Во последниве неколку години кинеските брендови на автомобили стануваат сѐ повеќе застапени на европскиот пазар, а истото важи и за нашиот македонски пазар. Најновиот бренд кој пристигна на нашиот пазар е Geely – и верувам дека повеќе од Вас веќе сте добро запознаени со ова има и производите кои ги нудат.
Geely е основан и започнува со работа во далечната 1986 година, но тогаш дејноста на компанијата не била поврзана со автомобили. Во 1997 година, Geely станува приватен автомобилски производител во Кина. Во текот на следните години, оваа компанија има навистина голем раст и развој и може да се каже дека станува доста сериозна компанија. Денес, портофолиото на Geely е богато и вклучува многу познати автомобилски брендови, поточно – Geely, Lynk&Co, Proton, Livan, Proton, Volvo, Polestar, Zeekr, Lotus, LEVC, a има дел и од брендот Smart. Значи зборуваме за навистина богато и познато портфолио на автомобилски брендови.
Пред неколку години, фразата „Made in China“ беше главно поврзана со производи со низок квалитет. Вклучувајќи ги и автомобилите. Мислам дека сите се сеќаваме на познатите „копии“ кои ги правеа кинеските производители во тоа време. Во меѓувреме се случи нешто чудно, европските производители на автомобили „заспаа“, а Азијците не само што го вратија изгубениот терен, туку и многу напредуваа. Донесоа дизајнери кои работеа за големи имиња во европската автомобилска индустрија, инженери, па дури и луѓе кои беа на важни функции. Со други зборови, тие еволуирале до тој степен што фразата „Made in China“ повеќе не важи за повеќето кинески модели. И ги изгуби негативните конотации.
Згора на тоа, тие почнаа да се спуштаат, малку по малку, во Европа. Ова е причината зошто денес гледаме сè повеќе брендови како Geely, Lynk&Co, Cherry, BYD и многу други на европските патишта. Да не зборуваме за фактот дека некои дури отвораат фабрики во Европа. Значи, можеме да кажеме дека сме сведоци на кинеска инвазија. Сепак, тоа е инвазија која колонизира со конкурентни и достапни модели. Тоа е движење од кое би можеле да научат европските компании и згора на тоа, колонизација што треба да ги разбуди во реалноста.
Па ајде сега да се префрлиме на автомобилот за кој ќе зборуваме денес, а тоа е новиот Geely Coolray. Ова е компактен кросовер кој спаѓа во еден од најконкурентните сегменти, а дел од ривалите на Coolray се Skoda Kamiq, Peugeot 2008, Kia Stonic, Seat Arona, Opel Mokka, Renault Captur и така натаму. Значи зборуваме за доста сериозна конкуренција, но сепак Coolray успева да се издвои и да понуди нешто подобро и најважно од сѐ – по многу поприфатлива цена.
Како најголем позитивен адут на Coolray може да се издвои надворешниот дизајн. Не е „копија“ на ниту еден друг модел и најважно од сѐ, импресионира со уникатен и привлечен изглед – особено во оваа небесно сина металик боја. Веднаш е јасно дека станува збор за автомобил кој првично е наменет за помладите клиенти, а тие клиенти го сакаат овој стил. Интересно е и тоа што во текот на неколку дневното тестирање, 95% од реакциите од другите луѓе кои го видоа Coolray беа навистина позитивни.
Целиот автомобил има динамичен и спортски стил, со остри линии и многу специфични елементи. На предниот дел внимание привлекува големата „Energy Storm“ маска која е интегрирани во целиот браник. Од страните има остри елементи во сива боја, а тука се и деталите во портокалова боја. Фаровите се исто така со остар облик и користат Full LED технологија, додека дневните LED светла се интегрирани во долниот дел кај доводите за воздух. Елемент кој мене лично не ми се допаѓа? – црните „фејк“ пластики на краевите на хаубата.
Профилот изгледа динамично и атрактивно, а придонес во тоа имаат прекршените линии кои се протегаат по целата страна на автомобилот. Вреди да се спомене и двобојната каросерија со контрастен црн покрив. Секој Coolray стандардно доаѓа со 18-инчни алуминиумски бандажи во црна боја и шепи на кочниците во црвена боја (ви велам „спортската“ нота преовладува кај овој автомобил). Одиме кон задниот дел и за мене најинтересниот дел на Coolray. Динамичноста продолжува и тука, долниот дел од браникот има голем дифузер со инсерти во портокалова боја, а најважната работа се четирите издувни цевки – кои верувале или не, се комплетно вистински! Тука е и големиот спојлер поставен на горниот дел од вратата од багажникот. Сликата тука ја дополнуваат и задните LED светла кои се споени со светлосна лента.
Веднаш штом ќе ја отворите вратата, внатрешноста на Coolray ве поканува да седнете, првенствено визуелно. Стандардно се добива двобојна, црвено-црна тема во внатрешност – и ова е единствениот избор, доколку сакате класична целосно црна внатрешност тука нема да ја најдете. Бидејќи, сепак, зборуваме за SUV позициониран во Б-сегментот, не треба да се очекува кој знае каков луксуз, но Coolray успева да импресионира и од оваа гледна точка. Да, делови со потврди пластики се присутни и тука, но тие се во долнител дел на вратите, а тоа не се места кои често се допираат.
Завршната обработка е доста квалитетна, знак дека одговорните луѓе од техничката контрола на квалитет, се многу педантни. Во исто време, звучната изолација на патничкиот простор е доста добра, се додека површината за возење е квалитетна. На асфалт кој не е во идеални услови, внатре ќе имате доста бучава, создадена од гумите. Површината на контролната табла е прилично оптоварена од оваа гледна точка, има текстурирана пластика на врвот, облога што имитира алуминиум и мека површина, сето тоа на површина од неколку десетици сантиметри. Има, се разбира, области покриени со популарната пијано црна пластика, која е вистински магнет за прашина, гребаници и отпечатоци од прсти. Има и многу простор за складирање во Coolray, вклучувајќи повеќе од дарежлив простор под централниот тунел. Исто така овде има и приклучок од 12V, како и „конфигурабилна“ област, ако можеме така да ја наречеме, за очила.
Технологијата не недостасува во понудата на Geely Coolray. Зад воланот се наоѓа дигитална инструмент табла со екран од 10,25 инчи. Информациите прикажани овде се лесни за читање и секако дека распоредот лесно се конфигурира. Во смисла дека можете да изберете кои информации сакате да се прикажуваат. За возврат, централниот дисплеј за мултимедијалниот систем е со големина од 12,3 инчи. Системот предложен од Кинезите работи добро и има прилично едноставна графика, со модерен изглед во исто време. Пофалба заслужуваат и прилично големите и лесни физички копчиња за функциите на клима-уредот, што е секогаш добра работа.
Од менито на мултимедијалниот систем можете да пристапите и до видео камерите од 360 степени. Квалитетот на сликата е доста добар, дури и во услови на слаба осветленост. Она што ми недостасуваше е безжично поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, за да ја користите оваа функција мора да користите кабел. Пред централниот тунел има и простор за индукциско полнење. Доколку сакате да наполните неколку уреди истовремено, достапни се и две USB порти.
Предните седишта се доста удобни, но сепак, би сакал да има лумбално прилагодување. Иако, поради нивната конструкција, спортските седишта се малку конвексни во лумбалниот дел. Тапацирот е изработен од синтетичка кожа, но е мек и пријатен на допир, додека воланот е обложен со природна кожа.
Патниците нема да се чувствуваат тесно дури и на задните седишта. За автомобил од овој сегмент, Coolray нуди импресивна просторност, па затоа двајца возрасни патници ќе може удобно да се сместат на задните седишта, а добиваат и засебни отвори за климата, како и USB приклучок.
Во однос на практичноста во багажникот, со седиштата во нормална положба, волуменот на багажникот е 330 литри, а задната врата е електрично управувана. Просторот е во коцкаста форма и подот е комплетно рамен, па така може убаво да се распоредат куферите или торбите. Сепак, за оваа работа Coolray е зад конкурентите бидејќи скоро сите модели во овој сегмент нудат доста поголем багажен простор.
Како и повеќето модели во сегментот, Geely Coolray е опремен со релативно мал мотор – и достапна е само една опција во однос на мотор/менувач. Станува збор за 1.5-литарски четирицилиндарски турбо бензинец кој произведува 172 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 290 Nm вртежен момент достапни од 2000 до 3500 вртежи во минута. Се разбира, моќта го става Coolray на врвот на Б-сегментот. Силата се пренесува на предните тркала преку 7-степен автоматски DCT менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 7.6 секунди, додека максималната брзина е 195 км/ч.
Моторот со четири цилиндри не е многу бучен, работи рафинирано и лесно се справува со сите ситуации. Добро влече дури и во Comfort режим на возење. Има и Sport режим на располагање: ги зголемува вртежите, менувачот секогаш е во еден степен пониско и ја задржува брзината подолго, дополнително педалата за гас е значително почувствителна. Забележав дека кога е одбран Sport режимот и кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај, при релативно мали брзини, феноменот „torque steer“ е доста изразен. Но, тоа не е ништо ново, со оглед на тоа што зборуваме за теренец со погон на предните тркала, кој се чини дека не ја штеди својата моќ и вртежен момент. За најмала можна потрошувачка на гориво, тука е Eco режимот на возење. Откако ќе се активира, сите „сетила“ на автомобилот се вкочанети. Мора да притискате посилно на гасот за да добиете малку моќ.
Во однос на менувачот, тој е малку чуден и неодлучен, особено при мали брзини, но не можам да кажам дека беше досаден. Во нормални услови на возење сосема коректно си ја врши својата работа. Интересна работа е што менувачот не може да се стави во рачен режим. Мислам, нема начин сам да менуваш брзини. Нема лопатки зад воланот, ниту пак рачката може да се помести во „рачен“ режим. Во исто време, исто како и кај постарите Volvo модели, мора да ги поминете сите чекори за да дојдете до она што го сакате. На пример, ако сте во P, треба да го поместите бирачот на N, а потоа на D за да може да тргнете. Што се однесува до економичноста, Coolray не е автомобил наменет за оние кои сакаат да „бркаат“ ниска потрошувачка. Во текот на неколку дневното тестирање, во строго градски услови, борд компјутерот прикажа просечна потрошувачка која се движеше од 11 до 12 литри. Во комбинирани услови оваа бројка се намалува на околу 7 до 8 литри, додека на автопат потрошувачката се движи околу 7.5 до 8 литри.
Coolray е изненадувачки пријатен автомобил за возење. Со сите ситуации се справува повеќе од пристојно, стабилен е при брзини на автопат, навалувањето не е многу изразено во свиоците, а подуправувањето го прави своето присуство само ако навистина претерате. Со други зборови, ако не очекувате премногу од SUV од Б-сегментот, ќе бидете пријатно изненадени од возните манири на Coolray. Суспензијата е одлично подесена и доста добро ги филтрира нерамнините на патот. Повторно, да не заборавиме на сегментот во кој го наоѓаме овој модел. Управувањето е малку претерано потпомогнато, што не е лошо во градот. Но, на долг пат, тоа е малку непрецизно во свиоците.
Позицијата на возење е доста висока, специфична за кросовер/SUV, така што преку шофершајбната можете да видите речиси сè што ве интересира. Страничните ретровизори се со добра големина, како и задното стакло, па така прегледноста околу целиот автомобил е на солидно ниво. Единствената замерка оди кон А-столбот кој е малку висок, што создава одредена слепа точка во оваа област. Меѓутоа, за среќа, имате предни/задни сензори за паркирање, сензор за мртва точка во ретровизорите и, последно, но не и најмалку важно, систем за панорамска слика од 540 степени. Не, не напишав погрешно, тоа значи дека откако ќе се активира, автомобилот станува „невидлив“ и може да се види што има под него.
Geely Coolray сè уште не е тестиран од Euro NCAP. Но, системите за безбедност и помош со кои е опремен кинескиот модел го прават компатибилен со автономното возење на ниво 2. Што значи дека ако сите системи одат добро, нема да има проблем да ја добие максималната оцена од 5 ѕвезди во безбедносните тестови на Euro NCAP.
Листата вклучува, меѓу другото, интелигентен адаптивен темпомат, автоматски систем за итно сопирање, систем за предупредување за напуштање лента, систем за следење на мртвата точка, систем за препознавање на патните знаци, систем за предупредување за ограничување на брзината и автоматски систем за паркирање со 12 радари.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Цената на тестираниот модел Geely Coolray 1.5 TD 172 DCT GF изнесува 29.490 евра, но во моментов има акциска цена од 28.490 евра.
Повеќе информации за автомобило може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Geely кој се наоѓа во Cevahir Mall.