ТЕСТ: Ford Kuga 2.0 EcoBlue 120 ST-Line X 

Тековната трета генерација на Ford Kuga не е непознат автомобил за мене, пред околу една година на тест имав примерок опремен со бензински мотор и мануелен менувач. Импресиите што ми ги остави тогаш автомобилот беа навистина позитивни, Ford многу добро успеале да направат SUV модел кој може да понуди импресивни возни карактеристики. Една години подоцна, на тест повторно пристигна Ford Kuga, но овој пат станува збор за примерок во највисокото ST-Line X ниво на опременост и придвижуван од 2.0-литарски дизел мотор спарен со автоматски менувач.

Овој пат нема да должам премногу за дизајнот (ТУКА прочитајте го тестот за бензинската верзија), третата генерација на Kuga го има новиот стил на брендот, но сепак, севкупно автомобилот е малку конзервативен и го нема оној „wow ефект“ што го имаат некои од новите конкурентни модели. Но, тоа не е ништо чудно бидејќи оваа генерација се појави на пазарот во 2019 година, па многу наскоро Ford би требало да претстави фејслифт верзија за Kuga. Како и претходниот тест модел, така и овој е во спортската ST-Line варијанта, а тоа значи дека добива низа промени во споредба со другите верзии како што се: поспортски браници, различна решетка за ладилникот, сите заштитни пластики на автомобилот се во боја на каросеријата, ST-Line ознаки на предните крила, 18-инчни бандажи во сива боја и два вистински завршетоци од издувот. 

Сите овие поспортски елементи едноставно придонесуваат за поатрактивен и поубав изглед – и навистина во ваква конфигурација Kuga изгледа сосема пристојно. Дополнително, овој примерок е во врвното ST-Line X ниво на опременост што значи дека добива доста побогата стандардна опрема (малку подоцна ќе зборуваме детално за тоа), но сега сакам да ги споменам и да ги пофалам одличните Full LED фарови кои работат одлично – претходниот тест модел имаше стандардни халогени фарови и тогаш имав замерка за тоа. Верувајте, разликата помеѓу обични халогени и LED фарови е огромна – па доколку сте во можност доплатете за LED фарови. 

Внатрешноста е исто така идентична како и во претходниот модел што го имав на тест, но сепак со мали промени. Дополнително, кабината е и добро позната бидејќи го има скоро истиот стил како и во голем дел од другите модели на брендот. И да, сега веќе се „гледаат годините“ на овој дизајн споредено со конкурентните модели. Нема ништо лошо во дизајнот – нуди перфектна ергономија, јасни и лесни контроли што и прв пат да седнувате во автомобилот веднаш ќе ви бидат јасни за користење и има многу добро завршна обработка. Повисоките места и оние што често се допираат се прекриени во меки и убави материјали, потврдите пластики ги има во долните делови, но добро се вклопени и не изгледаат воопшто „евтино“. 

Иако целата таа дигитализација е присутна тука, сепак не е на ниво со другите понови модели во класата. На горниот дел од централната конзола се наоѓа 8-инчен екран за инфозабавниот систем кој во оваа верзија доаѓа со вградена навигација, поврзување со Apple CarPlay и Android Auto – но за ова ќе ви биде потребен кабел. За самиот систем немам никави замерки, едноставен е за користење и си функционира сосема солидно. Другиот екран е поставен пред возачот и овој е наменет за инструмент таблата, додека големината тука изнесува 12.3-инчи. Достапни се неколку различни прикази кои се менуваат во зависност од модот на возење, а исто така може и сами да го конфигурирате што сакате да се прикажува. Во било кој приказ, екранот визуелно е јасен и едноставен и не се прикажани мал милион непотребни информармации како што е ситуација во некои други модели. Да бидам искрен, до некаде ми се допаѓа и повеќе ваквата  „old-school/дигитализирана“ комбинација на внатрешност. Задржани се класични физички копчиња за најважните функции кои се користат секојдневно (клима уред, јачина на звук, избирање на модови за возење, итн…), но сепак присутни се и два релативно големи екрани. Овој тест примерок заслужува огромна пофалба за фантастичниот Bang & Olufsen аудио систем (стандард во ST-Line X) – сите што се љубители на квалитетен звук ќе бидат многу позитивно изненадени од квалитето што го нуди овој аудио систем. 

Спортските детали кај оваа верзија не се заборавени ниту во внатрешноста – тука е спортскиот волан со перфорирана кожа и црвени шевови (тука опремен и со греење), трим на контролната табла кој личи на карбон, црн покрив и спортски седишта обвиени во алкантара и кожа со црвени шевови. И во претходниот тест споменав – седиштата се удобни и доволно широки, но и покрај тоа што станува збор за поспортски седишта во оваа верзија, недостасува уште малку повеќе странична поддршка и долниот дел на седиштата е премногу краток, што за подолги патувања може да биде малку неудобно. 

За просторот на задните седишта немам никакви замерки, дури и повисоки патници ќе може удобно да се сместат тука, а по потреба ќе собере и трет патник. Добро е тоа што задната клупа е лизгачка па може да ја менувате конфигурацијата по потреба. Тука се и засебните отвори за климатизација, како и USB приклучок.

Во стандардната конфигурација, багажникот нуди капацитет од 475 литри – што во споредба со конкурентите е релативно скромно. Но благодарение на лизгачката клупа, капацитетот може да се зголеми и на 645 литри, додека со целосно преклопени задни седишта се добива капацитет од 1534 литри. Но, во живо багажниот простор изгледа доста поголемо и е во правилна форма, а сето тоа овозможува паметно и лесно полнење на просторот. 

Под хаубата на тест примерокот, како што споменав и погоре работи 2.0-литарски EcoBlue дизел мотор кој испорачува 120 коњски сили при 3500 вртежи во минута и 340 Nm вртежен момент од 1550 вртежи во минута. Силата се испорачува кон предните тркала преку 8-степен автоматски менувач. Сето ова овозможува забрзување до 100 км/ч за 11.6 секунди и максимална брзина од 180 км/ч. Вака, перформансите можеби и не звучат нешто спектакуларно, но во реалноста овој мотор нуди и повеќе од идеални перформанси и доста добро го придвижува автомобилот во било која ситуација. Она што највеќе ме импресионираше е тивкото и рафинирано работење на моторот, дури и при првото „ладно“ палење го нема она карактеристично тропање за дизел моторите. Благодарение на достапниот вртежен момент уште од ниски вртежи, во град автомобилот е доста жив и не треба цело време да ја притискате педалата за гас до крај како кај некои други конкуренти за да извлечете максимум од моторот. 

Друга работа што пријатно ме изненади е автоматскиот менувач – работи толку мазно и неприметно што го прави возењете многу пријатно. И покрај тоа што голем дел од времето префрла во највисок можен степен (за намалена потрошувачка секако), тој е доста брз и респонзивен кога ќе ја пристиснета падала за гас малку посилно. За ваков тип на автомобил мојот избор би бил секогаш автоматски менувач, наместо мануелен. Исто така, дизел верзијата на Kuga би ја препорачал за оние кои поминуваат навистина многу километри годишно – и тоа голем процент од тие километри ако се на отворен пат. Ford успеале да направат доста економичен, а истовремено и рафиниран и респонзивен дизел мотор. Во градски услови на возење во текот на неколку дневното тестирање измерив просечна потрошувачка која се движеше од 6.5 до 7 литри – со оглед на големината и тежината ова е многу импресивна бројка. На автопат, со возење „по знаци“ Kuga нема да потроши повеќе од 5.5 литри на 100 изминати километри. 

Што се однесува до возните карактеристики, Kuga е еден од ретките модели што успева да понуди толку добро избалансирано возење. Автомобилите на Ford се познати по одличните динамични возни карактеристики, а тоа е имплементирано и кај Kuga. Иако станува збор за SUV модел, спортските својства се пренесени и тука, но со намален интензитет. Главниот збор сепак го има удобноста и рафинираноста. А она што ја издвојува Kuga од другите конкуренти е способноста за динамично возење во свиоци, навалувањето е толку добро контролирано – што можеби звучи малку смешно, но ова е еден од ретките SUV модели што може да понудат толку добро динамично возење. Суспензијата е перфектно „погодена“, а управувањето е директно и прецизно – секако без премногу повратни информации од подлогата. За купувачите на овој автомобил, ова можеби и не се толку битни работи, но вреди да се споменат. Во однос на нормално возење низ градските улици, Kuga сосема успешно ги филтрира дупките и нерамнините, но сепак се чувствува дека суспензијата е малку поцврсто подесена. Ова не е нешто што го прави возењето неудобно, далеку од тоа, но одредени конкуренти се малку повеќе фокусирани на максимален комфор и „лебдење“ на патот. Јаката страна на Kuga е одличната прегледност и лесното маневрирање во тесни места, и покрај тоа што станува збор за релативно голем автомобил, зад воланот се чувствувате како да возите автомобил со помали димензии, а сето тоа ви дава една доза на сигурност. Kuga е доста пријатен сопатник и за подолги патувања, звучната изолација е на многу солидно ниво и кабината е скоро без бучава. И покрај поцврстиот сетап на суспензијата, комфорот и удобноста при брзини од 120-130 км/ч се за пофалба. 

На почетокот кажав дека оваа ST-Line X е врвната изведба на Kuga и опремата што се добива како стандард е огромна, па дел од таа опрема е следново: Full LED предни светла, LED задни светла, 18-инчни алуминиумски бандажи, дигитална инструмент табла од 12.3-инчи, инфозабавен систем со екран од 8-инчи и вградена навигација, предни и задни паркинг сензори, предна и задна паркинг камера, Keyless влегување и стартување на возилото, избор на режими на возење, автоматски двозонски клима уред, адаптивен темпомат, Bang & Olufsen аудио систем со 10 звучници, електрично отворање/затворање на врата од багажник, Blind Spot Assist, систем за препознавање на знаци, Collision mitigation system, греење на предни седишта, греење на волан и многу друго…

ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ

Во моментот на објавување на овој тест Ford Kuga 2.0 EcoBlue 120 A8 ST-Line X се нуди по промотивна цена од 44.500 евра.

Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс.

ЗАКЛУЧОК
Дизел верзијата на Ford Kuga нуди фантастична економичност и солидни перформанси. Оваа комбинација на мотор и менувач е идеална за оние кои поминуваат многу километри годишно. Kuga и понатаму си останува еден од ретките SUV модели што можат да понудат толку добро балансирани возни карактеристики.
Економичен и рафиниран дизел мотор
Возни карактеристики
Простор и ергономија во внатрешноста
Просечен багажен простор
Кратки предни седишта
AWD погон достапен само за FHEV верзијата
4