Производител на автомобили кој не нуди добар теренец во моментов е производител кој самоуверено може да брои загуби. „Подигнатите“ автомобили од различни сегменти несомнено и значително го променија пазарот во последните неколку години. Клиентите сакаат да седат високо, да имаат многу простор и да имаат интересен стил. Затоа, немојте да бидете изненадени што брендовите дури и се надминуваат едни со други во претставувањето на нови модели од чудна и теоретски непотребна класа. Спротивно на изгледот, интересот за вакви возила е огромен. Тоа го забележа и Ford – новата Puma, на пример, е сосема поинаков концепт од постариот модел Ecosport. Многу поголемата Ford Kuga, од друга страна, е сосема различна приказна – овде „синиот овал“ треба да докаже дека третата генерација на овој автомобил е едноставно многу подобра, не само од неговите претходници, туку и од неговите конкуренти. И дали е навистина таков автомобил?
Kuga е еден од најважните модели на брендот во Европа, првата и втората генерација имаа огромен успех и многу продадени примероци. Па ајде да ја разгледаме новата трета генерација – прво, овој модел е доста поголем од претходниот, должината на автомобилот е зголемена за 89 мм (4614 мм), меѓуоскиното растојание е зголемено за 20 мм (2710 мм), додека ширината е зголемена за 44 мм (1883 мм).
Автомобилот е поставен на модуларната C2 платформа, па затоа го добива и новиот дизајнерски јазик. Новата Kuga доби свеж, но малку конзервативен дизајн. Сепак, ова е до некаде и добар потег, бидејќи овој автомобил треба да им се допадне на вкусовите и на помладите и на постарите клиенти кои бараат голем и практичен SUV. Карактеристичниот преден дел на Ford со голема решетка и долги светла оди добро со малку поаголниот дизајн на страните и задниот дел. Интересно е тоа што на прв поглед, Kuga изгледа како „израснат“ хечбек. Конкретно тестираниот модел е во спортската ST-Line верзија што придонесува за уште поатрактивен впечаток. Главниот белег кај оваа верзија се редизајнираните браници, кои добија поспортски облик. Кога се гледа предниот браник, разликата е особено забележлива во близината на помалите светла за магла со LED технологија околу кои Ford создаде стилска линија. Исто така, решетката на ладилникот и дизајнот се различни во споредба со другите верзии. Другите измени вклучуваат кровни носачи во црна боја, хромирани детали околу маската и прозорците, долни делови на телото обоени во боја на каросерија (деловите околу крилата и праговите), хромирани (вистински!) отвори за издувот и 18- инчни сиви алуминиумски бандажи (како опција се достапни и 19-инчни). Малите, но значајни естетски модификации дефинитивно се од корист и автомобилот со нив изгледа далеку подинамично во целина. Единствената замерка која ја имам е тоа што во оваа верзија се добиваат халогени фарови, доколку сакате фарови со LED технологија треба да одберете Technology пакет или пак да го одберете повисокото ST-Line X ниво на опременост.
Внатрешноста исто така не е премногу изненадувачка – ако сте седнале во Focus, Fiesta или Puma, тука се ќе ви биде веќе познато. Дизајнот и скоро сите елементи се превземени од тие модели, што дури може да се стекне и впечаток дека постојано ја гледаме истата кабина, но во различен размер. Целат кабина е навистина лесна за употреба и „погодена“ за очи. Голема пофалба заслужува целата завршна обработка и искористените материјали. Горниот дел на контролната табла и сите делови кои секојдневно се допираат се обвиени во многу квалитетни, меки и пријатни на допир материјали. Колку пониско одите, почнуваат потврди материјали, но сепак и тие делови се убаво склопени и не делуваат „евтино“. Новата Kuga е можеби на врвот во класата кога станува збор за квалитетна кабина.
Оваа ST-Line верзија добива низа промени и во внатрешноста – па така, може да се забележат поспортски седишта, спортски волан, специјален трим на контролната табла кој личи на карбон, како и црвени шевови на воланот, седиштата, рачката од менувачот и потпирачите за раце. Дополнително, црниот тапацир на покривот го подобрува впечатокот на спортскиот изглед.
Пред возачот се наоѓа нова 12.3-инчна дигитална инструмент табла – решението на Ford е визуелно едноставно и пријатно за око, ми се допаѓа и можноста за промена на конфигурацијата на прикажаната слика. Сепак, можностите за конфигурација на дисплејот не се толку големи како кај некои други конкурентни модели. На горниот дел од централната конзола е поставен 8-инчен дисплеј за SYNC3 инфозабавниот систем. Немам никакви замерки за овој систем, работи непречено и брзо, а исто е и едноставен за ракување, единствено што графиката веќе изгледа малку застарено. Стандардно се добива и поврзување со Apple CarPlay и Android Auto (достапно само со кабел), додека тест моделот има и вградена навигација. Ми се допаѓа тоа што во кабината може да се најдат и голем број на физички копчиња кои едноставно се многу полесни за ракување при возење. Клима-уредот си има засебен панел на долниот дел од централната конзола со конвенционални тркалца и копчиња. Просторот на предните седишта е навистина одличен, она што ме разочара се седиштата…Тие се премногу кратки и долгите патувања може да бидат малку неудобни, исто така има недостаток на странична поддршка што особено доаѓа до израз при вртење во свиоци, а оваа ST-Line верзија добива за нијанса поспортски седишта.
Просторот на задната клупа е импресивно добар, двајца патници може удобно да се сместат со повеќе од доволно простор и за нозете и за главата, додека трет патник може да се смести, но седиштето во средина е малку високо и не толку удобно. Исто така, задната клупа е лизгачка во надолжна насока до 150 мм, а патниците позади добиваат и засебни отвори за климатизација.
Багажникот во оваа верзија со конвенционален мотор нуди капацитет од 475 литри, додека благодарение на лизгачката задна клупа може да се добие и максимален капацитет од 645 литри. Ако ви е потребен дополнителен простор за некои подолги работи, со спуштени задни седишта се добива капацитет од 1534 литри. Просторот е во коцкаста форма и е лесно пристаплив што пак овозможува лесно ставање и вадење на потешки и поголеми работи.
На нашиот пазар новата Kuga е достапна со 1.5-литарски EcoBoost бензинец со 150 коњски сили, 1.5-литарски EcoBlue дизел со 120 коњски сили, како и FHEV верзија која користи 2.5-литарски атмосферски мотор во комбинација со електромотор. AWD погонот на сите четири тркала е достапен само кај FHEV верзијата.
Моделот што го возев е придвижуван од основниот 1.5-литарски трицилиндарски EcoBoost турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 240 Nm вртежен момент од 1600 до 4000 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала и овој мотор е исклучиво достапен само со 6-степен мануелен менувач. Можеби многумина ќе бидат исплашени од овој мотор и тоа како го придвижува автомобилот, но имам само едно нешто да ви кажам – одете пробајте го автомобилот и потоа оформете мислење за моторот ( ќе бидете пријатно изненадени 😉 ). Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.7 секунди, додека максималната брзина изнесува 195 км/ч.
Овој мотор за прв пат го имам пробано во Focus и уште тогаш бев фасциниран од перформанисте кои ги нуди. За во Kuga, искрено бев малку скептичен, но шала на страна навистина ми остави одличен впечаток. И со неговите перформанси и леснотија со која го придвижува автомобилот и со неговиот говор. Во место и на ниски вртежи, моторот е толку тивок што не ни знаете дека работи, а исто така ги нема оние вибрации што ги има 1.0-литарскиот EcoBoost. Мануелниот менувач удобно се вклопува во раката, патеките се јасно дефинирани и брзините се менуваат брзо и непречено. На тој начин, Kuga носи многу пријатно искуство во возењето и неговите перформанси се доволни за брзи смени и безбедно претекнување.
Со оглед на големината на возилото, потрошувачката на овој бензински мотор не е воопшто лоша. Во градски услови на возење, потрошувачката се движеше од 8 до 9 литри на 100 изминати километри, додека на отворено со возење според пропишаните брзини се движи околу 7 литри. Да напоменам, кога го превземав возилото имаше поминато само 50 километри, што значи дека реалната потрошувачка ќе биде за нијанса помала од оваа што ја измерив јас.
Kuga отсекогаш бил SUV модел кој импресионира со своите возни карактеристики, па исто тоа продолжува и со оваа трета генерација. Шасијата е подесена првенствено да мисли на удобност. Kuga успева одлично да ги исфилтрира сите дупки и нерамнини на патот без притоа да има удари и несакани вибрации во кабината. Автомобилот е исто така многу добро звучно изолиран, дури и на автопат со поголеми брзини не се чувствува непријатна бучава која ќе го наруши рафинираното возење. Во овие услови, Kuga изгледа како автомобил дизајниран со фокус на пријатно семејно патување. Но, синиот овал отсекогаш бил гаранција за одлична шасија и управување. Ова е далеку од спортски автомобил и ако сакате забава зад воланот, читате погрешна статија, но Kuga дефинитивно е еден од најзабавните модели во својата класа! Големо изненадување беше подготвеноста со која Kuga ги „голта“ свиоците. Среќно го менува правецот, не покажувајќи знаци на нервоза. Дури и полошата површина во свиоците не го исфрла и нуди одлична тракција. Има многу добро подесено управување, кое е брзо, прецизно и природно. Сопирачките се исто така одлични – нудат добро дозирање и не се преагресивни. Можеби Kuga нема секојдневно да ви донесе огромна насмевка на лицето, но е еден од ретките SUV модели кои можат да направат нешто што ќе го паметите помеѓу точките А и Б на вашето патување. Всушност, недостатоците на овој автомобил се навистина малку и воопшто не сум изненаден од неговата популарност.
Почетната цена за Ford Kuga 1.5 EcoBoost 150 Titanium изнесува 32.900 евра.
Цената на тестираниот модел Ford Kuga 1.5 EcoBoost 150 ST-Line изнесува 35.800 евра.
Во моментов новата Ford Kuga е достапна со промотивна цена од 31.900 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ























