Во салонот на Alfa Romeo пристигна освежената Giulia во Ti изведба

Alfa Romeo Giulia доби мало освежување за 2020 година, а во салонот во Скопје пристигна во спортската Ti изведба.

Надворешниот дизајн не претрпе никакви промени со ова освежување, а да бидеме реални навистина не е потребно бидејќи Giulia изгледа прекрасно. Особено ми се допаѓа комбинацијата на бои на конкретниот модел од фотографиите. Ова е автомобил на кој одлично му прилегаат вакви несекојдневни бои! Инаку, сега се достапни неколку нови бои за каросеријата, дополнителни опции за надворешноста и многу нови технологии.

Во внатрешноста, Giulia доби неколку новости кои иако не се многу значајни, допринесуваат за поубав и помодерен изглед. На централната конзола е поставен нов 8.8-инчен екран за инфозабавниот систем кој стандардно е опремен со Apple CarPlay и Android Auto поврзување и сега нуди повеќе опции за персонализација. Во средината на инструмент таблата сега се наоѓа нов 7-инчен екран кој нуди подобрена графика и прикажува повеќе информации. Исто така, долниот дел од централната конзола е минимално променет со нов дизајн и распоред на контролите, како и ново место за складирање. Поставен е и нов управувач и токму на управувачот се наоѓа копчето за стартување на моторот, а тука се и големите алуминиумски рачки за мануелно менување на брзините.

Понудата на мотори останува иста, па така достапни се неколку бензински и дизел мотори. Доколку сакате бензинец, достапен е 2.0-литарски турбо мотор со 200 или 280 коњски сили. Кај дизелите достапни се 2.2-литарски мотори со 160, 190 и 210 коњски сили. На врвот на понудата се наоѓа Giulia QUADRIFOGLIO која користи 2.9-литарски V6 мотор со 510 коњски сили. Сите модели се со автоматски менувач, а кај некои е достапен и AWD системот за погон на сите четири тркала.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Alfa Romeo.