Land Rover Defender без сомнение е вистинска легенда во автомобилскиот свет. Историјата на британскиот теренец започнува уште од далечната 1948 година, но во тоа време го носеше името Land Rover Series I. Структурата на тој модел беше сложена како едно пенкало, поставен на основна шасија, а сите други индивидуални панели на возилото беа поставени со завртки. Името Defender започна да се користи во 1990 година. Благодарение на фактот што конструкцијата на автомобилот не се смени во текот на целиот период на производство, дури и последните произведени парчиња служеа како временска машина што го враќа возачот во осумдесеттите години. Сепак, возењето со овој автомобил беше навистина тешко, особено на долги патувања. Но, кога станува збор за неговите способности на терен, тешко може да се најде друг модел кој е толку добар како Defender. Производството на овој легендарен автомобил заврши на почетокот на 2016 година, последното парче од овој модел кое беше во класична зелена боја излезе од производната линија на 29 Јануари во 9 часот и 22 минути. На Land Rover не им беше потребно премногу време за да ја направат новата генерација која со нетрпение ја очекуваа многу луѓе. Во Септември 2019 година на саемот за автомобили во Франкфурт за прв пат беше претставен новиот Defender и денес ќе зборуваме токму за новата генерација на Land Rover Defender, а верувајте има премногу за зборување.

Новата генерација на Defender е поставена на комплетно нова платформа, поточно на D7 aлуминиумската платформа на JLR која веќе се користи и кај неколку други модели. Сепак, платформата за Defender не е иста како кај другите модели и е дополнително доработена, па затоа си има и свое име – D7x. Новата платформа е три пати поцврста од старото оригинално решение. Основата, што овозможува независна суспензија на сите тркала е погодна и за воздушна суспензија. За „die-hard“ фановите, овие информации се инфериорни, но за оние кои сакаат да го возат овој автомобил секој ден е повеќе од добредојдена работа. Друга важна промена е тоа што Land Rover може да вгради електрифицирани погонски единици на оваа платформа.
Кога станува збор за надворешниот дизајн, новиот Defender е комплетно различен автомобил од својот претходник, иако основната форма останува непроменета. Новиот модел добива позаоблен и пософистициран дизајн, на предниот дел маската е сосема поинаква од претходно, а округлите фарови остануваат само што сега се скриени во правоаголна рамка, додека на хаубата со големи букви е испишано името Defender. На задниот дел задржани се доста елементи од оригиналниот автомобил, а тоа се резервното тркало поставено на вратата од багажникот, специфичните задни светла кои сега се со LED технологија и самата форма на задниот дел многу потсетува на оригиналниот модел. Според мене, Land Rover го имаат перфектно погодено дизајнот на новиот Defender, има модерен и софистициран стил, но сепак голем број на оние „ретро“ елементи од оригиналниот модел се имплементирани и во овој модел. Едноставно новиот Defender се истакнува на посебен начин меѓу другите автомобили на патот и не само поради своите димензии. Мора да го видите во живо за да ја дознаете доминацијата на Defender на патот. На фотографии не се истакнува толку многу, но во живо автомобилот е навистина голем. Како и претходникот, новиот модел се произведува во две верзии – пократката верзија со ознака 90 има должина од 4.323 мм (4.583 мм со резервната гума) и има три врати. Благодарение на фактот дека три лица можат да седат напред, вкупно ќе може да се сместат до шест лица. Подолгата верзија со пет врати со ознака 110 има должина од 4.758 мм (5.018 мм со резервната гума) и се нуди во варијанти со пет, шест и седум седишта – Тестираниот модел беше со опционалните седум седишта.
Освен надворешноста и внатрешноста е револуционерна кај новиот Defender. Апсолутно нема никаква врска со претходната генерација на овој теренец. Ако оригиналниот Defender има многу спартанска внатрешност, а возачот имал минимален простор, тогаш новиот модел е токму спротивното. Има убави материјали насекаде, сè е одлично склопено и сите контроли се јасни и лесни за користење. Новиот ентериер изгледа минималистички и луксузно, но секако има неколку детали кои потсетуваат на претходниот модел, а тоа се изложените завртки во кабината, вратите имаат метални делови кои се во боја на каросеријата и рачките поставени од страните кои служат за патниците да можат да се држат при екстремни off-road возења. Зад воланот на новиот Defender лесно најдов комфорна позиција благодарение на широкиот спектар на прилагодување на седиштето и воланот, а добивате и чувство како да сте во голем Range Rover. Интересно е тоа што во кабината се наоѓаат „еден куп“ места за складирање на работи, просторот под потпирачот за раце во средина е огрооомен и исто така може да послужи и како фрижидер бидејќи како опција достапно е и ладење во тој простор. Од совозачот до воланот има еден долг оддел, кој исто така поминува позади дисплејот од инфозабавниот систем, неговата површина е гумена, така што сите работи кои ќе ги ставите стојат во место додека возите.
Внатрешниот ретровизор може да биде опремен со функцијата Clearsight која е достапна и кај другите модели на JLR и со тоа проектира поглед кон задниот дел од возилото од камерата која е поставена во антената на кровот. За овој модел дефинитивно би ја препорачал оваа опција бидејќи поради големото тркало на вратата од багажникот прегледноста кон задниот дел не е баш најдобра и оваа функција многу помага. Плус, бев премногу изненаден од квалитетот и резолуцијата на оваа камера дури и навечер бидејќи добивате кристално чиста слика. Копчињата за контрола на основните функции на автомобилот се јасни, но за да се заштеди на простор тие се премногу притиснати едни до други. Исто така, местото на кое е поставена рачката од менувачот е премногу блиску до дисплејот за инфозабавниот систем. Land Rover направи напредок во областа на мултимедијалните системи, Defender го има новиот Pivi Pro инфозабавен систем кој импресионира со 10-инчен дисплеј кој има одлична резолуција и јасно мени. Одлични се и демонстрациите на димензиите на автомобилот, што со оглед на респектабилните димензии на Defender, може да бидат корисни при возење низ тесни места. Исто така, на дисплејот се прикажуваат и аглите на пристапување и при возење во вода се прикажува длабочината на водата. За пофалба се и камерите од 360 степени, а на дисплејот може да одберете точно која камера сакате да се проектира, што е доста погодно при off-road возење, како и за паркирање.
Со оглед на димензиите на автомобилот, јасно е дека задните седишта нудат огромен простор. Па така, на задната клупа може комотно да се сместат тројца патници и притоа сите да имаат доволно простор како и за нозете, така и за главата. Долгите патувања тука се поминуваат доста удобно, а во централниот дел се поставени и четири USB приклучоци така што сите ќе можат да си ги наполнат своите телефони или таблети. Третиот ред на седишта не нудат премногу простор, па затоа може да се користат само во некои итни случаеви или за помали деца поради тоа што просторот за нозете е навистина тесен. Вратата од багажникот се отвора странично и таму на располагање имате 916 литри, а доколку ги спуштите задните седишта добивате капацитет од 2380 литри. Патем, работ на товарање не е премногу висок и ставањето и вадењето на потешки равоти нема да претставува проблем.
Новиот Defender е достапен со вкупно шест мотори од кои три се дизел и три се бензински. Пред некое време, Land Rover направи промени во понудата на мотори за моделската 2021 година. Претходно, сите дизел мотори беа 2.0-литарски, па затоа и тестираниот модел е со 2.0-литарски D240 мотор. Но сега, наместо 2.0-литарски, сите дизел мотори се 3.0-литарски со mild hybrid технологија. Па така, понудата започнува со D200, па следи D250 и на крајот е D300. Kaj бензинците, понудата започнува со P300 кој користи 2.0-литарски турбо мотор, потоа следи P400 кој користи 3.0-литарски турбо мотор и на крајот е Plug-in Hybrid верзијата со ознака P400e. Бројката во ознаките ги означува коњските сили со кој располага моторот. Сите модели стандардно се со AWD погон на сите четири тркала и 8-степен автоматски менувач.
Моделот кој што го имав на тест е со ознака D240 и како што споменав користи 2.0-литарски дизел мотор кој располага со 240 коњски сили достапни при 4000 вртежи во минута и 430 Nm вртежен момент достапен од 1500 вртежи во минута. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.1 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне изнесува 188 км/ч. Однесувањето на овој мотор е брилијантно, нема непријатни вибрации во кабината и работи навистина тивко. Претекнувањето и возењето на автопат со брзини од 130 км/ч (па дури и со поголеми брзини) не му пречат на моторот и нуди доста солидни перформанси. На повисоки вртежи има доста интересен и длабок звук кој нема да ви пречи, туку напротив ќе уживате. Групацијата JLR направи огромен чекор напред со овие мотори кој особено се истакнува во овој автомобил. Усогласувањето на моторот со автоматскиот менувач не е перфектно, но менувањето на брзини генерално е рафинирано и меко. Единствено при кочење менувањето на брзини во понизок степен е малку поизразено и при нагло притискање на педалата за гас понекогаш знае малку да се збуни. Пријатно изненаден бев од потрошувачката која изнесуваше од 10 до 11 литри на 100 изминати километри, ова се однесува на комбинација од возење во градски услови, отворен пат и off-road возење. Со оглед на тежината и габаритноста на возилото, ова е и повеќе од одлична потрошувачка.
Land Rover Defender е достапен во четири нивоа на опременост – основно „Defender“, S, SE и HSE. Тестираниот модел беше во S нивото со уште многу дополнителна опрема, ќе наведам само дел од стандардната опрема во ова ниво бидејќи листата е навистина преголема – Full LED предни и задни светла, дигитална инструмен табла, 10-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, паркинг камери од 360 степени, 18-инчни алуминиумски бандажи, воздушна суспензија, систем за автоматско сопирање, систем за одржување на возило во лента, адаптивен темпомат…Дел од дополнителната опрема која што ја имаше тест моделот содржи, панорамски сончев кров, 20-инчни алуминиумски бандажи, Clearsight ретровизор, Meridian аудио систем, дополнително амбиентално осветлување, трет ред седишта, заклучување на заден диференцијал и многу, многу друго.
Ајде сега да зборуваме за најважната работа, а тоа е возењето. Ако претходниот модел не беше баш најдобар за возење на автопат и на долги релации, тогаш новиот модел токму таму изненадува најмногу – возењето е изненадувачки комфорно. При брзини од над 130 км/ч на автопат, се појавува мала бучава во кабината која е логично предизвикана од обликот на автомобилот и неговата големина, но шасијата совршено ги филтрира нерамнините на патот. Што се однесува до шасијата, стандардно сите модели добиваат воздушна суспензија која може да ја прилагодувате според потребите. Во повеќето ситуации, Defender е исклучително удобен, дури одлично може да се справи и со навистина лоши патишта, во кои веќе е докажан како доста способен теренски автомобил. Вие едноставно треба само да возите, додека шасијата успева перфектно да се справи со сите нерамнини и дупки на патот и реално немате потреба да ги избегнувате дупките кои ги има премногу на нашите улици, но секако тие што се поголеми треба да ги избегнете…Тест моделот беше со 20-инчни бандажи и не се пренесуваа никакви несакани удари и вибрации во кабината. Автомобилот генерално се чувствува најдобро со мирно темпо на возење или пак обратно, кога возите off-road и се надминуваат различните предизвици на теренот. Побрзото темпо на возење во свиоци прави да ја чувствувате големата тежина на автомобилот и неговите димензии, а ова го прави Defender малку „незгоден“ и ја нарушува рафинираноста во кабината. Затоа, доколку сте љубител на подинамично возење ова не е автомобил кој ќе ви ги исполни конкретно тие барања, а искрено не ни треба да очекувате нешто такво од Defender бидејќи е возило со комплетно друга намена.
На крајот на краиштата, Defender е крал на теренот! За разлика од порано, ова не е веќе едноставен спартански теренец, туку автомобил кој е полн со сите најнови системи и технологии, а тоа пак го прави возењето на терен далеку полесно. Практичниот систем на камери што ја следи околината на автомобилот и дигитално гледа преку хаубата е многу добро и корисно решени. Исто така, користејќи ултразвучни сензори во надворешните ретровизори се следи и длабочината на автомобилот, додека новиот Terrain Response 2 систем ви овозможува да го прилагодите Defender според површината под тркалата. Освен стандардниот погон на сите четири тркала, добивате и редукција и само-заклучувачки среден диференцијал, а пак како опција може да се додаде и само-заклучувачки диференцијал и на задната оска. Новиот Defender има агол на пристапување од 38 степени, агол на отстапување од 40 степени и агол на прекршување од 31 степен. Воздушната суспензија може да биде спуштена за 40 милиметри или подигната за 75 милиметри и на тоа уште 70 милиметри – вкупно 145 милиметри. Доколку наидете на пат кој е полн со вода или пак сакате да поминете преку некоја река, слободно може да го направите тоа. Defender може да помине низ вода со длабочина од 900 милиметри, а на дисплејот од инфозабавниот систем може да ја гледате длабочината на водата. Кога суспензијата е поставено на највисокото ниво добивате клиренс од 30 сантиметри.
Погледнете ја галеријата од тестираниот модел
Цената на тестираниот модел Land Rover Defender 110 D240 S со сета дополнителна опрема изнесува 101.900 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Automobili Group.