Оваа трета генерација на Leon прв пат се појави на пазарот во 2012 година, а во 2017 го доби својот фејслифт во кој има мали измени на надворешниот, внатрешниот дизајн и нови мотори. Базиран е на одличната MQB платформа која што се користи и кај Volkswagen Golf, Audi A3 и Skoda Octavia.
Должината на возилото изнесува 4.263мм, ширината е 1.816мм и висината е 1.459мм.

Seat Leon долго време ми е еден од омилените хечбек модели, не е совршен, но дизајнот и возењето ми оставија одличен впечаток уште првиот пат кога седнав во него. Надворешниот дизајн кој е со многу остри линии во споредба со VW Golf изгледа многу постилски, поспортски и доста попривлечен. Од било кој агол да го гледате изгледа совршено! Особено до израз доаѓаат предните Full LED светла кои имаат многу интересен дизајн. Освен оваа верзија на хечбек со 5 врати Leon се нуди и во караванска ST изведба, X-PERIENCE Off-Road изведба која доаѓа со погон на сите 4 тркала и за крај е најјаката CUPRA изведба која исто така е достапна и како караван, бидејќи зошто да не. Тестираниот модел беше во највисокото XCELLENCE ниво на опрема што значи мнооогу опрема. Достапни се пет нивоа на опременост: REFERENCE, STYLE, XCELLENCE, FR и CUPRA. Нивото кое што јас би го препорачал и би ги задоволило потребите на повеќето луѓе е STYLE, во стандардната опрема добивате се што ви е потребно.
Што е разликата помеѓу XCELLENCE и FR? – Стандардната опрема која ја добивате во овие две нивоа е скоро иста. Разликата е во надворешниот и во внатрешниот дизајн, во FR предниот и задниот браник се поспортски и во ентериерот добивате поспортски детали и црвен stitching на седиштата, воланот и менувачот. Најбитната работа во FR нивото е тоа што добивате спортска суспензија која е за 15мм пониска и малку потврда што значи дека е многу постабилен низ кривини и поинтересен за возење!
Ентериерот во Leon изгледа убаво и е пријатно место за седење.Материјалите внатре се од добар квалитет, но има доста места каде што се тврди на допир. Целиот дизајн е со спортски feeling и е нешто комплетно различно од сите конкурентни модели. Едно нешто што мене не ми се допаѓа е тоа што во REFERENCE и STYLE нивото целиот ентериер е црн и изгледа малку досадно…нема некои детали во друга боја како што е во XCELLENCE нивото каде што на централната конзола и кај инструмент таблата добивате сребрен трим што му дава многу полуксузен изглед, а пак во FR нивото добивате сјајно црн трим кој во комбинација со црвениот stitching на воланот, менувачот и седиштата изгледа совршено. Контролите за климата и сите други копчиња се на перфектно место и се лесни за користење при возење.
Седиштата се удобни и имаат многу подесувања така што и повисоки луѓе нема да имаат проблем да седат удобно. Нешто што ќе приметете одма штом седнете зад управувачот е тоа што седечката позиција е пониска од нормалата, а доброто на тоа е што при возење Ви дава малку поспортско чувство. Infotainment системот работи брзо, има едноставно мени и е лесен за користење-еден од најдобрите системи на пазарот. REFERENCE и STYLE стандард добиваат дисплеј од 5 инчи кој е океј, но би Ви препорачал да го земете 8 инчниот дисплеј. XCELLENCE и FR стандард го добиваат дисплејот од 8 инчи и поддршка за Apple CarPlay и AndroidAuto. Tестираниот модел имаше и вграден навигациски систем – одлично работи, но според мене не е потребен бидејќи вашиот смарт телефон може да го поврзете со возилото и да користите некоја навигација од телефонот.Тие екстра пари подобро би било да ги дадете за BEATS аудио системот со 10 звучници и subwoofer, а квалитетот и јачината кои ги добивате од овој систем е нешто предобро! Во Leon како опција сега е достапен и активен инфо дигитален дисплеј во замена за стандардната инструмент табла.
Просторот на задните седишта е одличен, луѓе до 190cm ќе имаат доволно простор за нозете и главата. Нема да биде проблем и ако треба да се возат тројца патници позади, тој во средина ќе може да седи удобно и просторот за нозете и главата ќе му биде сосема доволен. Сепак ептен долги патувања може да претставуваат мал проблем. Во багажникот достапни Ви се 380 литри исто колку што има и VW Golf, но во Leon подот не е комплетно рамен иако може да се подеси по висина.Формата на просторот е коцкаста и има доволно место за да ги собере сите потребни работи на една фамилија. Задна деллива клупа(60:40) добивате како стандард, а кога ќе ја спуштите на располагање достапни Ви се 1.210 литри.
Во понудата на мотори достапни се два дизел и три бензински мотори:
Дизел:
1.6 TDI со 115 коњски сили
2.0 TDI со 150 коњски сили
Бензински:
1.0 TSI со 85 коњски сили
1.0 TSI со 115 коњски сили
1.5 TSI со 150 коњски сили
CUPRA- 2.0 TSI со 290 коњски сили
Некои од овие мотори се исто така достапни и со DSG автоматски менувач.
Моторот кој што јас би го препорачал е 1.0 TSI со 115 коњски сили, перформансите кои ги има се солидни и сосема доволни за секојдневно возење низ град и за на отворен пат не е до толку слаб, а и потрошувачката не е превисока. 1.6 TDI би го препорачал на оние кои што поминуваат многу километри годишно и повеќето од времето ќе го поминат на отворен пат. Овој мотор го возев во VW Golf пред некој месец-перфектен за овој тип на возило. За тие што ќе кажат дека овие мотори им се преслаби, тука е 1.5 TSI турбо-бензинецот со 150 коњски сили кој кога возите низ град гаси два цилиндри за да има пониска потрошувачка, а кога ќе ја притиснете педалата за гас одма се вклучуваат и целата јачина на моторот е достапна веднаш. Плус и звукот кој го има овој мотор на повисоки вртежи е баш спортски – ако сте во можност дефинитивно земете го овој мотор, вреди многу за цената.
Тестираниот модел беше опремен со најјакиот мотор, а тоа е 2.0 TDI со 150 коњски сили и 320Nm вртежен момент. Феноменален мотор – перформансите се повеќе од доволни како и за во град така и за на отворен пат.Дури и на повисоки вртежи нема преголема бучава во кабината. Мојата просечна потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше од 6.5 до 7 литри на 100 изминати километри.На отворен пат очекувајте потрошувачка од околу 5.5 литри.
Xcellence нивото содржи стандардна опрема како што се: Keyless entry+go, автоматски двозонски клима уред, Media system plus-infotainment систем со 8 инчен дисплеј, LED амбиентално осветлување, електрична паркинг рачна, спортски предни седишта, блокада на диференцијал-XDS, систем за автоматско сопирање од фронтален удар, 17 инчни алуминиумски фелни, комфорна суспензија, електрика на предни и задни стакла, Full LED предни светла со LED магленки , задни LED светла, борд компјутер, темпомат, сензор за автоматско вклучување на светла, сензор за дожд, внатрешен ретровизор со автоматско затемнување, задни паркинг сензори и уште многу, многу други работи…
Плус, ова возило имаше дополнителна опрема- предни паркинг сензори, задна паркинг камера, навигациски систем, зимски пакет, аудио систем со 10 звучници и subwoofer…
SEAT Leon e многу лесен за возење во секакви услови, но и многу агилен и забавен! Да, суспензијата е потврда во споредба со VW Golf и дупките низ градските улици ќе ги осеќате малку повеќе, но предноста на Leon е тоа што возењето е поспортско и нема преголемо навалување, а на пат со кривини ќе Ви биде многу позабавно. На отворен пат тоа што е потврд не се осеќа до толку како во град и без проблем може да се поминуваат многу километри. Управувачот е лесен за маневрирање и многу прецизен, а менувачот работи перфектно – дефинитивно SEAT ги има едни од најдобрите мануелни менувачи. За изолацијата во возилото немам никави замерки бидејќи е тивко и нема некоја преголема бучава што би Ви пречела. Прегледноста напред, од страните и назад е одлична, нема некој мртов агол што ќе Ви пречи при паркирање и искачање од споредни улички. Дури и без задни паркинг сензори може многу лесно да се паркирате.
Ако сакате возило кое е доста практично и во исто време е забавно за возење-SEAT Leon би бил правиот избор! Било кој модел и мотор да го одберете добивате одлична вредност за парите.
Моментално SEAT Leon со 1.6 TDI мотор се нуди по промотивна цена од 16.500€.
Цената на тестираниот модел SEAT Leon Xcellence 2.0 TDI изнесува 22.500€.
Повеќе информации за возилото може да најдете ТУКА или да го посетите продажниот салон на SEAT.