,25-инчи, но моделите со повисоко ниво на опременост добиваат нов дисплеј од 9,2-инчи. Новиот инфо-забавен систем, исто така може да се спари со нова 10,25-инчна дигитална инструмент табла. Поставен е и нов мултифункционален управувач заедно со дополнително амбиентално осветлување околу отворите за воздух на автомобилот. Амбиенталното осветлување во Arona сега добива боја во зависност од нивото на опременост – FR моделите добиваат црвено LED осветлување, додека Xperience моделите добиваат зелено LED осветлување.

Што се однесува до безбедносните системи, новиот модел добива нов систем за странична помош што ја следи околината на автомобилот и го предупредува возачот ако возилото е на нивна слепа точка. SEAT го превзема и Travel Assist системот на Volkswagen што значи дека Arona сега може да преземе контрола врз управувачот, гаста и сопирачките. Препознавање на сообраќајни знаци и „Park Assist“ се уште две додатоци. Првиот го прикажува тековното ограничување на брзината, а вториот може автоматски да го паркира автомобилот.

Понудата на мотори останува скоро и непроменета, па купувачите можат да изберат помеѓу три турбо-бензински мотори – понудата започнува со 1.0-литарски TSI кој располага со 95 коњски сили и 5-степен мануелен менувач, следен е 1.0-литарски TSI со 110 коњски сили кој е достапен со 6-степен мануелен или 7-степен DSG автоматски менувач, на врвот на понудата е 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили кој е исклучиво опремен со 7-степен DSG автоматски менувач.