Тест: Seat Ateca FR 2.0 TDI 4Drive

Ateca е првиот SUV на Seat, ја користи платформата од Volkswagen Tiguan, a базирана е на Seat Leon. Должината е 4363мм, ширината е 1841мм и висината е 1615мм.

Надворешниот дизајн на Ateca во споредба со Tiguan изгледа малку поспортски и попривлечен. За прв SUV модел Seat одлично си ја завршиле работата. Конкретно тестираниот модел беше во FR ниво на опрема, а FR се разликува по тоа што долниот дел на предниот и задниот браник се во боја на каросерија, стандардно доаѓа со 18 инчни бандажи и напред на маската за ладилникот и на багажникот го има логото FR. На располагање имате четири нивоа на опрема: Reference, Style, Xcellence и FR. Reference јас би го тргнал одма бидејќи не добивате многу стандардна опрема, нивото кое би го препорачал е Style зошто е доста солидно опремено, сепак ако сакате многу повеќе опрема тука се Xcellence и FR, a разликата помеѓу нив е некои ситници на надворешноста и внатрешноста.

Внатрешниот изглед е скоро ист како оној во Leon, тоа и не е лошо бидејќи изгледа фантастично. Повеќето материјали кои ќе ги допрете се меки на допир и се од добар квалитет, сепак на долниот дел на централната конзола и на вратите има тврди пластики но, тие се места кои што не ги допирате премногу. Infotainment системот работи перфектно, нема никакви сецкања, резолуцијата е одлична и е многу лесен за користење. Во тестираниот модел го имаше поголемиот дисплеј од 8 инчи со поддршка за АppleCarPlay и AndroidAuto, кој јас би ви препорачал да го земете.

Просторот на задните седишта е и повеќе од доволен, луѓе кои се до 200cm високи нема да имаат никаков проблем со просторот за нозете и главата и ќе може да седат удобно. Тројца возрасни луѓе би можеле да седат но, не за премногу долги патувања бидејќи во средината има поголем тунел за трансмисијата па така тој што ќе седи во средина нема да му биде баш удобно. Во багажниот простор имате на располагање 510 литри, што се сосема доволни за сите куфери и ситници на едно семејство. Отварањето е одлично и лесно ќе може да ставате и вадите дури и потешки работи во него.

Кога станува збор за мотори, изборот е доста голем, и на располагање имате вкупно шест мотори-
Бензински:
1.0 TSI со 115 коњски сили
1.5 TSI со 150 коњски сили
2.0 TSI со 190 коњски сили
Дизел:
1.6 TDI со 115 коњски сили
2.0 TDI со 150 коњски сили
2.0 TDI со 190 коњски сили

Повеќето може да ги земете и со DSG автоматски менувач и 4Drive системот што значи погон на сите тркала. 1.0 TSI моторот не ви го препорачувам бидејќи за овој тип на возило е премногу слаб, најдобрата опција би бил 1.5 ТSI или ако поминувате многу километри годишно би го препорачал 2.0 ТDI 150. Тестираниот модел беше опремен со 2.0 ТDI мотор со 150 коњски сили и 340 Nm вртежен момент и плус го имаше 4Drive системот, моторот е перфектен и за во градски услови на возење и за на отворен пат бидејќи е многу економичен. Мојата потрошувачка во градски услови на возење изнесуваше 7 литри на 100 изминати километри.

Нивото на опрема беше FR, а тоа подразбира: 18 инчни бандажи, автоматски двозонски клима уред, греење во предни седишта, Full LED предни светла, LED задни светла, Park Assist, паркинг сензори напред и назад, 8 инчен дисплеј, адаптивен темпомат, front assist, ambient lighting, управувач и менувач обложени во кожа, алкантара спортски седишта и уште многу многу други работи. Плус дополнителна опрема: Seat full link, зимски пакет, Seat sound system(10 звучници), електрично отварање и затварање на багажник и Top view camera(систем на камери со приказ од 360 степени)

Од возењето бев доста изненаден, поради повисоката седечка позиција прегледноста напред и назад е супер, управувачот е прецизен и точно знаете каде одат тркалата, менувачот е со краток од, а една можеби “лоша” страна е тоа што суспензијата е малку на потврдата страна. Сепак доброто на тоа е што во кривини нема многу навалување и возењето може да биде многу забавно, ќе имате чувство како да возите некој помал и полесен автомобил. Повеќето луѓе мислат дека во FR моделот суспензијата е потврда и пониска но, тоа не е точно бидејќи ја има истата како и сите други модели, на крај на денот се работи за SUV возило, а тоа не треба да биде спортско.

Почетната цена изнесува: 20.000€

Цената на тестираниот модел со FR ниво на опрема 2.0 ТDI 150 4Drive мотор изнесува: 32.940€

Повеќе информации за возилото може да најдете на:https://www.seat.mk/ateca/pregled или да го посетите продажниот салон на Seat.

ЗАКЛУЧОК
Seat Ateca е едно од најзабавните возила за возење во својата класа, изгледа секси и е доста практично. Добивате многу опрема и одлична вредност за парите!
ПОЗИТИВНО
Одлични возни карактеристики.
Добра стандардна опрема.
Перфектна ергономија во кабината.
НЕГАТИВНО
Некои конкуренти нудат поголем и попрактичен багажник.
Суспензијата е малку на потврдата страна.
4