Compass е еден од најпопуларните модели на Jeep во Европа, а втората генерација сега доби темелно освежување.
Од Jeep велат дека новиот Compass за 2021 година е комплетно нов модел кој вклучува големи промени во технологијата, карактеристиките и функционалноста. Compass со сите направени промени сега е на едно повисоко ниво бидејќи ова е еден од моделите кои се од огромно значење за еволуцијата на брендот и првиот модел на Jeep кој е претставен во Европа по настанувањето на групацијата Stellantis.
Надворешноста на новиот модел не е премногу сменета, а најочигледните промени се на предниот дел. Поставени се нови фарови кои користат LED технологија, нов браник со нови отвори за воздух и нова решетка. На задниот дел промените се навистина суптилни и поставени се само нови светла кои исто така користат LED технологија. Достапни се и неколку нови бои, како и нови алуминиумски бандажи, а може да одберете помеѓу пет нивоа на опременост – Sport, Longitude, Limited, S и Trailhawk.
Во внатрешноста направени се огромни промени, па кабината добива комплетно нов контролен панел со нови функции. Она што привлекува внимание е новиот инфозабавен систем кој сега е поставен на горниот дел од централната конзола, а може да се добие со 8.4-инчен или 10.1-инчен дисплеј. Исто така, инфозабавниот систем го добива и најновиот Uconnect 5 систем кој содржи пет пати побрз процесор и далеку подобра графика од порано. Пред возачот се наоѓа нова целосно дигитална инструмент табла со 10.25-инчен дисплеј, а Compass добива и нов пофункционален волан.
Новиот Compass е достапен со голем избор на бензински и дизел мотори кои сега се со пониски CO2 емисии и намалена потрошувачка. Понудата започнува со новиот 1.3-литарски GSE турбо-бензински мотор кој е достапен со 130 и 150 коњски сили, а купувачите можат да бираат помеѓу мануелен или автоматски менувач. Што се однесува до понудата на дизел мотори, достапен е само еден 1.6-литарски турбодизел со 130 коњски сили и исклучиво со мануелен менувач. Compass може да го земете и во Plug-in хибридна изведба, а достапни се две опции – со 190 и 240 коњски сили. Овие изведви се и единствените кои доаѓаат со eAWD погон на сите четири тркала и исклучиво со 6-степен автоматски менувач.
Освежената изведба на Compass добива и голем број на нови безбедносни системи кои вклучуваат – Highway Assist систем кој нуди автономно возење од второ ниво, систем за препознавање на сообраќајни знаци, асистенција за интелигентно забрзување и автоматско сопирање во итни случаи со препознавање на пешаци и велосипедисти и многу друго.



















