Во портфолиото на Skoda, Kodiaq е најголемиот SUV модел и уште од своето прво претставување стана вистински бестселер за брендот и воедно еден од најпопуларните модели во сегментот. Сето ова не е воопшто изненадувачки, бидејќи Skoda Kodiaq нуди се што им е потребно на семејствата, односно богата опрема, пространа внатрешност и економични мотори. Сето ова без никаква „врева“.
Времето лета неверојатно, дали ви се верува дека Kodiaq се појави на пазарот пред 7 години? Оваа генерација на Kodiaq неодамна доби и деликатно освежување, кое малку ја подмлади силуетата и внесе нешто побогата опрема, но нема преголеми промени. Ова е типичен фејслифт, благодарение на што Skoda Kodiaq треба да одржи висока позиција на пазарот и ако нешто им се допаѓа на клиентите, подобро е да не го расипувате, нели? Сосема правилна одлука на Skoda бидејќи и после толку години на пазарот, автомобилот сеуште изгледа некако привлечно и свежо. Премиерата на новата втора генерација е веќе закажана и ќе се случи при крајот на оваа година, а тоа може да биде и последна генерација на овој автомобил. Доколку не се случи нешто неочекувано, веројатно нема да има место за ваков тип на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување во Европа…
Skoda се одлучи за многу суптилно козметичко освежување, кое во основа е ограничено на прилагодување на изгледот на Kodiaq на актуелната стилска линија на брендот. Предниот дел има нова решетка, редизајниран браник со нови доводи за воздух, реконструирана хауба и потенки фарови, кои се со LED Matrix технологија од Style нивото па нагоре. Секако, има и нови бои и дизајни на тркала, додека во задниот дел од каросеријата може да се приметат сменети задни светла (стандардно со LED технологија) и сјаен спојлер на покривот. Мали промени, но ако го погледнеме моделот пред фејслифт, може да видиме дека Kodiaq стана малку помодерен и поинтересен.
Секако, изгледот е секогаш прашање на вкус, но според мене Skoda Kodiaq сепак изгледа многу добро. Додуша, силуетата е прилично коцкаста и можеби не плени, но не може да се каже дека автомобилот „не е убав“. Е сега, тест примерокот кој пристигна во „мојата“ гаража изгледа уште поатрактивно благодарение на тоа што станува збор за поспортската Sportline верзија која се разликува на многу начини од другите верзии.
Односно, од надвор, Sportline верзијата се разликува по тоа што добива браници кои се целосно во боја на каросеријата, голем број на црни елементи – решетката на ладилникот, ретровизорите, шините на покривот, лајсните околу прозорците и натписите се во сјајна црна боја. Sportline ознаки може да се најдат и на предните крила и стандардно доаѓа со 19-инчни бандажи, сепак тест примерокот беше опремен со опционални 20-инчни бандажи. Голем фан сум и на конфигурацијата на конкретниот модел – Steel Grey бојата одлично му стои на Kodiaq, а во комбинација со сите тие црни елементи и големите двобојни бандажи едноставно придонесува за впечатлив изглед и убаво го нагласува поспортскиот карактер на оваа верзија.
Мали промени се појавија и во внатрешноста на новиот Skoda Kodiaq. Освежениот модел ќе се препознае по новиот волан со два краци (во стандардните верзии), малку променет виртуелен кокпит, пообемно амбиентално осветлување и неколку нови дизајнерски елементи. Она што е одлично е што Kodiaq ја задржа „user-friendly“ околината со физички контроли дури и по освежувањето. Засебниот панел има физички контроли за клима уредот, со притискање на копче исто така можете да го вклучите греењето на седиштата, да го исклучите старт-стоп системот, да смените режим на возење и така натаму. Ми се допаѓаат и контролите на воланот, тие се многу подобри и попријатни од оние „тач-контроли“ познати од другите автомобили на Volkswagen групацијата. Во Kodiaq едноставно се чувствувате како во нормален автомобил и не е потребно долго време за да седнете и учите која функција каде се наоѓа – нешто што е голема реткост во денешно време.
Во внатрешноста, највпечатлив елемент на оваа Sportline верзија се прекрасните спортски bucket седишта – освен што изгледаат одлично, нудат и одлична странична поддршка, како и задоволителна удобност. Специјално за оваа верзија има и волан со три краци обложен во перфорирана кожа, карбонски облоги на контролната табла, како и алуминиумски педали. Дополнително, тест примерокот е опремен и со огромен панорамски стаклен покрив, кој придонесува за поголема светлина да влегува во кабината и едноставно ја прави целата кабина многу поинтересна.
Покрај тоа, квалитетот во внатрешноста е на доста високо ниво. Контролната табла е обложена со кожа и завршена со украсни бели шевови, облога од кожа и алкантара може да се најде и на панелите на вратите, на потпирачот за раце, па дури и на потпирачите за раце во задниот дел. Исто така, повеќето елементи се изработени од меки и многу квалитетни материјали. Ова е навистина многу убав и атрактивен ентериер, а пред се и многу практичен, во кој сите елементи работат заедно. Овде навистина нема за што да се пожалите. Ептен ако мора за нешто да најдам замерка, тоа би било можеби малку поголемата количина на сјајно пијано црни елементи, кои го рефлектираат сонцето и се многу подложени на ситни гребаници и прашина.
Пред возачот во оваа Sportline верзија стандардно се добива дигитален виртуелен кокпит со екран од 10.25-инчи. Како што доликува за Skoda, дигиталниот екран е многу читлив, графиката е пријатна за око и самата работа не предизвикува никакви проблеми, а достапни се и неколку различни прикази од кои може да одберете. Кога станува збор за инфо-забавниот систем, стандардно се добива Amundsen 8-инчен екран – таков има и тест примерокот, но во постара верзија отколку онаа во најновите модели на чешкиот бренд. Како дополнителна опција, достапен е и поголем Columbus систем со 9.2-инчен екран. Инаку, системот работи непречено, добро реагира на сите команди и совршено се поврзува (wireless) со паметни телефони преку Apple CarPlay и Android Auto. Благодарение на добрата резолуција и одличната паркинг камера, сликата што се прикажува на екранот има одличен квалитет. Можеби е малку помалку модерно од она што можеме да го видиме, на пример, во новата Skoda Octavia, но овој систем е каде-каде полесен за користење и не мора да го користиме екранот за секоја ситница.
Skoda не е Skoda ако не нуди премногу простор за одлагање на ситници и многу други практични решенија. Па и Kodiaq не е исклучок од ова, внатрешноста има многу прегради, џебови и полици, што е навистина важно во семеен автомобил. Пред патникот нема една, туку две прегради. Одделот за складирање сместен на традиционално место пред совозачот е доста голем и широк. Покрај тоа, во вратите има многу пространи џебови, кои се обложени со ткаенина, како и голема преграда за складирање во потпирачот за раце, која има посебен организатор. Има простор за пијалоци, клуч и други ситници, а доколку не ви треба тој организатор доволно е да го извадите и сокриете во багажникот. На левата страна на управувачкиот столб, на висина на колената, имаме уште една преграда што може да се заклучува за некои ситници. Благодарение на ова, многу е лесно да се одржува редот во Skoda Kodiaq.
Вториот ред на седишта, количината на простор за нозете и главата позитивно изненадува, бидејќи може да се седи како во вистинска лимузина. Покрај тоа, патниците имаат на располагање посебна зона за клима уредот, штекер од 12 V, потпирач за раце, пространи џебови во вратите, а како дополнителна опција надворешните седишта може и да се загреваат. Друга интересна опција е тоа што Skoda Kodiaq може да биде опремен и со штекер од 230 V на задните седишта и во случај на семеен автомобил, тоа е дефинитивно нешто за што треба да се одлучите.
Она што го издвојува Kodiaq од конкуренцијата е багажниот простор. Во стандардната конфигурација, багажникот нуди импресивни 835 литри капацатитет, додека со спуштени задни седишта капацитетот прераснува на 2065 литри. Skoda исто така не заборави на практичната страна на багажниот простор, бидејќи имаме посебно место за складирање на ролетната, има и куки и закачалки, штекер од 12 V и многу други практични решенија за распоредување.
Што се однесува до понудата на мотори, кај Sportline верзијата достапни се вкупно три мотори. Понудата започнува со 2.0-литарскиот TDI дизел мотор со 150 коњски сили, а од истиот мотор достапна е и верзија со 200 коњски сили која доаѓа и со 4×4 погон на сите четири тркала. Има и еден бензинец, односно 2.0-литарски TSI со 190 коњски сили кој исто така стандардно е опремен со 4×4 погон. Инаку сите верзии се опремени со 7-степен DSG автоматски менувач.
Тест примерокот е опремен со основниот 2.0-литарски TDI дизел мотор кој генерира 150 коњски сили од 3000 до 4200 вртежи во минута и 360 Nm вртежен момент од 1600 до 2750 вртежи во минута. Во овој случај силата ја испраќа само кон предните тркала преку 7-степен DSG автоматски менувач. Оваа конфигурација овозможува забрзување до 100 км/ч за 9.6 секунди и постигнува максимална брзина од 204 км/ч.
Овој мотор е навистина одличен, Volkswagen групацијата има големо искуство со дизел мотори, а може и да се каже дека токму TDI моторите се и едни од најдобрите дизели на пазарот. На пример, софистицираноста на моторот е сосема пристојна. При првото ладно стартување го има оној карактеристичен дизелски звук, но откако ќе се загрее, бучавата никако не ја нарушува кабината. Динамиката е исто така пристојна. Секако, не треба да очекувате „кинење на асфалтот“ или други слични чуда, но особено во средниот опсег на вртежи, моторот работи навистина убаво. Од друга страна, неговите реакции на гасот би можеле да бидат подобри, понекогаш му треба доста време да се разбуди. Чувството на одредена мрзеливост е подвлечено и главно од автоматскиот менувач бидејќи во последниве години има нов софтвер, кој го одржува дизелот во „неспортско“ поставување со најниска можна брзина и има моменти кога не сака да му се предаде.
Од друга страна, Kodiaq опремен со оваа послаба верзија на 2.0-литарскиот TDI дури и не поттикнува често притискање на десната педала или можеби брзање. Но, ако сепак треба силно да забрзувате, со префрлување во Sport режимот моторот и менувачот стануваат пореспонзивни, или уште подобро, може мануелно да смените брзина со педалите на воланот. Во вистинските вртежи, Kodiaq забрзува повеќе од пристојно – дури и на автопат, на угорнина или со целосно натоварена кабина.
Друго пријатно изненадување за мене беше потрошувачката. Се разбира, за ваков голем SUV, не можеме да очекуваме ниски бројки, но вредностите што ги покажа патниот компјутер се навистина за пофалба. Во градски услови на возење, потрошувачката се движи околу 8 литри, на автопат со возење според пропишаната брзина компјутерот ми покажа потрошувачка од 7.1 литри, додека на регионален пат потрошувачката изнесува 5.8 литри. Ова се и повеќе од одлични бројки кога ќе се земе во предвид големината и тежината на автомобилот.
Освен тоа, ваквиот погонски систем е надополнет со суспензија и управување, кои исто така се фокусирани првенствено на удобноста. Суспензијата е подесена многу удобно, благодарение на што има впечаток дека автомобилот лебди на нерамни површини, и покрај тоа што мојот тест модел дојде со огромни 20-инчни бандажи и нископрофилни гуми. Возењето во овој автомобил е вистинско задоволство. Дополнително на тоа што Kodiaq е и совршено звучно изолиран, а во кабината има минимална бучава од ветер што е неизбежно за волку голем автомобил. Kodiaq Sportline добива и прогресивен систем за управување, кој обезбедува посигурно управување при поголеми брзини, но во исто време, во градски услови, воланот е полесен и овозможува полесно маневрирање.
Сепак, заборавете на подинамично возење во поостри свиоци, бидејќи Skoda Kodiaq и во оваа Sportline верзија е автомобил фокусиран првенствено на удобноста. Ако претерате во свиоците, веднаш ќе почувствувате подуправување и навалување на телото, но нема што да се грижите, бидејќи и во такви ситуации Kodiaq не ја губи стабилноста и лесно се контролира. Исто така, за оние „попребирливите“, како опција достапна е и DCC адаптива шасија која во зависност од одбраниот режим ја менува цврстината на суспензијата. А за оние што бараат поголеми спортски емоции и помоќен погон, тука е вистинската спортска RS верзија.
ГАЛЕРИЈА ОД ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ
Почетната цена на Skoda Kodiaq 1.5 TSI 150 Ambition изнесува 33.110 евра.
Цената на тестираниот модел Skoda Kodiaq 2.0 TDI 150 DSG Sportline изнесува 49.810 евра.
Повеќе информации за автомобилот може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на Skoda.