ТЕСТ: Fiat 500X 1.6 Multijet 120 Urban

Fiat 500X се појави на пазарот во 2015 година, а тоа е периодот кога почнуваше оној „бум“ на компактни кросовер модели. Од тогаш до сега се појавија голем број на нови учесници во овој сегмент, но 500X се издвојува бидејќи е правен по вистински италијански рецепт. Тоа значи дека има интересен стил и шарм кои ги наследи од успешниот градски автомобил Fiat 500. Но, да се биде поголемо возило, значи и многу поголема практичност. Има повеќе простор и повеќе врати. 500X користи многу паметна формула – во одреден момент сопствениците на Fiat 500 ќе го надраснат малиот автомобил, па затоа на оние на кои им се допаѓа стилот на 500, а потребно им е поголем и попрактичен автомобил го имаат во понуда токму овој 500X модел.

Надворешниот дизајн на 500X е навистина полн погодок, а доказ за тоа се и бројките од продажбата на овој модел. 500X го продолжува дизајнот на новиот Fiat 500, па затоа голем број на елементите на надворшноста се превземени токму од малиот градски автомобил, а и целата форма на двата модели е многу слична. Минатата година, Fiat претстави фејслифт верзија на 500X, но надворешниот дизајн е само малку освежен, во рамките на најновите трендови. На предниот дел, поставен е ревидиран браник и нови фарови кои како опција се достапни и со Full LED технологија. На задниот дел, исто така поставен е ревидиран браник и нови овални LED задни светла, исто како и кај малиот 500, така и тука светат само трапезоидните контури, а центарот е во боја на каросеријата. Генерално, формата на 500X останува непроменета, а според мене воопшто и не се потребни некакви големи измени. Ми се допаѓа целокупниот изглед кој го има возилото и тоа што дизајнот е комбинација на ретро и модерен стил. Кога станува збор за овој сегмент на возила, првата работа што им е битна на купувачите е токму дизајнот, па затоа Fiat 500X е чекор напред во споредба со конкурентните модели. Инаку, 500X е достапен во неколку различни верзии – Urban, City Cross и Cross. Секоја од овие верзии има и различни елементи на надворешноста.

Како и надворешноста, така и внатрешноста има модерен и интересен дизајн. Она што прво „паѓа во очи“ е панелот кој е во боја на каросеријата – одличен детал кој ја прави целата кабина да не изгледа црно и досадно. Фејслифт моделот добива и нов управувач, а на инструмент панелот сега е поставен нов 3.5-инчен TFT дисплеј на кој се прикажуваат сите важни информации за возилото. На горниот дел од централната конзола се наоѓа нов 7-инчен дисплеј за Uconnect инфозабавниот систем кој сега нуди многу подобра графика и подобра респонзивност. Менито е лесно и јасно за користење, но некои од иконите би сакал да се малку поголеми за полесно користење при возење. Стандардно добивате и Apple CarPlay и Android Auto поврзување, а како опција достапен е TomTom вграден навигациски систем. Материјалите кои се поставени во кабината генерално се со добар квалитет и завршната обработка е на доста солидно ниво, сепка некои конкурентни модели имаат малку поквалитетни материјали. Седиштата се меки и комфорни, а лесно ќе може да ја најдете и вашата идеална возачка позиција. Сите контроли се јасно поставени и ергономијата е на одлично ниво, во време кога сите прават целосна дигитализација на кабината, 500X ги задржува физичките копчиња за сите најбитни функции, како и за клима уредот, а сето ова резултира со полесно ракување особено при возење.

500X е далеку од мал автомобил и очекував да има одлична просторност на задните седишта, но тоа не беше баш така. Јас сум висок околу 180 сантиметри, имав доволно простор за главата, но просторот за нозете ми беше малку тесен. За кратки релации не би имал никаков проблем да седам тука, но поради не доволниот простор за нозете долгите релации мислам дека нема да ми бидат многу удобни. Инаку, двајца патници без никаков проблем ќе може да се сместат на задните седишта, додека тројца патници ќе може да седат комфорно само за некои кратки релации. Кога станува збор за багажен простор, 500X го нема најголемиот багажник во својата класа, капацитетот е 350 литри, но поради добрата длабочина и висина може да ги сместите сите работи што ви се потребни. Стандардно сите модели се опремени и со 60:40 задна деллива клупа, што кога ќе ја спуштите на располагање имате 1000 литри багажен капацитет.

Најважната новост за овој освежен модел е понудата на мотори. 500X сега е достапен со новите FireFly турбо-бензински мотори, може да одберете помеѓу 1.0-литарски со 120 коњски сили и 6-степен мануелен менувач и 1.3-литарски со 150 коњски сили стандардно опремен со автоматски менувач. Возилото кое што го имав овој пат на тест под хаубата имаше дизел мотор кој исто така е од нова генерација, се работи за 1.6-литарски MultiJet 2 мотор кој располага со 120 коњски сили достапни при 3750 вртежи во минута и 320 Nm вртежен момент достапен од 1750 вртежи во минута. Силата се пренесува само на предните тркала преку одличен 6-степен мануелен менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 10.7 секунди, додека максималната брзина изнесува 186 км/ч. Вака на хартија можеби и не звучи како многу, но во реалноста перфорамансите кои ги нуди овој мотор се навистина доволни. Забрзувањето е доста солидно и автомобилот се движи со леснотија. Мојата просечна потрошувачка од неколку дневното возење изнесуваше од 6 до 7 литри ( во градски услови), што го прави овој мотор и доста економичен, но ако не поминувате премногу километри годишно, подобра опција е некој од турбо-бензинците.

Fiat 500X е достапен во три нивоа на опременост -Urban, City Cross и Cross. Тест моделот беше во првото Urban ниво со уште нешто плус дополнителна опрема. Во ова ниво стандардно добивате – мануелен клима уред, 16-инчни тркала, предупредување за напуштање на коловозна лента, препознавање на сообраќајни знаци, 7-инчен дисплеј за инфозабавниот систем, задни паркинг сензори и многу друго…

Чувството зад управувачот е онакво какво што би очекувале од ваков тип на возило. Седите повисоко од нормален хечбек модел, а со тоа и подобра прегледност, но кај 500X имам една замерка. Предните А столбови се доста големи и ја блокираат прегледноста, особено кога треба да излезете од некој споредни улички треба да се навалите назад со главата за да видите дали има возила од страните. Инаку, возењето во град е многу рафинирано и лесно, а тоа благодарение на лесниот и прецизен управувач и релативно добрата суспензија. Велам релативно зошто за кросовер модел, 500X има изненадувачки цврста шасија и не толку мека суспензија. Во кабината не се пренесуваат премногу вибрации и удари кога ќе поминете преку дупки или нерамнини на патот, но едноставно се чувствуваа таа тврдина и некои од конкурентните модели нудат за нијанса подобар комфор при возење. Од друга страна пак, оваа тврдина е добра при подинамично возење, 500X импресионира со својата стабилност и сигурност во свиоци, а навалувањето е сведено на минимум. Сепак, не очекувајте кој знае каква забава во вакви ситуации, на крај на денот намената на ова возило не е таа, но во споредба со други вакви кросовер модели, 500X е најблиску до чувството како да сте во хечбек модел. На автопат, во кабината е тивко и рафинирано и автомобилот е стабилен. Ова значи дека 500X е одличен и за долгите патувања.

Галерија од тестираниот модел

Почетната цена за Fiat 500X 1.0 FireFly 120 Urban изнесува 16.890 евра.

Цената на тестираниот модел Fiat 500X 1.6 MultiJet 120 Urban изнесува 19.550 евра.

Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Fiat.

ЗАКЛУЧОК
Обновениот Fiat 500X дојде со пристојно освежување на дизајнот, иако не се случија никакви револуционерни промени. Автомобилот доби нови технологии и нови економични мотори, а дизајнот кој во големи мери е превземен од фраерскиот 500, но во едно поголемо и попрактично пакување го прави 500X еден многу популарен автомобил кај купувачите.
Атрактивен дизајн.
Добри возни карактеристики.
Квалитетен и практичен ентериер.
Суспензијата е на потврдата страна.
Просечен багажен простор.
4