ТЕСТ: Škoda Fabia 1.0 MPi 80 Style

Fabia е модел кој е доста важен и кој е од големо значење за брендот Škoda, а тоа не е воопшто чудно бидејќи од лансирањето на првата генерација во 1999 година до сега се продадени повеќе од 4.5 милиони примероци. Fabia е втор по ред најпродаван модел на брендот, првото место сеуште го држи Octavia.

Покрај тоа, оваа четврта генерација донесе голем број важни иновации. Како најважно е тоа што автомобилот сега е поставен на новата MQB A0 платформа, па новата Fabia конечно е на исто ниво со Seat Ibiza и Volkswagen Polo.

Интересно е тоа дека оваа генерација на Fabia е првата која достигнува должина поголема од четири метри, поточно должината изнесува 4.108 мм. Импресивно е и меѓуоскиното растојание од 2.564 мм (+ 94 мм во однос на претходната генерација), со што новата Fabia храбро ја засенува првата генерација на Škoda Octavia (со меѓуоскино растојание од 2.512 мм). Со ширина од 1.780 мм, автомобилот исто така порасна за 48 мм меѓу генерациите, додека висината се намали за 7 мм. Промените во димензиите помогнаа да се нагласи динамичниот впечаток на автомобилот, се зголеми просторот во внатрешноста и придонесоа за подобра аеродинамика – што е исто така доста важно.

Што се однесува до визуелниот впечаток и надворешниот дизајн, претходните генерации на Fabia во оваа област беа малку „послаби“ во споредба со некои од конкурентните модели. Но сега, Škoda си ја научиле домашната задача и новиот модел конечно изгледа атрактивно и привлечно. Во споредба со третата генерација, дизајнот на новиот модел е една поголема еволуција, отколку револуција. Сепак, на прв поглед нема да ги помешате овие две генерации. На предниот дел, поставени се нови фарови кои стандардно се со LED технологија (како опција се достапни адаптивни LED фарови) и се стеснуваат кон препознатливата решетка на брендот. Во комбинација со новооблукуваната хауба, која сега има неколку остри линии, предниот дел изгледа понагласено и поагресивно. Инаку, новата Fabia е првиот модел во својата класа кој е опремен со активна решетка за ладилникот. Односно, ако контролната единица утврди дека на автомобилот не му треба ладење, решетката се затвора, а со тоа се подобрува аеродинамиката на автомобилот.

Гледано од профил, веднаш се забележува динамичноста, како и класичната горна линија која ги поврзува предните и задните светла. Кај тест моделот ова е дополнително нагласено поради опционалната двобојна каросерија со црн покрив. А целиот овој атрактивен изглед го заокружуваат и 16-инчните Aero бандажи во црна боја. Искрено, јас лично не сум голем фан на овие аеродинамични бандажи, но тоа лесно може да се реши бидејќи пластичните „капаци“ може да се извадат и така (според мене) бандажите изгледаат доста поубаво. Задниот дел на автомобилот исто така, добива нов стил со нови задни светла кои користат LED технологија и за прв пат до сега се поделени во два дела – еден дел се наоѓа во браникот, додека другиот дел во вратата од багажникот. Ми се допаѓа и тоа што не се поставени никакви лажни отвори за издувот, што голем дел од конкурентните брендови го практикуваат овој детал. А како и сите други нови модели на Škoda, така и тука, на вратата од багажникот е испишано името на брендот, наместо да биде поставено логото.

Ја отворате вратата и ве пречекува модерна и дигитализирана кабина. Додека надворешноста еволуираше, внатрешноста е сосема револуционерна. Да, целиот дизајн е во ист стил како и повеќето нови модели на брендот, но во споредба со претходната генерација се забележува огромна разлика. На многу места се поставени елементи во сјајно црна боја кои изгледаат убаво, но нема бегање од фактот дека тоа е магнет за отпечатоци и гребнатинки. Друг интересен детал е лакираната линија која се протега по цела контролна табла, во тестираниот модел е во сребрена боја, а достапни се и неколку други нијанси од кои може да одберете. Исто така, дел од контролната табла е обложен и со интересен тапацир кој дава една свежина во кабината. Што се однесува до квалитетот на материјалите и завршната обработка, тие се на сосема солидно ниво кога ќе се земе во предвид класата во која припаѓа новата Fabia. Меките и фини материјали ретко ќе ги најдете тука, но генерално како целина се е убаво склопено и нема знаци дека во иднина ќе почне нешто да „крцка“.

Пред возачот стандардно се наоѓаат аналогни инструменти, но конкретниот модел е опремен со дигитален виртуелен кокпит кој има добар графички интерфејс и е лесен за ракување. Додека сме кај возачот, Fabia го доби и новиот мултифункционален волан со два краци, на прв поглед можеби е малку чуден, но е супер практичен за користење. Во средината на контролната табла се наоѓа дисплејот за инфо забавниот систем, а во случајов станува збор за Bolero систем со 8-инчен дисплеј – како опција е достапен и поголем Amundsen 9.2-инчен дисплеј, додека стандардно се добива 6.5-инчен дисплеј. Системот работи перфектно и брзо, а графиката е одлична. Ми се допаѓа и тоа што тука стандардно добивате безжично поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. На долниот дел се поставени и два USB-C конектори преку кој може да го полните вашиот паметен телефон. И покрај акцентот на дигитализација, едноставниот панел за двозонската климатизација (Climatronic) ќе ве задоволи со тоа што овозможува лесно и брзо ракување. За подетални поставки, сепак неопходно е повторно ракување во инфозабавниот систем.

Во однос на удобноста и просторот, новата Fabia нема никакви недостатоци. Стандардните седишта се доволно удобни дури и при подолги патувања, а имаат и соодветна странична поддршка. Благодарение на бројните нагодувања на воланот и седиштето, наоѓањето на удобна возачка позиција не претставува никаков проблем.

Благодарение на зголеменото меѓуоскино растојание, за ваков мал автомобил, Fabia изненадува со просторноста на задните седишта. Двајца патници ќе можат удобно да се сместат на задната клупа и притоа да имаат доволно простор и за нозете и за главата. Со сигурност можам да кажам дека новата Fabia е еден од најпросторните модели во оваа класа, а да бидам искрен не е ни чудно бидејќи отсекогаш главниот приоритет на Skoda биле просторноста и практичноста.

Но не застануваме таму, Fabia може да се пофали и со најголем багажен простор во класата. Во споредба со претходната генерација, багажникот се зголеми за цели 50 литри и сега на располагање се вкупно 380 литри. Во багажникот се достапни и сите оние Simply Clever решенија, како што се мрежи, закачалки, специјални простори за складирање и така натаму. Доколку ви е потребен поголем простор во багажникот, по преклопување на задните седишта во сооднос 60: 40, се добива багажен капацитет од импресивни 1.190 литри.

На нашиот пазар, новата Fabia моментално е достапна само со новата генерација на 1.0-литарскиот MPi Evo атмосферски мотор кој е достапен во две верзии – со 65 и со 80 коњски сили. Двете верзии се достапни само со 5-степен мануелен менувач.

Новата Evo генерација на 1.0-литарскиот MPi мотор добива низа измени со што се добива намалена потрошувачка, намалени издувни гасови, како и зголемена моќност. Механизмот на моторот, вклучувајќи клипови и клипни прстени е оптимизиран за да се намалат загубите од триење. Колото на течноста за ладење во областа на главата и блокот на моторот е изменето за да се постигне поголема ефикасност на ладење за цилиндрите, коморите за согорување и интегрираната издувна цевка. Дополнително, овој мотор користи Аткинсон циклус на согорување, а ова го намалува односот на компресија, што помага да се намали потрошувачката на гориво.

Тестираниот модел е во помоќната верзија, односно располага со 80 коњски сили и 93 Nm вртежен момент од 3700 до 3900 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 15.5 секунди, додека максималната брзина изнесува 179 км/ч. Да, перформансите кои ги нуди овој мотор се просечни, па затоа оваа верзија е посоодветна за оние кои голем дел од времето го поминуваат во градски услови или пак за оние „мирни возачи“. Во реалноста, моторот сосема солидно го придвижува автомобилот и за нормално возење е доволен, но не очекувајте ништо повеќе. 5-степениот мануелен менувач е прецизен и убав за користење – немам никакви замерки за неговата работа. Што се однесува до потрошувачката, во градски услови на возење се движи околу 7 литри на 100 изминати километри, сепак, доколку сакате да го извлечете максимумот од моторот треба постојано да го „вртите“ до високи вртежи, а со тоа се зголемува и потрошувачка – со такво возење може да стигне и до 8-8.5 литри. На отворен пат, доколку се придржувате до пропишаните ограничувања, овој мотор е навистина економичен, во овие услови измерив потрошувачка од 6.2 литри.

Четвртата генерација на Fabia подобрена на секој можен начин, вклучително и возните карактеристики кои се значајно подобрени. Уште од самото подесување на шасијата, јасно е дека производителот се трудел да понуди што е можно подобра удобност. Автомобилот одлично ги филтрира нерамнините и остава еластичен и прилично мек впечаток. Тест моделот е опремен со 16-инчни бандажи и комфорот е на доста високо ниво, па затоа би рекол дека ова е можеби идеалната големина на бандажи за Fabia. Да, достапни се 17 и 18-инчни и со нив ќе изгледа далеку поубаво и поатрактивно, но така ќе изгубите и малку од удобноста. Системот за управување обезбедува доволна количина на повратни информации и е одлично усогласен. Fabia комбинира удобно однесување надополнето со пристојна агилност, при подинамично возење автомобилот доброволно реагира на релативно прецизното управување и брзо го менува правецот. Исто така, нуди и доволна стабилност, но некои конкурентни модели можат да понудат значително повеќе забава зад воланот. Бев задоволен и од однесувањето на сопирачките, иако стандардно кај оваа верзија се добиваат диск сопирачки напред и барабан сопирачки назад (како опција може да ставите и диск сопирачки), тие нудат сосема задоволителни перформанси. Она што е важно да се напомене и што пријатно ме изненади е изолацијата на целиот автомобил. Удобноста при патувањето е на сосема поинакво ниво. Škoda посвети многу внимание на аеродинамиката, која ќе ја препознаете поради тишината во кабината – дури и на автопат. При брзини од 130-140 км/ч, внатре е многу тивко и не мора да го кревате гласот за да разговарате со другите патници или пак да ја „појачате“ музиката, па затоа долгите патувања не се воопшто проблематични.

На нашиот пазар новата Fabia е достапна во три нивоа на опременост – Active, Ambition и Style. Тест моделот е во највисокото ниво на опременост, а дел од стандардната опрема која ја содржи е: Front Assist, Lane Assist, задни паркинг сензори, Basic LED предни и задни светла, Bolero 8-инчен инфозабавен дисплеј, Climatronic – автоматски клима уред, темпомат и многу друго. Конкретниот модел е дополнително опремен и со: предни паркинг сензори, Virtual Cockpit, задна камера, 16-инчни Aero бандажи, црн покрив и ретровизори.

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Почетната цена за Škoda Fabia Active 1.0 MPi 65 изнесува 14.500 евра.

Цената на тестираниот модел Škoda Fabia Style 1.0 MPi 80 изнесува 18.460 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Škoda.

ЗАКЛУЧОК
Новата Škoda Fabia е позрела, попространа и подобро прилагодена од својот претходник. Благодарение на тоа што сега е поставена на MQB-A0 платформата, нуди и значајно подобри возни карактеристики, како и многу нови технологии. Иако не е без недостатоци, новата Fabia е исклучително успешен автомобил.
Атрактивен и стилски дизајн
Врвна просторност
Удобна шасија
Можности за индивидуализација
1.0 MPi моторот е мрзелив и со просечни перформанси
Квалитетот на одредени материјали во кабината би можел да биде подобар
4