Volkswagen ги претстави спортските GTI, GTD и GTE верзии на Golf 8

По претставувањето на новиот Golf 8, од Volkswagen решија да не почестат со бензински, дизелски и plug-in hybrid хот хеч изведби на овој модел. Земајќи во предвид дека Golf е основоположникот на хот хеч сегментот, овие модели се од исклучителна важност за брендот. Производителите на автомобили константно ги менуваат дизајните на своите автомобили, но изгледа дека Volkswagen ја задржува црвената линија на предната решетка позади која се крие прилично моќен мотор. Во својата осма генерација, Golf GTI ги содржи најновите технолошки алатки достапни низ целата постава на брендот, но сепак останува верен на своите корени кои го дефинираа овој хот хеч сегмент – достапност на мотори без mild-hybrid технологија и мануелен менувач.

На прв поглед сите 3 модели се визуелно многу слични. GTI го карактеризира црвената лента која поминува преку фаровите и предната решетка, со два завршетоци од издувот(поставени лево и десно) на задниот дел. GTD е накитен со истата лента на предниот дел, но во хромирана завршница со два издуви споени на едната страна. GTE добива сина лента на предниот дел и нема видливи издуви на задниот дел (подобро од fake издуви). Во споредба со претходните генерации, новата генерација на овие модели ќе биде достапна само во опција со 5 врати. 17-инчни бандажи доаѓаат како стандардна опција, кои ќе можат да се зголемат на 18-инчи во GTE изведбата и 18 или 19-инчи во GTI и GTD изведбите. Сите бандажи се облечени стандардно во Bridgestone Potenza S005 гуми со димензии 225/40 за опционалните 18-инчни или 235/35 за 19-инчни бандажи. LED светла се стандардни за ова трио, со опција да се надоградат со I.Q. Lights пакет кои додаваат уникатен дизајн на предните и задните светлосни групи, како и целосна LED трака веднаш под веќе познатите ленти кои се протегаат на предниот дел на секој од овие автомобили. Како опција ќе се најдат и светлата за магла кои се вградени во honeycomb предната решетка. Гледајќи ги сликите и како овие две опции изгледаат, се надевам дека ќе бидат едни од најчестите опции при нарачки на овие модели.

Внатрешноста на секој автомобил ја красат “bucket” седишта со интегрирани потпирачи за главата и tartan-style трим кој го отсликува црвениот, сивиот или плавиот детал од надворешноста на секој автомобил. Новитет е рачката за DSG менувачот (ако може воопшто да се нарече рачка). Наликува на менувачот кој се наоѓа во Porsche 911 и искрено е малку изгубен во целата централна конзола. Се надевам дека GTI ќе го задржи традиционалниот “golf ball” дизајн на рачката од менувачот. Новите дигитални екрани изгледаат прилично добро. Имаат копчиња кои се осетливи на допир на воланот со што можат да се селектираат одредени опции на дисплејот пред возачот. Истиот тој дисплеј доаѓа во неколку конфигурации од кои најкористен се надевам дека ќе биде оној каде што обртомерот се наоѓа во средината на екранот. За возачката положба мислам дека нема потреба да се зборува – типично за Golf, таа е одлична. Не само возачот туку и патниците позади возачот и совозачот имаат повеќе од доволно простор, како и за нивниот багаж.   Секако, во иднина треба да очекуваме и неколку performance изведби од Golf. Сега за сега е најавен Golf Clubsport, со поостар setup и Nurburgring мод. Нов Golf R е во развој, па така сите оние кои сакаат перформанси и погон на сите 4 тркала ќе треба да почекаат уште малку.

Сите 3 опции GTI, GTD и GTE би требало да ги опфатат различните барања на купувачите. Новиот GTD е помоќен од било кога, произведувајќи 200 коњски сили од дволитрениот турбо дизелски мотор, додека GTE доаѓа на рамниште со GTI произведувајќи 245 коњски сили во двете изведби.

Новиот GTI е многу сличен со претходникот, посебно со Performance верзијата. ЕА888 турбо бензинскиот мотор е превземен токму од тој модел и доаѓа со мануелен менувач како стандардна опција, но секако купувачите ќе можат да се одлучат и за 7 степениот DSG автоматски менувач. Како стандардна опрема се добива limited-slip диференцијал и поголеми сопирачки со што би требало да биде чекор понапред од претходната генерација на Golf GTI. Засега единствената performance ориентирана опција е Akrapovic издувот.

Golf 8 GTD има уште неколку подобрувања започнувајќи од моторот – ЕА288 Evo. Целта при развој на моторот беше зголемени перформанси со намалени издувни гасови, кои Volkswagen тврди дека се успешно достигнати. Овој дизелски мотор е “најчистиот” досега, нешто што би требало да ја врати довербата на купувачите по Dieselgate. Во оваа изведба моторот е спарен единствено со DSG 7-степен менувач, нема опција за мануелен менувач.

GTE е исто така достапен само со DSG автоматски менувач, но во оваа изведба е со 6 степени на пренос. Моторот е 1.4-литарски турбо бензински TSI спарен со хибриден погон кој ужива на бенефитите од дупло поголема батерија во споредба со претходникот. Со капацитет од 13.3 kWh би требало да се поминува 60-70 километри користејќи само електрична енергија. Од Volkswagen се потрудија динамичноста на сите 3 модели да биде приближна, но тврдат дека GTI е сепак по динамичен од GTD и GTE, но не многу.