ВОЗЕВ: Citroën Oli концепт и Citroën My Ami Buggy 

Неодамна Citroen ме покани на еден несекојдневен настан кој се одржа на тест патеката Balocco во Италија, близу Милано. Зошто несекојдневен? – имав навистина ексклузивна можност за прв пат до сега да седнам зад воланот на концепт автомобил и да поминам неколку километри (верувајте чувството е неописливо).

Дури и за нас автомобилските новинари (особено ние од Македонија) не е вообичаено да имаме можност одблиску да видиме, а камоли па да возиме ваков концепт автмобил. Затоа, овој пат благодарение на Citroen, имав кратко, но исклучително возбудливо и специјално возачко искуство со електричниот Oli.

Со текот на годините автомобилите станаа поголеми, потешки, помоќни – и поскапи. А електромобилноста само ја засилува оваа ситуација. Наместо 20.000 евра, цените на нормален семеен автомобил одеднаш почнуваат од 30.000 евра. Со Oli, Французите покажуваат како дизајнерите и инженерите замислуваат прифатлив секојдневен автомобил за новата генерација. Citroen Oli е модел кој ги носи паметните идеи на популарниот Ami на едно сосема друго ниво, користејќи иновативни решенија за неговата конструкција кои би можеле лесно да се вклопат во нашиот секојдневен живот, а истовремено да го направат возењето многу поодржливо.

Но, што всушност е Oli, во случај да не сте го виделе или прочитале до сега – Главната идеја зад создавањето на Oli (се чита all-e) е едноставна и во исто време многу, многу паметна. Сигурно сте приметиле дека во последно време сите автомобилски брендови претставуваат се поголеми и поголеми модели, многу ретко од време на време се појавува по некој мал градски автомобил. Од она што го гледаме до сега, јасно е дека иднината на автомобилизмот е електрична, а она од што најмногу се плашат купувачите е автономијата на овие автомобили. За ова, голем дел од автомобилските компании се фокусираат кон оптимизирање на нови поголеми и потешки батерии, а со тоа и самите автомобили стануваат посложени и доста поскапи. Трендот што го следи Citroen со концептот Oli е сосема спротивен и на многу начини уникатен – компактен кросовер кој иднината на мобилноста ја гледа со свој карактеристичен пристап. И да бидам искрен, воопшто не сум изненаден од Oli бидејќи Citroen е еден од навистина ретките автомобилски брендови кои воопшто не се плашат да прикажат нешто сосема ново, свежо и толку многу уникатно.

И ова е далеку од едноставна „вежба“ за Citroen, напротив, со овој концепт францускиот производител на некој начин го предвидува стилот на иднината, воведувајќи нова филозофија во производството на автомобили во ерата на транзиција кон целосна електрификација. Првиот елемент што го наградува трудот на Французите е тоа што Oli комбинира елементи од три категории на возила – кросовер, компактен SUV и пик-ап, а сето ова докажува дека во секој поглед е практичен, едноставен и лесен за употреба во секојдневниот живот.

Дизајнот на автомобилот е толку уникатен што навистина не може да се спореди со ниту еден друг концепт до сега, а кога го видов во живо првото нешто што ми падна на памет е дека целиот автомобил личи како оние мали LEGO автомобили што сум ги склопувал кога бев дете…Дизајнот на Oli се развива околу новото лого на Citroen, што е всушност негова 10-та еволуција во 103-годишната историја на компанијата. Интересен факт за Oli е и тоа што браниците и предните и задните светла се заменливи, што значи помали трошоци за производство, што пак се преведува на хипотетички пониска куповна цена. Има и уникатни странични заштитни елементи на каросеријата, додека задниот дел се карактеризира со присуство на панел кој, во зависност од неговата положба, му дава на автомобилот допир на компактен SUV или пик-ап модел, што го прави многу разновиден во неговата употреба.

Хаубата и покривот на Oli се направени од рециклиран картон со слоеви од рециклирана волна добиени од BASF, создавајќи исклучително издржлива, но лесна конструкција. Во исто време, облогата од полиуретанска смола обезбедува дополнителна хидроизолација и заштита од УВ зраци. Острите, квадратни линии на каросеријата се нагласени со обликот на шофершајбната, која е целосно вертикална, во континуирана интеракција на рамни површини. На овој начин, инженерите на Citroën кажуваат дека вака помалку топлина влегува во патничкиот простор, а со тоа е намалена и потребата од користење на климата. 

Предните врати на Citroen Oli го следат примерот на Ami и се идентични од секоја страна, иако се позиционирани различно. Тие се полесни, но сепак потрајни и многу полесни за правење и склопување. Намалувањето на сложеноста и поедноставувањето на конструкцијата заштедува до 20% тежина по врата во споредба со типичен семеен хечбек, додека бара половина од бројот на компоненти и заштедува околу 1,7 килограм по врата со отстранување на звучниците, изолациониот материјал и електричните жици.

Како резултат на сето ова, се проценува дека потрошувачката на енергија е намалена за цели 17%. Тркалата од 20-инчи (да, на фотографии не личат дека се толку големи) се изработени од специјална алуминиумска легура во нивниот средишен дел. Бандажите се „облечени“ во  специјално развиени Goodyear Eagle Go гуми за овој концепт, кои според инженерите на Citroën треба да имаат животен век од близу 500.000 километри – луда бројка, не велам не. Самата гума комбинира одржливост и долговечност со паметна технологија за следење на нивната состојба. Соединението на шарата на гумата е направено од речиси одржливи или рециклирани материјали, вклучувајќи сончогледово масло и силика од пепел од оризова лушпа, како и борови смоли и целосна природна гума.

Ја отворам возачката врата и ме пречекува не-реален-ентериер. Зад воланот се чувствувам како да сум во некој автомобил од некоја игрица, а сето тоа е надополнето благодарение на „дреч“ портокаловата боја во која е буквално целата кабина. Тука, се е сосема различно и премногу футуристично во споредба со конвенционален автомобил од 2023 година. На пример, седиштата користат 80% помалку делови од традиционалното седиште. Структурно, тие се направени од рециклирани материјали, а мрежестиот дизајн на задниот дел ја подобрува природната светлина во возилото. Инаку, потпирачите за грб се направени преку 3D печатач. 

Посебен елемент во кабината е и целосното отсуство на екрани и пренатрупаност како што сме навикнати од новите автомобили, наместо тоа Oli има единствен дел што се протега по целата ширина на конзолата, кој се состои од управувачкиот столб, држач за паметен телефон и пет прекинувачи за системот за климатизација. Поточно, Oli користи скоро дупло помалку делови во овој простор, во споредба со модерен мал семеен хечбек. Размислувајќи за различни решенија за работа со интерфејсот (HMI), Citroen дојде до фантастична идеја да користи џојстик поставен на воланот. Всушност тоа е и единственото копче на воланот. Исто така, бидејќи нема никакви жици во вратите, Oli е опремен со звучници поставени на двете страни од контролната табла – и најинтересно е тоа што може да ги извадите и да си ги земете на пример дома.  Подот во целата кабина е направен од лесни и рециклирани материјали, а има и многу простор за складирање на ситници. 

Иако станува за релативно мал и компактен автомобил, просторната понуда во внатрешноста е навистина импресивна. На предните седишта има и повеќе од доволно простор, но исто така и задните седишта нудат фантастичен простор за нозете и главата – потврдено од патници кои се возеа на задните седишта. 

Citroën Oli е опремен со електричен мотор од 95 kW, односно 130 коњски сили и батерија со енергетски капацитет од 40 kWh, што теоретски може да обезбеди досег до 400 километри. Ограничената максимална брзина од 110 км/ч и вкупната тежина од само 1.000 килограми овозможуваат потрошувачка на енергија од само 10 kWh/100 километри. На брз DC полнач, на батеријата во Citroën Oli и се потребни само 23 минути за да се наполни од 20% до 80%. Исто така, Oli покажува како возилото може да делува како „дома“ и далеку од дома, односно за летни патувања на плажа или на викенд кампување, благодарение на неговата способност „Vehicle to Load“ (V2L). Со оглед на батеријата од 40 kWh и излезната моќност од 3,6 kW (еквивалент на штекер за домаќинство од 230 V), Oli теоретски може да напојува електричен уред од 3.000 W за околу 12 часа.

Какво е чувството да се вози концепт автомобил? – многу специјално и до некаде не реално, за сето време додека го возев Oli имав насмевка на лицето и се чувствував како да сум многу години понапред од сегашноста. Во исто време сфатив и дека ваквиот едноставен и најминималистички стил во кабината е многу подобар од оној во конвенционалните автомобили што ги возиме денес – хах, какво чудно време…Инаку, седењето напред е прилично високо, а видливоста кон страните и особено кон предниот дел е одлична, првите неколку минути треба да се навикнете на малата и вертикална шофершајбна, но во пракса нуди навистина добра видливост. Управувањето е чудно и педалата за сопирачките има несекојдневно чувство, но да не претерувам, сепак станува збор за „one-off“ концепт автомобил. Дополнително, разумно е и целото тропање, крцкање, како и аеродинамичните звуци кои се слушаат во кабината. Но сепак, генерално како за концепт автомобил, Oli вози исклучително добро. 

Кога објавив фотографии и видеа на мојот Instagram профил, многу луѓе ме прашаа кога ќе биде достапен за продажба овој модел и која би била цената – за жал, Citroen Oli нема да го видиме на улица ниту за неколку месеци, ниту за неколку години. Ова ќе остане само концепт модел кој има задача да покаже како Citroen ќе пристапува на електричните автомобили, какви решенија ќе користи за тоа овие автомобили да се направат поевтини, популарни и еколошки подобри. Понекогаш помалку значи и повеќе, а Oli има токму таква јасна дизајнерска филозофија. 

Во Balocco, освен Oli, го возев и новиот лимитиран Citroen My Ami Buggy! Ова е специјална верзија на популарниот Ami која ќе биде достапна само во десет земји и ќе бидат произведени само 1000 примероци.

Гледајќи го однадвор, веднаш е јасно дека станува збор за некоја поатрактивна верзија – наменета за оние со авантуристички карактер. My Ami Buggy добива уникатна „Khaki“ боја за надворешноста, црни заштитни елементи околу тркалата, браниците и праговите, заден спојлер, црни украси околу светлата и off-road гуми – сепак, примероците што ни беа достапни се опремени со нормални гуми. Исто така, бандажите кај оваа верзија се во златно-бронзена боја.

Карактерот на My Ami Buggy е надополнет и со елементи во Acid жолта боја на надворешноста и во внатрешноста, односно на контролната табла на местото за складирање работи, торбата на воланот (која може да се извади), како и украсните шевови на патосниците и седиштата. Оваа верзија, нуди и максимално уживање и прави да се чувствувате што поблиску до природата. Тука нема врати, туку пластични капаци со патент кои се дизајнирани да ги заштитат патниците од временски неприлики – како ветер или дожд. Исто така, доколку времето дозволува може комплетно да се отвори и покривот. Во вакви услови, капаците на вратите се преклопуваат наназад и потоа се закачуваат на столбовите на вратата со штипки. Во случај да не се потребни, капаците може целосно да се отстранат и да се складираат во гаража.

Што се однесува за покривот, тој е создаден за лесна употреба. Направен од ткаенина во црна боја, тој е водоотпорен и има патент, па затоа е практичен и лесен за ракување. Целосно интегриран во целокупниот дизајн на моделот, благодарение на еластичноста на ткаенината,  покривката совршено се совпаѓа со стилот на возилото. Панелите на вратите и покривот се диференцирани за да се приспособат на проѕирните капаци на вратите и меката ткаенина на покривот. Напред, рамката на покривот е продолжена за да формира штитник за сонце за патниците.

Оваа верзија има и Ultimate Ears Boom лесен Bluetooth звучник кој лесно може да се носи насекаде. Звучникот е водоотпорен и робустен, со 15 часа траење на батеријата, ќе обезбеди музика во најнезаборавните моменти од рутите. Звучникот во внатрешноста на „My Ami Buggy“ го наоѓа своето место во посебна преграда на контролната табла, зад воланот. Екранот со информации за статусот на батеријата и брзината на возење кај My Ami Buggy сè уште се наоѓа на воланот, но има нов заоблен капак со ретро стил.

Пената на седиштата кај My Ami Buggy е зајакната во споредба со оние кај обичниот Ami (дебелината од 35 мм сега е 70 мм), а исто така седиштата може да се извадат и да се исперат доколку ги извалкате. 

Возењето во My Ami Buggy е многу интересно и всушност ова е доказ дека не треба да сте во некој ултра спортски или луксузен автомобил за да имате насмевка на лицето. Да, во овие услови на возење каде што го возев јас – на тркачка патека, и јас би сакал да сум во автомобил со бензински мотор, но тоа е тоа. Под десната нога на располагање имам 8(!) коњски сили и максимална брзина од…45 км/ч. Бучавата од малиот електромотор и од ветерот се доста присутни во кабината, но да бидам искрен тоа воопшто не ми пречеше. Управувањето е директно и иако е без серво маневрирањето не е воопшто тешко – ако некој не ви каже нема ни да знаете дека нема серво. 

My Ami buggy ја користи истата батерија како и обичниот Ami, односно со капацитет од 5.5 kWh. За да се наполни од комплетно празна до комплетно полна потребни се околу 3 часа – со полнач на обичен домашен штекер. Автономијата која ја нуди со полна батерија изнесува 75 километри.