Ова е новиот Volkswagen T-Roc Cabriolet

Не си човек кој прави рационален избор при купување на нов автомобил? Сакаш нешто поинакво? Сакаш да си единствен? – Тогаш новиот Volkswagen T-Roc Cabriolet мора да е на твојата листа при избор на твојот следен автомобил.

Овој SUV ќе ја добие својата премиера на Frankfurt Motor Show кој ќе се одржи следниот месец. Volkswagen најавија дека повеќе нема да се произведува Cabrio изведба на Golf, па ова доаѓа како негова замена… поголема замена.

Range Rover немаше баш успех со лансирањето на нивниот топлес Evoque, но одговорните лица во Volkswagen сметаат дека тоа што T-Roc има помали димензии од Evoque ќе биде она што ќе им донесе успех на пазарот. Зошто? – Затоа што купувачите не би го гледале како кабрио-SUV, туку како компактен кабрио автомобил.

Т-Roc освен тоа што го губи кровот, исто така ги губи задните две врати и едно место на задната клупа – што значи дека овој автомобил ќе биде стриктно четворосед. Подигнувањето/спуштањето на електричниот кров би траело 9 секунди  и може да биде изведено при брзина до 30 километри на час. Целиот механизам за кровот е “позајмен” од претходната генерација на Golf. Со цел да се задржи цврстината на автомобилот, шасијата добива појачување заедно со А столбот. Со овие измени автомбилот би добил неколку стотина килограми плус.

Т-Rос Cabriolet е всушност поголем од обичниот” Т-Rос. Поточно 40мм поголемо меѓуоскино растојание и вкупна должина од 4.268мм. Покрај поголемите димензии, сепак багажникот е помал во однос на стандардниот Т-Rос (284 литри), но доколку е потребно задните седишта се спушаат со повлекување на една рачка со што се добива солиден простор за багаж.

Кровот ќе биде достапен само во црна боја и е дизајниран да овозможи доволно простор за главата и за патниците на задната клупа. Освен измените на задната клупа, остатокот од автомобилот останува ист. Со централно поставен 8-инчен екран на допир позајмен од најновиот Passat со вклучена интегрирана еSIM картичка за онлајн сервиси. Како опција може да се избере 11.7-инчен активен инфо дисплеј во замена на конвенционалната инструмент табла.

За погонот на овој автомобил ќе бидат достапни два турбо бензински мотори и тоа 1.0 трицилиндарски со 115 коњски сили и 200Nm вртежен момент, појаката верзија е 1.5 литарскиот четирицилиндарски мотор со 150 коњски сили и 250Nm вртежен момент. Појаката верзија ќе има опција за автоматски менувач со двојна спојка.