Тест: Ford Focus ST-Line 1.5 EcoBoost 182

Ford Focus прв пат е претставен во 1998 година, а оваа најнова 4та генерација е подобра од било кога! Поставен е на комплетно нова С2 платформа со што е зголемено меѓуоскиното растојание и сега има многу повеќе простор во кабината, особено на задната клупа.
Должината изнесува 4378мм, ширината 1825мм и висината е 1454мм.

Надворешниот дизајн изгледа предобро и доста привлечно, има некои специфични детали што го прават да се издвојува од своите конкуренти. Тестираниот модел беше во ST-Line ниво на опрема, а тоа се разликува од другите по тоа што има малку поспортски преден и заден браник, добивате и заден спојлер, понизок е за 10 мм, стандардно доаѓа со одлични 17 инчни бандажи но, секако има и опција за еден број поголеми односно 18 инчни и интересен детал е тоа што шепите на кочниците се во црвена боја за да се знае дека возите спортска верзија на Focus. Можете да одберете помеѓу 8 нивоа на опременост: Trend, Trend Edition, Trend Edition Business, Titanium, Titanium Business, ST-Line, ST-Line Business и за крај најлуксузното ниво VIGNALE. Почетното ниво Тrend доаѓа со многу стандардна опрема, но јас би ви го препорачал Trend Edition или Trend Edition Business бидејќи разликата во цена не е преголема, а добивате уште многу опрема.
За тие што сакаат поспортски изглед и поспортско возење се разбира тука е ST-Line.

 

Ентериерот на повеќето од вас ќе ви биде добро познат бидејќи е сличен на оној во новата Fiesta.Focus никогаш до сега немал толку луксузен ентериер, но сега во оваа генерација е многу подобрен и е многу поблиску до своите премиум конкуренти.Скоро сите материјали кои ги допирате се меки на допир и се од доста добар квалитет. Во ST-Line има и делови кои се со Carbon, океј да, не е вистински Carbon, но сепак изгледа одлично. Воедно, ова е првиот модел на Ford во Европа кој добива Heads-Up дисплеј и работи перфектно! Во најосновното ниво на опрема добивате дисплеј од 4.2 инчи, bluetooth и USB, додека во повисоките нивоа добивате 6.5 или 8 инчен дисплеј со поддршка за Apple CarPlay и Android Auto и јас би ви препорачал некои од овие два. Системот работи супер, респонзивен е и е лесен за користење, сепак кај некои од конкурентните модели менито е поедноставно и има подобра графика.

Кога станува збор за тоа колку простор има на задните седишта, Focus може да се пофали бидејќи нуди многу повеќе простор од другите возила во оваа класа. Луѓе до 200cm би немале никаков проблем со просторот за нозете и главата и друга добра работа е тоа што во средина нема голем тунел па така и тројца возрасни луѓе би можеле да седат удобно, но не за некои предолги патувања. Послабата страна на Focus е багажниот простор кој нуди на располагање 375 литри што е за неколку литри помалку од некои од конкурентите. Добро е тоа што просторот е во коцкаста форма и отварањето е одлично па така нема да имате потешкотии при ставање и вадење на потешки работи. Исто така, сите модели доаѓаат со преклопливи задни седишта 60:40 и кога ќе ги спуштите подот е комплетно рамен што е одлично ако треба да ставите подолги работи.

Изборот на мотори е доста голем па така на располагање имате:
Бензински:
1.5 ТiVCT 120кс
1.0 EcoBoost 100кс
1.0 EcoBoost 125кс
1.5 EcoBoost 150кс
1.5 EcoBoost 182кс
Дизел:
1.5 EcoBlue 95кс
1.5 EcoBlue 120кс
2.0 EcoBlue 150кс

Моторот што јас би го препорачал е 1.0 EcoBoost со 125 кс, сосема доволен за овој тип на возило со солидна потрошувачка на гориво, а ако повеќето од времето го поминувате во автомобил и често возите на отворен пат најдобрата опција би бил 1.5 EcoBlue 120кс ќе бидете изненадени од потрошувачката.  Тестираниот модел го имаше најјакиот бензински мотор, а тоа е 1.5 EcoBoost со 182 коњски сили и 240Nm вртежен момент. Mоторот е перфектен и за во градски услови на возење и за на отворен пат, тивок е и нема многу бучава во кабината, а кога ќе ја притиснете педалата за гас до крај и ќе возите во спортски режим станува погласен и има одличен спортски звук. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 8 до 9 литри на 100 изминати километри што е супер за овој мотор.

ST-Line нивото значи: 17 инчни бандажи, спортски преден и заден браник, заден дифузер, infotainment систем со 8 инчен дисплеј, адаптивен темпомат, спортска суспензија, предни и задни паркинг сензори, задна паркинг камера, спортски седишта, автоматски двозонски клима уред, …и уште многу дополнителна опрема како што се: систем за спречување на преден судар, Head-Up дисплеј, Blind Spot, LED предни и задни светла, B&O Play озвучување со 10 звучника, Lane keep assist, автоматско паркирање итн.

За возењето имам само пофалби, во тестираниот модел бидејќи е ST-Line имаше спортска суспензија која е за 10мм пониска од нормалната, но сепак не е претврда за секојдневното возење низ градските улици на нашиот главен град кој се полни со дупки и кога возите со поголема брзина низ кривини нема многу навалување. Управувачот е прецизен и точно знаете каде одат предните тркала, менувачот е со пократок од и е перфектен. Кога станува збор за прегледност, назад и од страните е добра, но предните А столбови малку пречат во прегледноста. Mене лично возилата на Ford не ми се допаѓале нешто премногу, сите модели ми имаа некои чуден и надворешен и внатрешен изглед што не ме привлекувал баш. После поминатото време со новиот Focus, искрено мислењето си го сменив комплетно.Возењето ми беше многу забавно и дружбата со Focus ми помина одлично!

Повеќе информации за цените на возилото може да најдете на http://www.ford.mk/all-new-focus-2  или да го посетите продажниот салон на Ми-Да Гранд Моторс.

ЗАКЛУЧОК
Дефинитивно Focus е едно од најзабавните возила за возење во својата класа кој нуди многу простор и ги има сите најнови технологии.
ПОЗИТИВНО
Одлични возни карактеристики.
Атрактивен изглед.
Многу подобрен ентериер.
НЕГАТИВНО
Некои корисни работи се како дополнителна опрема.
Не толку интуитивен инфозабавен систем.
4.5