Новата фејслифт верзија на Audi Q2 пристигна во Македонија

Најмалиот SUV модел во гамата на Audi пред извесно време доби освежување на надворешноста и внатрешноста, а сега е опремен и со сите најнови технологии.

Што се однесува на надворешноста, најочигледната промена е на предниот дел каде што е поставен нов браник, нови отвори за воздух и нова октагонална Singleframe решетка која е со нови детали и е поставена малку пониско од претходно. Нови се и предните фарови кои стандардно доаѓаат со LED технологија и нов светлосен потпис, а како опција достапни се Matrix LED светлата. На задниот дел, нема некои преголеми промени, поставен е нов браник со интегриран дифузер и нови LED светла во две верзии од кои стандардните се без динамички трепкачи, додека опционалните добиваат и динамички трепкачи. Освежениот Q2 добива и нови дизајни за алуминиумските бандажи, како и пет нови бои за каросеријата.

Во внатрешноста, промените се доста суптилни и вклучуваат нов управувач, нова рачка за менувачот и отворите за климата добиваат малку различен дизајн. Панелите во внатрешноста сега се обложени со „Dinamica“ микрофибер, а тапацирот и бојата на внатрешноста се нудат во осум различни комбинации. Како опција достапно е амбиентално осветлување во неколку различни бои. Пред возачот стандардно е поставена аналогна инструмент табла, додека како опција може да се стави и 12.3-инчен дигитален дисплеј. На централната конзола се наоѓа 8.3-инчен дисплеј за инфозабавниот систем кој се контролира преку допир, со ротирачки контролер или преку гласовни команди. Како опција, достапна е и најновата генерација на MMI Navigation Plus системот.

На нашиот пазар Audi Q2 е достапен во неколку нивоа на опременост, а што се однесува до понудата на мотори достапни се неколку TFSI бензински и TDI мотори. Кај бензинците понудата започнува со 1.0-литарски мотор со 110 коњски сили, следен е 1.5-литарски со 150 коњски сили и 2.0-литарски со 190 коњски сили кој стандардно доаѓа со Quattro погон на сите четири тркала и S-Tronic автоматски менувач. Кај дизелите понудата започнува со 1.6-литарски мотор со 116 коњски сили и следен е 2.0-литарски со 150 коњски сили кој е опционално е достапен со Quattro погон и S-Tronic автоматски менувач.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Audi.