Голем дел од производителите на автомобили, во последниве неколку години се откажаа од своите мали автомобили наменети за градот. Некои пак, одлучија да стават целосно електричен погон, а со тоа и цената на автомобилот вртоглаво расте. Од друга страна, го имаме новиот Toyota Aygo X кој изгледа кул, користи економичен бензински мотор и има нови технологии кои му овозможуваат да ги покаже своите предности во градскиот метеж.
Јапонците направија еден навистина уникатен модел во овој сегмент – новиот Aygo X е комбинација на кросовер и агилен мал втомобил. Инспириран од модерниот градски живот, Aygo X навистина се истакнува со својот кросоверски изглед и двобојната каросерија. Инаку, „X“ во името всушност се изговара Cross, што е малку збунувачки, но со тоа се нагласува дека станува збор за кросовер модел. Друг интересен факт е тоа што боите кои се достапни кај Aygo X се инспирирани од различни зачини каде секоја боја ги доловува вкусовите на купувачите и карактерот на автомобилот. Конкретно тестираниот модел е во „Chili“ црвена боја која го прави Aygo X тешко да се занемари на улица. Исто така, има и контрастни елементи во црна боја – покривот, задниот дел и ретровизорите, кои допринесуваат за поатрактивен изглед. На предниот дел вниманието оди кон големата решетка, како и големите фарови кои се со LED технологија. Задниот дел е многу сличен со моделот што го заменува, но благодарение на контрастната црна боја и „широките“ крила се добива подинамичен изглед. Од страните, поставените пластики околу тркалата и долниот дел го заокружуваат силното присуство на патот. Најмногу сум изненаден од големината на бандажите кои ги добива Aygo X, тест примерокот е опремен со 18-инчни бандажи, што за ваков мал автомобил е навистина изненадувачки. Сепак, достапни се и помали 17-инчни бандажи.
Aygo X сега ја користи TNGA GA-B платформата, што всушност ја користат и Yaris и Yaris Cross. Aygo X е уште покомпактен од овие модели, но не до тој степен за да биде непрактичен. Со должина од 3.700 мм, новиот модел го надмина својот претходник за 235 мм, меѓуоскиното растојание се зголеми за 90 мм и сега изнесува 2.430 мм. Во споредба со Yaris, предниот дел е за 72 мм пократок, а автомобилот има и исклучително мал радиус на вртење од само 4,7 метри.
Внатрешноста на Toyota Aygo X се карактеризира, меѓу другото, со координирани акценти на бои на контролната табла, централната конзола и во кокпитот,а сето ова придонесува за „посвежа“ внатрешноста. Наместо материјали кои се меки на допир, искористени се потврди пластики низ целата внатрешност. Сепак, правилно обработените материјали во Aygo X не изгледаат премногу евтини, како што често се случува кај другите мали автомобили од оваа класа. Бројни елементи во новиот Aygo X доаѓаат од поголемиот Yaris, на пример, воланот, контролите за климатизацијата и инфозабавниот систем. Целиот ентериер е модернизиран, но ми се допаѓа тоа што Toyota одлучиле да остават и голем број на физички копчиња, кои едноставно се доста попрактични за користење.
Пред возачот се наоѓа аналогна инструмент табла со мал екран во долниот дел кој ги прикажува сите најбитни информации околу возењето и системите за асистенција. На централниот дел, тестираниот модел има голем 9-инчен екран за инфозабавниот систем. Ова е најновиот систем на Toyota, a ажурирањата на софтверот доаѓаат автоматски „преку воздух“. Системот е едноставен за користење има одлична графика и работи брзо и респонзивно. Преку овој екран се контролира буквално сè – од Cloud базирана навигација со информации за сообраќајот во реално време, како и информации за достапни паркиралишта (на одредени паркинг места прикажува и цена за 1 час) и сите достапни бензински пумпи. Исто така, паметните телефони може да се поврзат безжично преку Android Auto и Apple CarPlay. Покрај тоа, Aygo X овозможува и безжично полнење на паметните телефони. Алтернативно, USB-A порта е достапна во предниот дел.
Во споредба со својот претходник, новиот Aygo X се чувствува уште попросторен на удобните предни седишта, дури и оние со надпросечна висина ќе можат удобно да се сместат и да најдат идеална возачка позиција.
Иако Toyota го продолжи меѓуоскиното растојание за 90 мм, просторот во задниот дел е за жал многу тесен, особено поради недостатокот на простор за нозете, така што повозрасни патници ќе може да се сместат „кнап“ единствено за некои кратки релации.
Купувачите бараа поголем багажник, а новиот Aygo X сега тоа го испорачува благодарение на зголемените димензии. Багажниот простор сега нуди волумен од 231 литар. Тоа е значителни 63 литри повеќе од неговиот претходник, така што малиот Aygo X може да смести дури и поголеми куфери. Ако се отстрани капакот, има 269 литри багажен простор до покривот. Со преклопени задни седишта, волуменот на товарење се зголемува на 829 литри.
Како што споменав и на почетокот, новиот Aygo X е достапен само со еден мотор, а тоа е добро познатиот 1.0-литарски VVT-i трицилиндричен атмосферски бензинец кој испорачува 72 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 93 Nm вртежен момент достапен од 4400 вртежи во минута. Силата се пренесува на предните тркала, во конкретниот случај преку CVT автоматски менувач, а достапен е и 5-степен мануелен менувач. Aygo X не е брз автомобил, забрзувањето до 100 км/ч трае 15.5 секунди, додека максималната брзина која може да ја постигне изнесува 151 км/ч.
Сепак, при мали брзини, трицилиндарецот е доволно жив и нуди задоволителни перформанси, особено во градскиот сообраќај. А тука до израз доаѓа и CVT автоматскиот менувач кој возењето во градски услови го прави многу, многу полесно и поедноставно. При поголеми брзини, надвор од градот, каде што е потребна поголема сила, моторот станува гласен и има малку „досаден“ звук. Малку поголема моќност би го зголемила уживањето во возењето, но Toyota со причина нуди само еден мотор. Реалноста е дека овој автомобил ќе се вози исклучиво во градски услови, а во тој случај е сосема доволен. Добрата работа за овој мотор е тоа што е лесен за вашиот паричник – Toyota велат дека просечната потрошувачка во градски услови изнесува 4.7 литри, во реалноста јас не ја добив оваа бројка, но и таа бројка што ја прикажа „мојот“ Aygo X не е воопшто лоша – мојата просечна потрошувачка се движеше околу 6 литри на 100 изминати километри. Да напоменам дека автомобилот го превземав со само 5 изминати километри, така што потрошувачката со сигурност би се намалила за половина литар. На отворен пат, Aygo X троши малку повеќе гориво, односно околу 7 литри на 100 изминати километри.
Каков е Aygo X зад воланот? – Она што веднаш се забележува при влегување во автомобилот е повисоката седечка позиција, во споредба со претходникот е повисоко за 55 мм, што пак овозможува подобра и појасна прегледност. Реалноста е дека Aygo X се чувствува „како дома“ низ градските улици. И покрај зголеменето растојание од подлогата, возењето е пријатно и многу лесно. Ова се должи на прекрасно избалансираното управување и тежината на возилото, која е помеѓу 940 и 1.015 килограми во зависност од опремата и погонот. Во однос на удобноста, Aygo X исто така има корист од платформата од повисока класа на возила. Па така, дури и со големите 18-инчни бандажи нуди одлична удобност без да биде нарушен комфорот во кабината на нерамни и лоши патишта. Во побрзи свиоци, благодарение на директното управување и релативно добрата суспензија, автомобилот останува рамен без пренагласено навалување. Сепак, овој модел на Toyota не е направен за динамично возење, туку ова е кул градски кросовер. Друга интересна и многу важна работа за овој автомобил е тоа што поради малите димензии многу лесно ќе може да најдете паркинг место во центарот на градот, бидејќи навистина може да се паркирате и во најтесните мести, а тука е и задната паркинг камера која сето тоа го прави уште полесно. На автопат, при брзини од 120-130 км/ч, Aygo X е прилично стабилен и „мирен“, но поради послабата звучна изолација и работата на CVT менувачот и моторот, во кабината станува прилично гласно.
И покрај тоа што ова е мал градски автомобил, новиот Aygo X е опремен со сите најнови безбедносни системи, како и системи за асистенција при возење. Најновиот Toyota Safety Sense 2 систем вклучува, меѓу другото, pre-crash безбедносен систем со препознавање на возила, кој сега работи и на поголеми брзини. За прв пат детекцијата на пешаци работи дење и ноќе, а детекцијата на велосипедисти само преку ден. Има и адаптивен темпомат, систем за следење на коловозна лента со корекција на волан, систем за распознавање на сообраќајни знаци и друго. Сите овие системи се добиваат стандардно уште во првото ниво на опременост.
Инаку, Aygo X е достапен во четири нивоа на опременост: Joy, Play, Pulse и Envy. Тестираниот модел е во највисокото Envy ниво на опременост кое содржи работи како што се – 18-инчни бандажи, CVT автоматски менувач, автоматски клима уред, безжично полнење за мобилен телефон, сензор за дожд, текстилни седишта со елементи од еко кожа, греење на предни седишта и друго.
Почетната цена на Toyota Aygo X 1.0 5MT Joy изнесува 13.490 евра.
Цената на тестираниот модел Toyota Aygo X 1.0 CVT Envy изнесува 18.690 евра.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Toyota Авто Центар.


















