Kodiaq е најголемиот SUV модел и воедно првото возило на Skoda кое е достапно со 7 седишта. Во овие неколку години, купувачите на нови автомобили се повеќе и повеќе се одлучуваат за SUV одколку седан или караван модели.Skoda во право време го претстави Kodiaq, голем и многу практичен SUV модел кој е одлично опремен и има многу пристапна цена-точно тоа што го бара пазарот! Поставен е на MQB платформата на VW групацијата, а истата оваа платформа ја користат VW Tiguan и Seat Ateca.
Должината на возилото изнесува 4.697mm, ширината 1.586mm, висината 1.676mm и меѓуоскиното растојание е 2.791mm.

Надворешниот дизајн е едноставен и модерен, но не е некое возило кое привлекува многу внимание кога ќе поминете на улица. Сепак, нема да ви треба многу време за да сфатите дека се работи за модел на Skoda. Предниот дел на возилото има свој дизајн и највеќе до израз доаѓа големата предна решетка, како и интересните LED светла кои ги имаше тестираниот модел. Задниот дел на возилото има доста дизајнерски детали од големиот седан Superb. На фотографии, Kodiaq можеби и не изгледа многу голем, но во живо возилото е доста габаритно и поголемо од VW Tiguan и SEAT Ateca. Освен нормалната верзија на Kodiaq, достапна е и Scout верзија која е наменета за луѓе кои поголем дел од времето возат на off-road патишта и Sportline верзија која има….спортски изглед.
Достапни се три нивоа на опременост: Active, Ambition и Style. Тестираниот модел беше во второто ниво Ambition со уште нешто плус дополнителна опрема. Токму ова ниво и би Ви го препорачал бидејќи ја добивате сета опрема која е потребна.
Ентериерот во Kodiaq е многу сличен со сите други понови модели на Skoda- едноставен дизајн кој изгледа убаво и е доста практичен. Ме изненади тоа што скоро 90% од материјалите во кабината се меки на допир и од доста добар квалитет. Дури би рекол дека целиот ентериер изгледа многу повеќе премиум одколку некои други конкурентни модели кои што се доста поскапи- well done Skoda! Единственото нешто што изгледа малку застарено е инструмент таблата…затоа како опција достапна е целосно нова дигитална инструмент табла со 3D графика. Друга добра работа во возилата на Skoda е тоа што сите контроли и копчиња кои се пред Вас се поставени на одлично место и се многу јасни и лесни за користење. И тие што никогаш предходно не возеле понов модел на Skoda нема да им биде потребно повеќе од 1 минута за да сфатат кое копче за што е. Како стандард, добивате 6.5-инчен дисплеј за infotainment системот, но јас би ви препорачал да го земете поголемиот 8-инчен дисплеј кој што го имаше тестираниот модел. Има многу подобра графика, побрз е, полесен за користење и добивате Smart Link( Apple CarPlay и Android Auto) поврзување за вашиот паметен телефон, гласовни команди и 8 звучника(за стандарден аудио систем е доста солиден). Infotainment системот во овој модел имаше и вграден навигациски систем кој работи супер, но јас лично не би доплатил за тоа бидејќи кога ќе го поврзете вашиот телефон со возилото може да користите апликации за навигација како Google Maps и слично…
Доколку и овој 8-инчен дисплеј не ви е доволен, Skoda има да Ви понуди поголем 9.2-инчен дисплеј кој доаѓа со 3D навигациски систем, WLAN и 64GB вградена меморија.
Најбитната работа поради која би купиле ваков голем SUV е просторот на задните седишта и големината на багажникот, Kodiaq во оваа област нуди мнооогу повеќе од доволно. На задните седишта многу удобно ќе може да седат луѓе до 190cm, а притоа да имаат доволно простор за нозете и главата. Исто така, по потреба ќе има простор и за уште еден патник, но сепак тој што ќе седи во средина поради високиот тунел нозете ќе треба да ги стави од страна, кај другите патници до него. Бидејќи Kodiaq е фамилијарно возило, децата кој ќе седат позади имаат одличен поглед надвор благодарение на големите прозори, плус целата кабина е светла што помага за да не се чувствуваат клаустрофобично на подолги патувања.
Во багажникот на располагање имате импресивни 720 литри, а доколку ги спуштите задните седишта добивате 2.065 литри. Просторот е во коцкаста форма и подот е скоро рамен, ставањето и вадењето на потешки работи нема да претставува проблем.
*овие податоци се за моделот со 5 седишта
Во понудата достапни се два бензински и два дизел мотори-
Бензински:
1.5 TSI со 150 коњски сили
2.0 TSI со 190 коњски сили /стандардно доаѓа со 4х4 систем и DSG автоматски менувач
Дизел:
2.0 TDI со 150 коњски сили
2.0 TDI со 190 коњски сили /стандардно доаѓа со 4х4 систем и DSG автоматски менувач
Моделот кој што го возев беше опремен со 2.0 TDI дизел моторот со 150 коњски сили и 340Nm вртежен момент. Како и 4х4 системот и 7-степен DSG автоматски менувач. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае 9.6 секунди, а максималната брзина е 196 км/ч.
Моторот е перфектен, перформансите кои ги има се сосема доволни за секојдневното градско возење и за подолги патувања на отворен пат. Претекнувањето е лесно и не се чувствува дека ви фали уште моќ. За пофалба е и автоматскиот менувач кој многу добро си ја завршува својата работа и е многу smooth, а според мене DSG менувачот на VW групацијата е меѓу најдобрите автоматски менувачи. Ако јас би купувал Kodiaq, една работа која што не би ја одбрал е 4х4 системот. Некои луѓе можеби и нема да се согласат со мене, но да бидеме реални, ако повеќето од времето возилото го возите на пат со нормални услови, а не на некои екстремни off-road авантури која е потребата од погон на сите тркала? Моделот со 4х4 системот тежи неколку килограми повеќе и плус има малку повисока потрошувачка.
Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 9 до 9.5 литри на 100 изминати километри. Со Kodiaq направив и еден мал road-trip, а просечната потрошувачка која ја имав на релација Скопје-Охрид изнесуваше 6.6 литри, со најнормално возење во рамки на ограничувањата.
Второто ниво Ambition ја вклучува следната стандардна опрема: Full LED предни светла со динамична контрола, задни LED светла, Front Assist–радар за автоматско сопирање при појава на препрека, автоматски клима уред, BOLERO infotainment систем со 8-инчен дисплеј, патен компјутер, греење на предни седишта, лумбарна поддршка на предни седишта, 17-инчни алуминиумски бандажи, задни паркинг сензори, автоматско затемнување и преклопување на ретровизори, темпомат со ограничувач на брзина, електрично отворање/затворање на багажникот, off-road пакет, мултифункционален кожен управувач и многу друго…
Какво е возењето во Kodiaq?
Со оглед на тоа дека се работи за SUV модел, седите доста високо и имате одлична прегледност напред и од страните, за позади дефинитивно ви требаат сензори(стандард во второто ниво и нагоре). Она што мене ми се допадна е дека управувачот е многу лесен, со што возењето во град и маневрирање во тесни места е доста лесно и не осеќате дека возите толку големо возило. Но, лошата страна на тоа е што при возење на автопат воланот е сеуште лесен и може малку да нервира…ова може да го подобрите доколку ја имате опцијата за да изберете различен Driving mode и кога ќе го ставите во Sport, воланот добива екстра тежина, разликата не е преголема, но дефинитивно помага. Исто така, како опција достапно е и Dynamic Chassis Control, а со оваа опција разликата помеѓу Normal и Sport е многу поголема. На помали брзини во град малку се осеќаат дупки и нерамнини, но ‘overall’ возењето е доста комфорно. На отворен пат е комплетно друга приказна, а бидејќи сакав да дознаам каков е Kodiaq на подолги патувања, направив еден трип од Скопје до Охрид и назад. Возењето е многу порелаксирано и покомфорно, изолацијата е на солидно ниво и има само минимална бучава од големите ретровизори, но реално не е нешто што ќе ви пречи. Kodiaq е тип на возило со кое што без никаков проблем ќе може да поминете илјадници километри, а притоа да не бидете изморени од патот. Доколку поминувате многу километри на отворен пат би ви препорачал да го земете опционалниот адаптивен темпомат кој работи заедно со Front Assist системот, тестираниот модел ја имаше оваа опција и работи перфектно. Кога станува збор за динамичност, Kodiaq е сосема океј. Да, нормално дека има понагласено навалување во кривини, но со оглед на габаритот и големината на возилото тоа е сосема очекувано. Не е возило кое го купувате за да уживате во брза и динамична вожња.
Почетната цена на Skoda Kodiaq 1.5 TSI ACTIVE изнесува 24.170€.
Цената на тестираниот модел Skoda Kodiaq 2.0 TDI 150 4×4 DSG Ambition изнесува 30.900€.
Повеќе информации за возилото може да најдете на https://www.skoda.com.mk/kodiaq/kodiaq