Hyper хечбекот на Audi, моделот RS3 доби два поголеми браќа – Audi RSQ3 и RSQ3 Sportback.
Од каде да почнеме? Ајде да почнеме со гените.
Првиот ген кој е наследен од помалиот ,но постар брат RS3 е фантастичниот 2.5-литарски бензински мотор со 5 цилиндри, надополнет со подобрувања на шасијата. 400 коњски сили се доволни за овој автомобил да има забрзување од 0 до 100 километри на час за 4.5 секунди (0.4 секунди побрзо од претходната генерација на Audi RSQ3). Но, претходната генерација имаше Performance верзија која е за 0.1 секунда побрза до стотка од новиот модел на RSQ3. Дали ова значи дека Audi ни спрема и Performance верзија од овој модел во брзо време?
Легендарниот мотор на Audi со помош на автоматскиот S-tronic менувач со седум брзини ја пренесува силата до сите четири тркала. Како и секогаш, возачот ќе ужива во повеќе модови за возење. За среќа на хардкор возачите, превземени се два нови модови за возење од RS6 Avant и RS7 Sportback – RS1 и RS2, кои овозможуваат повеќе можности за индивидуализирање на параметрите на моторот, респонзивност на педалата за гас, суспензијата, управувачот и менувачот.
Како стандардна опрема, двете верзии на RSQ3 добиваат спортска суспензија која им одзема 10 милиметри од висината во споредба со стандардните верзии на Q3. 20-инчни бандажи со вентилирачки и перфорирани сопирачки (375мм на предните и 310мм на задните) се исто дел од стандардната опрема која го надополнува овој спортски мини SUV. Како дополнителна опрема може да се нарача адаптивна суспензија, 21-инчни бандажи и керамички сопирачки.
Време е да зборуваме за измените на надворешноста, нели? Сепак, треба да сврти по некоја глава..
Предниот дел е агресивна појава во сечиј ретровизор. Овој модел добива многу поагресивен браник во споредба со стандардната верзија на Q3. Големи отвори за воздух надополнети со нова решетка со “honeycomb” дизајн и мал пресек кој е поставен над решетката и под хаубата се детали со кои овој RS модел е лесно препознатлив. Крилата се проширени за 10мм и на задниот дел е додаден нов спојлер. Големо подобрување во споредба со претходната верзија се двата овални издуви кои се сместени под новиот браник и се заштитен знак на секој RS модел на Audi. Кога сме кај издувот, вреди да се напомене дека како опција може да се нарача и спортски издувен систем.
Во внатрешноста, инструмент таблата е виртуелна, но како дополнителна опција може да се додаде дисплеј кој инкорпорира “shift lights”. Во двата случаи се добива дисплеј кој е специфичен за RS, каде што возачот има увид во g-force, притисок во гумите, моментална влечна сила и lap timer. Овој автомобил нуди повеќе дополнителни опции за внатрешноста, одколку стандардниот Q3. Спортски седишта од кожа и алкантара се стандардна опрема. RS спортски седишта се достапни како опција во повеќе бои како би се обоила цела внатрешност.
RSQ3 Sportback е поспортската верзија на овој модел. Оваа верзија има кровна линија за 45мм пониска од попрактичниот RSQ3. Поради начинот на кој кровот “паѓа”, овој мини купе SUV изгледа дека е поблиску до земјата. Sportback верзијата има по дискретен лип спојлер, за разлика од стандардниот RSQ3 кој има доста поголем спојлер.
Ако сакате да “крадете” повеќе погледи, тука се двете нови бои – Kylami green и Naro grey кои се ексклузивни само за RSQ3 моделите. Надворешниот “trim” може да се нарача во сјајно црна боја или алуминиум. При отвoрање на вратите на овој автомобил, на земјата се проектира Audi Sport логото.
Новите Audi RSQ3 и RSQ3 Sportback ќе бидат достапни за продажба на почетокот на 2020 година.




















