Македонскиот автомобилист, Ристо Вуков – Рико, се обрати до македонската спортска јавност организирајќи спектакуларна промоција на автомобилот со кој во текот на 2021 година ќе продолжи со настапите во Porsche Carrera Cup кој се вози во Италија.
Рико останува дел од екипата „GDL Racing“, во сопственост на италијанската тркачка легенда Џанлука Ди Лоренци, кој и самиот се натпреварувал во картинг, па во италијанската Формула 3, по што се етаблира како возач во трките со таканаречените туринг возила. Соработката со овој ментор ќе продолжи на взаемно задоволство и во 2021 година, при што Рико е убеден дека оваа година мора да направат резултатски исчекор, бидејќи на располагање ќе го има истиот автомобил, Porsche 911 GT3 Cup, чии перформанси се проценуваат на околу 485 коњски сили кои доаѓаат од 4-литарски мотор, надополнет со 6-степен секвенцијален менувач.
„Нашата цел минатата година беше да се запознаеме со патеките и со автомобилот, користејќи ги сите шанси да стекнеме искуство во новата средина. Секоја промена на автомобилот што еден возач го вози во трките си бара време за приспособување, а исто така и секоја нова патека, бидејќи минатата сезона беше прва за мене во ова натпреварување. Свесни сме дека во услови на глобалната пандемија нашите напори да ја комплетираме сезоната беа на многу повисоко ниво, а сето тоа беше зачинето со уште повеќе стрес при патувањата. Оваа година сето тоа е зад нас, но беше навистина добра школа и поуките се извлечени. Во 2021 година ќе атакуваме на подиуми со желба на секоја трка да го имаме македонското знаме на победничкиот пиедестал. Во оваа можност, сакам да се заблагодарам на поддршката што ми ја дадоа Агенцијата за млади и спорт, како и деловните компании од Македонија како „Саник“, „Витаминка“ и „Халк Осигурување“. – изјави Рико.
„Воедно, им се заблагодарувам од срце на сите навивачи кои ми даваа поддршка во мојата прва сезона од Порше Карера Куп, и сакам да им кажам дека навистина ми значи секој збор на охрабрување кога сум илјадници километри од дома и се обидувам да ја претставувам државата на најдобар можен начин“.
Календарот за 2021 година на Porsche Carrera Cup Италија има шест гран при викенди, а во секој од нив се возат по две трки. Сезоната започнува на 5 и 6 јуни во Misano, а завршува на 30 и 31 октомври со трката во Monza.

















