MINI пред само неколку месеци лансираше освежена верзија на кросоверот Countryman, а новиот модел сега е достапен и на македонскиот пазар.
Промените на надворешноста во споредба со претходниот модел се минимални и вклучуваат нова маска за ладилникот, редизајниран преден и заден браник, две нови бои за каросеријата, задни LED „Union Jack“ светла и нови дизајни за алуминиумските бандажи. Покрај тоа, купувачите сега добиваат адаптивни LED фарови со автоматско затемнување како стандард, а достапен е и нов MINI Piano Black пакет за екстериерот (моделите на фотографиите го имаат овој пакет).
Во ентериерот, сите модели стандардно добиваат целосно дигитална инструмент табла која е превземена од електричниот MINI Cooper SE. Централната конзола е малку дотерана и сега е достапен нов Piano Black трим, како и две нови бои за кожните седишта – Indigo Blue и Chester Malt Brown. Како и во претходниот модел, купувачите исто така можат да изберат 6.5 или 8.8-инчен централен инфо-забавен екран на допир.
Понудата на мотори останува иста како и претходно иако MINI направи низа на измени за подобра ефикасност и перформанси. Моделите со бензински мотор имаат нов систем за директно вбризгување под поголем притисок и редизајнирана глава на цилиндрите, додека моделите со дизел мотори имаат обновен AdBlue систем за да помогне во исполнувањето на најновите Euro 6d стандарди.
Доколку сакате бензински мотор на располагање имате вкупно четири верзии – основната верзија е со 1.5-литарски мотор со 102 коњски сили, потоа следи истиот 1.5-литарски мотор но со 136 коњски сили, следен е 2.0-литарски мотор со 192 коњски сили и на врвот на понудата е Plug-in Hybrid верзијата која располага со 1.5-литарски мотор взаемно со електромотор за вкупна системска моќ од 220 коњски сили. Кај дизелите основната верзија користи 1.5-литарски мотор со 116 коњски сили, а достапен е 2.0-литарски мотор со 150 или 190 коњски сили.
Стандардно добивате 6-степен мануелен менувач, а како опција е достапен и автоматски менувач, додека појаките верзии се достапни и со ALL4 погон на сите четири тркала.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на MINI.
















