Веќе тринаесет години, од неговата прва генерација, i30 е многу популарен модел за брендот Hyundai кој бележи одлична продажба. Денес ќе зборуваме за третата генерација на i30 која неодамна го помина вообичаениот процес на освежување и подобрување во средината на својот животен циклус. Моделот што го имав на тест е одличен продукт за нашиот пазар, а тоа е благодарение на моторот кој се наоѓа под хаубата. Во денешно време многу малку автомобилски производители нудат ваков мотор во својата понуда.
За моторот ќе зборуваме подоцна, а сега ајде малку за визуелните промени на популарниот хечбек. i30 во тековната генерација имаше доста пристоен и интересен дизајн, па затоа со освежувањето не се направени некои драстични промени на надворешноста. Најголемата промена е направена на предниот дел, каде што вниманието го привлекува новата голема решетка. Поставен е и редизајниран преден браник во кој се интегрирани дневните LED светла кои имаат многу интересен дизајн, а сето ова резултира со поагресивен и поспортски изглед од претходно. Тестираниот модел е со стандардните халогени светла, а како дополнителна опција достапни се и Full LED фарови, како и Full LED задни светла. Страните и задниот дел на автомобилот не претрпеа многу големи промени, па гледан од тие страни само добрите познавачи на моделот ќе можат да го препознаат новиот фејслифт модел. На задниот дел, браникот е малку редизајниран и поставени се хромирани елементи во долниот дел. Исто така, новиот модел добива неколку нови бои за каросеријата, како и нови дизајни на бандажи. Тест моделот вози 16-инчни алуминиумски бандажи кои според мене се сосема пристојни и одговараат на карактерот на автомобилот. Се на се, Hyundai i30 е хечбек модел кој е наменет за оние кои не сакаат да бидат премногу забележени и не се големи фанови на футуристички и несекојдневен дизајн.
Со отворање на вратата и поглед во внатрешноста, веднаш е јасно дека станува збор за „постар“ модел бидејќи кабината изгледа сосема различно од другите модели на Hyundai кои се во сосема нова генерација. Но да бидам искрен, ова може да се смета како предност, благодарение на големиот број на физички копчиња, одличната ергономија и чистиот дизајн, кабината на i30 е исклучително пријатна и лесна за користење. Минимални промени се направени и тука, освежениот модел добива делумно дигитална инструмент табла со централен дисплеј на кој се прикажуваат сите битни информации околу возењето и системите за асистенција при возење. Додека централната конзола е со редизајниран распоред, а на горниот дел е поставен нов 10.25-инчен дисплеј за новиот BlueLink инфозабавен систем кој е со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto. Системот работи брзо, менито е едноставно за ракување и има прилично чиста графика. Ми се допаѓа тоа што контролите за клима уредот останаа во посебен панел на долниот дел од централната конзола и ги задржаа физичките копчиња – нешто што се поретко и поретко го гледаме во новите автомобили, а е далеку попрактично него овие контроли да бидат преку дисплеј на допир. Инаку, поработено е и на квалитетот во кабината, па освежениот модел добива и поквалитетни и меки материјали на многу делови низ кабината. Пофалба заслужува и просторноста, како и многуте места за одлагање на ситници.
Одличната просторност продолжува и на задните седишта, возрасни луѓе ќе имаат сосема доволно простор и за нозете и за главата, дури и ако возачот е со малку поголема висина. Тројца возрасни патници ќе може да се сместат, но како и со сите други модели од оваа класа, тоа би го препорачал само за некои пократки релации. Багажникот нуди капацитет од 395 литри, што е просечна големина за оваа класа на возила. Благодарение на големата врата од багажникот и широкиот простор, како и тоа што подот е со две нивоа, ставањето на поголеми и потешки работи не претставува никаков проблем. Со спуштање на задните седишта се добива багажен капацитет од 1300 литри.
Најголемото изненадување за овој автомобил е моторот – тестираниот модел е придвижуван од 1.5-литарски DPi четирицилиндарски атмосферски бензинец кој испорачува 110 коњски сили и 144 Nm вртежен момент. Силата ја пренесува на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач. Што се однесува до перформансите, забрзувањето од 0 до 100 километри на час изнесува 12.3 секунди и постигнува максимална брзина од 187 километри на час.
Ова не е револуционерен мотор, но во 2021 година е навистина реткост да се најде нов автомобил со ваков тип на мотор. Атмосферските мотори изумреа пред скоро 10 години, но Hyundai сепак се одлучи да направи нов четирицилиндарски атмосферец. А овој мотор е сосема солиден за пазари слични на нашиот. 1.5 DPi е всушност замена за стариот 1.4 MPi кој се нудеше во голем број на модели на Hyundai. Новиот мотор користи Dual Port Injection (DPi), односно има два инџектори на еден цилиндар кои го вбризгуваат горивото во доводниот колектор. Ваквиот процес на испорака на гориво треба да резултира со помало абење на комората на цилиндерот, со што ќе се зголеми животниот век на самата единица заедно со намалување на емисиите. Дополнително, новиот DPi мотор, наместо традиционалниот термостат, користи решение наречено модул за управување со температурата, кој се грижи за најбрзо можно загревање на моторот и контрола на температурата во одделни области. Исто така, ова е единствениот мотор во понудата кој е без OPF филтер. Далеку од тоа дека овој мотор ќе ги задоволи потребите на голем дел од купувачите, но за оние на кои не им се толку битни перформансите и едноставно сакаат да бидат сигурни дека нема да имаат некои скапи дефекти ова е идеалниот избор. Од Hyundai велат дека новиот мотор нуди и намалена потрошувачка, но во текот на неколку дневното тестирање јас измерив просечна потрошувачка која се движеше од 8 до 9 литри, во градски услови на возење…
Во Premium нивото на опременост стандардната опрема која се добива е навистина голема и вклучува – 10.25-инчен инфозабавен дисплеј со навигација, 7-инчен Supervision дисплеј во инструмент таблата, отвори за клима на задната клупа, електрична паркинг сопирачка, безжичен полнач за мобилен телефон, Smart Key – стартување на возилото на копче, надворешни ретровизори во црна боја, 16-инчни алуминиумски бандажи, задни паркинг сенозри, задна паркинг камера, двозонски автоматски клима уред и многу друго…
Што се однесува до возачкото искуство, Hyundai i30 со овој мотор ниту импресионира, ниту разочарува – едноставно вози како што би и очекувале од еден нормален хечбек автомобил. Тестираниот модел има 16-инчни бандажи и благодарение на повисокиот профил на гумата успева одлично да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини без притоа да има несакани удари и вибрации во кабината. Исто така, одговорот на управувачот е предвидлив и природен што го прави особено лесен за маневрирање во урбаните средини. При подинамично возење, за да се извлече максимумот од моторот мора вртежите да се држат многу високо и константно да се работи со менувачот, кој воедно е доста прецизен и убаво „кликнува“ при менување на брзини. Автомобилот може добро да се справи со остри кривини каде што има и нормална тенденција за подуправување, но ова лесно се контролира. Сепак , тешко е да се зборува дека се добива некое посебно уживање во возењето на овој автомобил и веднаш е јасно дека е наменет за клиентела која ужива во поопуштено возачко искуство. Комфорот во возењето би го сметал за примерен, особено затоа што кабината е прилично добро звучно изолирана, дури и при брзини од 120-130 километри на час на автопат во кабината е релативно тивко со минимална бучава од тркалата и ретровизорите. Има една работа која е доста иритирачка и на автопат и во урбаните средини. Станува збор за системот за одржување на возилото во лента – овој систем ги гледа лентите на патот и треба да го одржува возилото во средината на лентата, но конкретно системот кај i30 работи на многу чуден начин. Често ми се случуваше погрешно да ја корегира патеката на возење и да прочита некои линии или рабови на патот кои воопшто не се присутни. За среќа, овој систем може да се исклучи преку копче на воланот или доколку сакате трајно да го исклучите тоа може да се направи во поставките на централниот дисплеј.
Почетната цена на Hyundai i30 1.5 DPi Comfort изнесува 16.500 евра.
Цената на тестираниот модел Hyundai i30 1.5 DPi Premium изнесува 20.400 евра.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс.



















